Од збирката необјавени, објавени, премолчени текстови и мислења, дел од следната книга со работен наслов ЗБОГУМ ГОСПОДИНЕ ГУТЕНБЕРГ… една мала теориска прошетка.
Она што традиционалниот филозофски дискурс го подведува под т.н. „Возвишена осаменост“ во ерата на апсолутна медијализација го добива своето вистинско значење…
Наспроти првичните катастрофични предвидувања за зајакнување на тоталитаризмите од секој вид, многубројни се примерите каде што мали и анонимни субјекти прават силен пробив ползувајќи го „умно“ демократскиот потенцијал што е скриен во мрежата, се наметнуваат и ги реализираат своите планови, остварувајќи ги притоа своите соништа и претворајќи го виртуелниот занес во реална придобивка.
Најбогатите во историјата на човештвото, технолошките милијардери како Бил Гејтс, Марк Закерберг и Илон Маск, од скромни, но храбри уникатни нивоа на креативност, смелост, предвидливост и визии стекнуваат енормни богатства, но освен милијардите и милиони банкноти, пари, акции…, стануваат исто така исклучително моќни – социјално, културно, историски и политички.
Сѐ повеќе и во нашето современото живеење наслушнуваме за извонредни поединци „од нашиот сокак“ најчесто во анализите и написите за т.н. одлив на мозоци, кој капирајќи го навремено потенцијалот на новите информатички технологии и усвојувајќи ја како важен дел од сопствената визија, вртоглаво пораснуваат и се верифицираат како релевантен креативен, потенцијал и со своите успеси нѐ уверуваат дека за умните, вредни и амбициозни продолжетоци на нашата реалност постои извесна надеж. Тој своевиден продолжен простор низ кој се движиме според нашите сопствени временски ритми е во некоја рака демократска придобивка и стварност, која по својот карактер, иако претежно електронска, во нашите стеснети економски услови е вид психолошки баланс.
Оваа на изглед цинична мистификација во суштина е добар показател за правците на општествено-политичкиот ангажман за развивање и демократизирање на овие суптилни сфери на нашата реалност, на кои мора да ѝ се пријде со полна сериозност. Оставањето на овие деликатни задачи на транзициските и рецесиските ветроштини и на апетитите на бизнис-целите и политичкиот волунтаризам е ризично и, долгорочно гледано, може да создаде трагичен дисконтинуитет и заостанување.
Што се однесува до прашањето на фундаментални промени во економијата и во глобалниот општествен поредок, сѐ поизвесна и поприфатлива е тезата /теориски аспект/ дека во постинформатичкото општество се можни утопиите од типот социјализам, социјална правда, комунизам, кои во историскиот развиток првенствено имаа третман на економски поими, како резултат на силниот технолошки подем, при што се создадени услови за глобална понуда и распределба на информациски добра. Во услови на демократски амбиент, индивидуата, без оглед дали припаѓа на мали или големи народи, добива еднаква информациска вредносна супстанција и еднаква шанса за сопствен квалитетен развој и надградба и понатаму за креативна и квалитетна репродукција и интеграција во светските економски текови.
Додека скептиците во поглед на распределбата на информациските добра очекуваа почеток на нов тоталитарен надзор и груба, повторна експлоатација на економските и човечки ресурси, ентузијастите и оптимистите предвидуваат ризоматско поткопување на структурите на моќта и вистинско демократско глобално село на интернет.
Во иднина во подем, според предвидувањата, ќе бидат државите со најголеми човечки ресурси и со високоразвиени технологии, а не со суровини во вообичаената смисла на зборот.
Постинформациските општества ќе бидат мултиетнички заедници што ќе се базираат врз високотехнолошки профитни економии и во кои луѓето од најразлични меридијани ќе се движат слободно, носејќи со себе врзопи со високи информатички знаења. Технологијата се вгнездува во секое катче од нашиот кус и возбудлив живот и станува наша онтологија. Спонтаноста ја чуваме во својот автомобил од алуминиумски легури, во кој се вметнати минијатурни нано-делови, цевки и интелигентни процесори што ни овозможуваат да ги менуваме неговата боја и облик и неограничено да комуницираме со околината и со светот без последици по нашата емоционалност.
Стварноста создадена врз технолошка жанровска разновидност во Мрежата сѐ повеќе ќе може да биде замена за вистинскиот живот. Човечкиот род е длабоко навлезен во постинформатичкиот универзум. Силниот технолошки подем е вгнезден во нашите на изглед кревки информациски тела и во нашата свест и на сите еднакво ни овозможува да бидеме дел од глобалното цивилизациска битие. Но сето тоа заедно не значи по автоматизам некаков антрополошки прогрес. Технолошкиот прогрес може да влијае на планот на удобноста и живење на квалитетно време.
Глобалниот свет станува сѐ поголем предизвик за човештвото. Сосема е сигурно дека она што го овозможуваат информациските технологии и телекомуникации, во извесна смисла може да се спореди со природно богатство. Но разликата во тие две сфери е суштинска. Првата и основна дистинкција е што природното богатство е од локален, национален или државен карактер, а она што го овозможуваат информациските технологии е глобално.
Она што е важно дури и повеќе од едноставното богатство е тоа што конкретните погоре наведени милијардери се сметаат за претприемачки генијалци, кои покажуваат и експертиза за широк спектар на теми. Додадете го фактот дека многу од нив ги контролираат главните средства за комуникација – имено, клучните платформи за социјални медиуми – и ќе имате нешто речиси неспоредливо во поновата историја.
Аљоша Симјановски