Делби, поделби, разделби…

Длабока поделеност меѓу граѓанството, јавните личности, новинарите, академската и дипломатската фела. Разногласие доведено до степен на усвитеност, нетолерантност и лична нетрпеливост. Во медиумите и на социјалните мрежи редици тешки зборови, иронија, сарказам, фрустрираност, навреди, омраза, зла крв. Такви се размислувањата на многумина, на тема нивото и амбиентот во македонскиот дел од реалноста и пошироко во дијаспората. Што се однесува на спротивставените мислења и толкувања, па и остриот вокабулар кај политичарите, тоа, според теоријата и праксата, било и е легитимен дел од политичката борба и дејства. Но многумина поблиски и подалечни се загрижени за поделбите по однос на разните мислења, кај обичните луѓе, при што размислувањата и толкувања се земаат како голем грев, исклучивост, лоши намери. Или плурализмот е тој што многумина од нив ги дочека неподготвени, политички полуписмени, но и до невкус, гротеска и безобразие (не сите се разбира) – гласни, готови да спорат, оценуваат, валоризираат и врескаат. Политиката ги раскара луѓето, мислење што често може да се чуе и кое се востанови како резиме. Според мислењето на социолозите експерти, во прашање е неискуството во практикувањето на демократијата, што по повеќедецениско едноумие, кај генерации се востанови како ментален код, па стварноста и во денешните нови плурални услови продолжува да се третира и доживува акламативно, консензуално, еднонасочно.
За почеток да се потсетиме и да подвлечеме нешто што е видливо со голо око, а тоа е факот дека сме мала и политички релативно неискусна средина во која, како и секаде во белиот свет, легитимно е правото на граѓаните да имаат различни, вакви или онакви, свои политички уверувања и толкувања. Но факт е и дека уверувањата и толкувањата многу често се изградени како цврст бедем, севкупен и непомирлив поглед на светот. Корените на таквиот зацементиран, недијалектички пристап, зачинет со традиционалниот медитерански инает и сеирџиски менталитет, и ете ти разномислие, разногласие, делби, поделби, разделби. Во тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати, непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет.
Нашиот човек едноставно не трпи неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како Земјината тежа, против која е залудно да се војува. Постои само едно и тоа е секогаш нашето мислење и уверување, но и крајна нетолерантност кон неистомислениците. Во другите сфери, особено оние политичките, тие речиси и не постојат, тоа е темна зона во која секогаш се проектираат некакви задни намери, некакви лични интереси, анимозитети, политички скриени игри. Како и на кој начин да се полемизира со луѓе што не ги прифаќаат и практикуваат елементарните постулати на демократијата.
Наместо елементарно ниво на политичка култура и етички норми, гнасна, невкусна, безобѕирна битка, каде што величината на влогот и личниот интерес ги трасираат моралниот еквилибриум и отсуството на духовност. Да се битисува и опстојува со архитриковите од типот дивиде ет импреа, тоа е движечкиот пост скриптум што се исчитува под чадот на бомбите, континуираните немири, политикантството, перформансите…
Но, треба да се има ѓаволска храброст и трпеливост за да може човек секојдневно да се соочува со дузина преоблечени демократи, лицемери и трагикомични „первертити, жртви на сопствените контрадикции, кои најпрво убаво поживеаја во епохата на демократскиот социјализам, а сега одработуваат и бараат засолниште во резидуи на политиките на кои им должат безмалку сѐ – кариера, пари, привилегии, удобен и возбудлив живот.
Следствено и прашањето кој тип на единство му е потребен на современиот човек (/Македонецот), кој според тврдењата на „постмодерните политики и социолошки социолози“ е на ниско цивилизациско ниво и спаѓа меѓу простите народи, кои по правило се единствени и компактни и сите се некако ѓутуре нискообразовани и недоволно еманципирани и слепи да ги одберат вистинскиот пат и вредност, за да уживаат во и од плурализмот на идеите, но „во право се и кога го грешат и го одбираат погрешниот пат“.

За некои од тие недобронамерни искривоколчени погледи, Македонија е и останува вид коминтерновска екстериторијална преобразба, составена од неодамна измислени случувања, митови, историски факти, украдени приказни, епски пеења, херои, востанија. Во секоја погодна пригода се подметнува митот за македонското неединство, што е бреме во потсвеста на секој Македонец уште од времето пред и по илинденската епопеја, историско наследство, кое, за жал, и денес се подметнува и рефлектира во практиките и менталниот код нa Македонецот
Но длабоко се лажат оние што граѓаните ги прогласуваат за малоумни, некадарни, прости, без демократски капацитет и резон. На македонските граѓани со текот на времето, со приопштување и јакнење на информациските технологии сѐ помалку им се потребни „посредници“, саскачи, подбуцнувачи. Вистинската сила на младата македонска демократија е токму во зрелоста на граѓаните.
Не треба да бидеме преголеми песимисти, па да си велиме дека сме слаби и може да нѐ изеде волкот. Не треба да бидеме ниту преголеми оптимисти и да очекуваме дека ѕвездите ќе се наредат така што сѐ ќе ни оди во прилог… но нема да се изедеме како што некои ни предвидуваат и посакуваат.