Во контекстот на бугарско-македонскиот спор се појавија повеќе наводни експертски мислења дека Македонија мора да попушти на бугарските барања бидејќи е помала, послаба, посиромашна и понемоќна. Дека во современиот свет победува само силата и секој што е послаб мора да ја прифати таа реалност. Така и Македонија мора да ги прифати сите бугарски барања. Дека не било баш така низ историјата потврдуваат многу легенди и настани. Ако малите не се бореле против големите, светот ќе живееше во статус кво, уште ќе владееше првобитната заедница. Ако малите народи не се бореле за слобода и за своите права, никогаш не ќе направеле свои држави. Исто така е и со малите, слабите, сиромашните, хендикепираните – ако не влегувале во битки со поголемите и посилните, ако не се бореле за своите права, ќе биле заборавени, отфрлени.
Како некаков вид поука и порака ќе ја раскажеме библиската легенда за Давид и Голијат.
Царот Давид е еден од најславните и најславени еврејски цареви во нивната историја. Вториот цар на Евреите, освен по псалмите, по способностите како владетел и војсководец, во легендите е најпознат по неговата борба со Голијат. Изразот „Давид и Голијат“ е влезен речиси во сите западни јазици како симбол, како метафора, за неочекувана победа на послабиот над многу посилниот противник, на помалиот над поголемиот. Таа легенда, настаната пред три илјади години, е ширум позната и неброено пати опишувана, коментирана, толкувана. Не е одвишок да ја прераскажеме, зашто нејзината трајност е неминлива. Може да се однесува на многу нешта, на секој човек, на многу општи и индивидуални ситуации во животот.
Случката се случила (ако се случила) во време на воен конфликт меѓу Филистејците (необрезани по вера) и Израелците. Меѓу Филистејците бил некој голем маж, по име Голијат, со раст над два и пол метра, а и самото име му значи џин, голем, крупен човек. Четириесет дена по ред, секое утро излегувал на средината во полето меѓу двете војски и постојано, со презир кон противникот, го зборувал истото. Силно викал: „Зошто сте излегле да војувате. Изберете си еден човек и нека слезе при мене. Ако тој може да се бие со мене и ме убие, ние ќе ви бидеме робови, ако пак јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите“. И сите Израелци откако ќе го виделе и чуеле тој човек бегале од него, многу се плашеле и никој не се осмелувал да му излезе на мегдан.
Царот Саул, кој тогаш владеел, имал разгласено и таксано дека тој што ќе го убие Голијат ќе го награди со големо богатство. Би му ја дал ќерката за жена и би му обезбедил голема слава. И покрај богатите награди, таков јунак не се појавувал долго време. Најпосле излегол Давид, кого, според преданието, Господ го избрал за иден цар, а неговата лоза да биде најдолготрајна, за навек. Тоа се случило кога Давид бил уште дете што пасело овци. Поточно, Господ му се појавил и му ја одредил таа судбина кога го нашол на пасиште со овците. Давид било убаво русо дете, со пријатно лице, од каде што му е името, по кое на македонски би се викал Драган, Драги или Љубен. Уште од мал, како овчарче, се одликувал со борбеност и храброст, говорел умно, а знаел да свири на гусле и убаво да пее.
Значи, пастирчето Давид, уште дете, амбициозно и желно за докажување, дошло кај војската во долината и меѓу луѓето се фалело дека може да го победи Голијат. Гледајќи го мал и ситен, никој не му верувал, напротив, сите му се потсмевале, дури и браќата, кои биле војници. Најголемиот брат му се налутил и го прекорил со зборовите: „Зашто си дошол тука, кому му ги остави оние малку овци во пустината?“ Стигнал Давид и пред царот и побарал да се бoри против Голијат. Царот му рекол: „Не можеш ти да се бориш против него, зашто си уште момче, а тој е војник уште од младини“. А Давид кажал дека додека ги чувал овците по шумските падини, убивал мечки и лавови ако му грабнеле овца од стадото. Кревајќи се на големо, велел дека истото тоа ќе му го направи на Голијат, зашто знае дека има божја помош, дека зад него стои Господ. Видел, не видел, царот му поверувал и му дозволил да се бори, притоа немајќи никаква надеж за победа, без и најмала помисла дека може да го совлада тој гороломник.
Голијат бил во бакарна оклопна облека, тешка шеесетина кила, вооружен со меч, штит и долго копје. Се обиделе и на Давид да му стават таква заштита, но тој во неа не можел ниту рака да крене ниту да мрдне. Го фрлил тој товар, го зел стапот свој пастирски, одбрал пет мазни камчиња од потокот, ги ставил во овчарската торба, зел праќа во раката и излегол пред Филистеецот. Кога се приближиле еден до друг, Голијат го гледал со презир и иронија, зашто бил млад, нежен и убав, неискусен и слаб, и му рекол на Давида: „Зошто си тргнал против мене со стап и со камења? Да не сум куче?“ Давид му одговорил: „Не си куче, ти си подолен од куче“. И уште му рекол: „Сега јас ќе те убијам, ќе ја симнам главата твоја и ќе им го дадам твојот труп на птиците небески и ѕверовите земни и целата земја ќе дознае оти има Бог, кој е со мене“.
Потоа, Давид се оддалечил доволно, бркнал со раката во торбата, извадил оттаму еден камен и фрлил со праќата. Го погодил Голијата право меѓу очи, така што каменот му се забил во челото и тој паднал ничкум на земјата. Така, со праќа и со камен, го соборил, потоа му го извадил мечот од корицата и му ја пресекол главата. Тогаш Филистејците се разбегале, фитиљ фатиле, не се знае до каде стигнале.
Таков бил исходот на борбата, која, како што беше споменато на почетокот, до денес остана симбол за победата на навидум немоќниот над видливо посилниот противник. За победата на слабиот над силниот, на немоќниот над надмоќниот. Метафора што кажува дека формалната, надворешно гледана сила, не секогаш е таа што победува. Дека во која било битка, освен силата, треба да се користат брзината, итрината, снаоѓањето во постапката. Ако Голијат, голем и тромав, мислел дека ќе се борат гради в гради, гадно се излажал. А се излажал бидејќи обичајот во дрвеното војување бил да се борат меѓу себе најсилните, за да се избегнат масовни крвопролевања, да не страда многу народ во непотребни судири.
Давид само за миг ја превртел наопаку традиционалната воена стратегија, повлекол од никого неочекуван потег и ја добил војната. Само со една праќа, со еден камен, направил изненадувачки пресврт, ја изместил предноста на силите на противникот, ја преобрнал ситуацијата на теренот во полза на Евреите, иако пред тоа се предвидувал тежок пораз на неговите земјаци.
Така останала библиската приказна за Давид и Голијат до денешни дни, иако има сомневања дали тој настан е вистинит. Без разлика, таа од една страна нѐ учи дека џиновите не се толку моќни како што изгледаат. Малиот Давид победил, а по неколку години седнал на престолот и станал успешен цар, кој ги обединил дванаесетте еврејски племиња и го основал градот Ерусалим. Но, од друга страна, многумина проучувачи на тој настан не забораваат метафорично да споменат дека во животните ситуации Давид знае добро да изигра, но Голијат си е Голијат, кој никогаш не останал без почетна предност и не ги губи битките така непромислено и лесно.