Дарувања и маслиново гранче

Декември е и крај на уште една долга–куса година. Некому првото, некому второто. Како и да е, ги броиме последните денови од една година некому за помнење по бериќет и убави нешта, некому потреба од заборав. Со векови е така. Бидејќи по природа сме алчни, тоа е еден од седумте грева, само небото и земјата ни се граница.
Можеби еден ден ќе станеме совршени, особено ако нѐ коригира нашиот нов пријател – вештачката интелигенција. Таа мора да се спомне на крајот од годината во која засилено ја доживеа својата саемска и глобална промоција. Едноставно, се претвори во холивудски хит и веќе се пробива и до најдалечните места на планетава. Се спомнува ударно, малкумина ја разбираат. Секако е така бидејќи имаме потреба од роботика и роботи на сметка на луѓето што се мрзеливи, потфрлаат во извршување на своите должности, треба да се платат, да им се обезбеди здравствено и секакво друго осигурување и да не зборуваме дека тие секогаш се товар на профитот. Се здружуваат во униони – синдикати кобајаги против мерките на власта и така да ги загрозат законите на економијата и реномето на стопанот. Роботите не креваат штрајкови, нема ни штрајкбрехери. Тие не се организираат против газдите, немаат семејства ниту стомачни тегоби кога цревата кркорат кога се празни.
Економијата, пак, од своја страна е влекач што постојано ги менува формата и траекторијата и се приспособува на интензитетот на моќта на синдикатите. Не знам само колку нови правила беа игнорирани и се фундамент на економијата, а други измислени за време на воените дејства во Украина и Газа и немаат врска со неа. Санкции и протекционизам, на пример. Судан и другите воени жаришта нема да ги спомнам бидејќи таму како да не живеат луѓе – горка иронија по однос на застапеноста во медиумскиот простор. Се разбира, можеби потребите на воените економии променија многу нешта во нормалните економски текови.
За оние што го разбираат светот, светот се претвори во комедија, но не и финита. Треба да се живее па макар и со црно петно на кариерата. Могерини, на пример. Висок функционер на ЕУ што нѐ подучуваше (не само нас) како да дејствуваме за влез во ексклузивниот европски клуб. Уапсена е за корупција и измами во тендерски процедури. Но тоа е само ентертејмент. Бре! Какви советници ни дојдоа, ќе мора да ги прошириме казаматите. Ама тие и вака се пренаселени. Многу ајдуци на мал простор. Галиба, таму некаде, западно од Балканот, не си успешен ако не влезеш во некоја финансиска афера. На Саркози му било тешко во затвор, па побара домашен притвор за да не го лазат стеници иако му беше подготвена салам претседателска ќелија. Што да се рече за полковникот Моамер ел Гадафи, кого го фрлија во канал веројатно затоа што му ја финансирал претседателската кампања на горенаведениот?
Низ долгата улица на новата населба Дутлок, повеќе го нема стариот сладолетчија. Студено е и сезоната заврши. Но во земјите на некогашниот советски блок, за змрзлина или сладолед по наше, се чекаа редови дури и за време на Нова година и Божиќ. Откако ќе си го добиеја својот сладолед, таму луѓето повторно молчешкум ќе си застанеа на долгата опашка. Велија, нашиот слаткар од Врапчиште, Гостиварско, безмалку беше градоначалник на Зволен – Словачка Република. Сега Полска, Чешка, балтичките држави и уште некоја од некогашниот Варшавски договор имаат сѐ во Европската Унија. Не знам што им е потребно да бараат преку леб погача. Воинствени се бидејќи сега зад нив стои сила што колку до вчера беше нивниот идеолошки непријател. Можеби не е далеку вистината дека и понатаму се води идеолошка војна иако Русија не е комунистичка веќе триесетина години. Интересу порта фесу, велат Романците. Интересот ги отвора сите порти.

На местото на сладолетчијата остана барабанџијата (тапанарот) Јусуф за гласно да ги пренесува информациите што доаѓаа од општинските или околиските органи. Со пелцување на живината и со скопење на прасињата беше одамна завршено. Така беше тогаш. Барабанџијата му доаѓаше како портпарол на општинската влада. Пред Нова година, чувство на душевна радост, атмосфера што плени. Немаше светлечки реклами, ниту телевизиски промоции на црни петоци, хелоувини и поцрни саботи ама имаше насмевки и пријателски поздрави упатени од длабочина на душата. Детски се чудев кога во „Политикин забавник“ Пајо Паторот со пушка се бранеше од агенти што нудеа стока, а Пата и Мини ќе излезеа како искубани кокошки од големите продажни салони каде што се практикуваше распродажба. Ние со помош на нашите родители елката ќе ја китевме со пенѓир бонбони (ги викаа така затоа што беа бели и затоа што пенѓир е сирење по турски), завиткани во златести обвивки, и понекоја честитка со ликови на Дизни. Родителите ќе ставеа и чоколатца од топен шеќер со сликички од Петар Пан и оригинални шишарки што ги собиравме за потпала на печките. Ѕвездички се правеа или од светла хартија или од картони. А, да. Имаше и прскалки. Секако дека церемонијата на китење секогаш беше проследена со пеење на прекрасната песничка „Елко, елко“ на тандемот Скаловски–Ивановски… Дел по дел, ќе поткраднувавме од бонбоните и во златестата хартија ќе ставевме ситни камчиња за да не добиеме бувтамбек (ќотек).
Декември беше и месец на лудории. Снежни навеви до метар и повеќе, кои често нѐ дружеа до пролет. Тие ни овозможуваа од улицата да направиме големо лизгалиште бидејќи автомобилите беа реткост. Врева, црвени образи и носиња. Ни шалови ни врагови. Ведри лица, дрвени санки, сличуги – лизгалки од тркалезни железни шипки. Правевме тврдини од снег и фрлавме топки. Која сила да нѐ прибере дома. Во градскиот стадион надојден Вардар навлегуваше низ урнатиот ѕид од западната страна. За време на студ, водата мрзнеше. Секој ден, хокеј со стапови широки на врвот и со парчиња мраз како пак-плочки. Кога ќе се приберевме дома, волнените чорапи исплетени од нашите баби и мајки, топ водени. Нозете искиснати, рацете измрзнати. Подноктиците ги лечевме со студена вода.
На плоштадот, картонски сендвичи. На нив нацртани Снежана и џуџињата, заспаната убавица, волкот и трите прасиња, Буратино (рускиот пандан на Пинокио) со неговите непријатели од „Златното клуче“, Карабаш Барабаш, лисицата и мачорот и други. Многупати ќе свртевме околу нив очекувајќи нешто ново и ќе се присетевме на нивните авантури. Градските трафики беа покриени со прекрасни честитки. Во киното „Култура“ анимиран филм со ирвасот Светлан и цртани со Мики, Пајо и Гулфи. Навечер „Вичита“, вестерн со Мекри и Вера Мајлс. Лезет! Едно беше сигурно; чинам дека немаше посреќни на светот од нас, маалските дечиња.

Високо на зградите што го опкружуваа плоштадот, познатиот весел лик на дедичкото од далечната Лапландија, Дедо Мраз. Без него нема славење. Тој весело управува со санка полна дарови. Не е ни чудо бидејќи декември е месец на дарување. Гледам, денешниве дечиња на подарокот или на новата играчка им се радуваат само неколку часа. Зошто да не, кога нивните соби се како маркети. Мане, мојот зет, ги стави на Фејсбук цените на чоколадите и сите оние шарени нешта со кои се радуваат дечињата. Кога го собра износот, свечено изјави дека мора да подигне кредит за да ги купи наведените артикли. Иронија, нели?
Секако дека декември е месец на дарување. Прекрасно е ако поделите топла насмевка, дел од вашите чувства. За возврат, од Дедо Мраз посакајте спокојна иднина и мир. Замолете го во цевките од оружјето да стави по едно маслиново гранче.

Љубомир Јованоски

Авторот е писател