Овој текст го пишувам во врска со одлуката на Уставниот суд донесена во март 2023 година, а се однесува на основицата за пресметка на плати на избрани и именувани лица. Со оглед на времето поминато од донесувањето на таа одлука, овој текст изгледа задоцнет, но мора да кажам дека жестокото реагирање на јавноста дека „Уставниот суд им ги зголеми платите на функционерите“ го сметав за погрешно, бидејќи Уставниот суд само ја оценил уставноста на законот. Но по интервју на поранешната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, дадено на една телевизија во кое таа дава објаснување зошто Уставниот суд ја донел оваа одлука, добив впечаток дека при донесувањето на оваа одлука Уставниот суд како да ја презел улогата на законодавец. Поради тоа, внимателно ја прочитав и детално ја анализирав одлуката, како и Законот за плати на избрани и именувани лица и еве што утврдив:
Законот за плати на избрани и именувани лица во РМ е донесен во 1990 година и во неговиот член 11 е наведено: „Основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“. Ваквиот начин на пресметување на основицата е напуштен во 2009, односно во 2010 година, и е предвиден фиксен износ на основицата, кој и понатаму е задржан. Со оглед дека таа одредба не е избришана и формалноправно постои во Законот, Уставниот суд заклучил дека сѐ уште е со правна важност и дека постои во правниот поредок.
Меѓутоа, во согласност со принципот Lex posterior derogat legis priori (подоцнежниот закон го дерогира претходниот), таа одредба е дерогирана (укината) во 2009 година кога законодавецот со самостојни одредби секоја година ја определува основицата во фиксен износ.
Тргнувајќи од мислењето дека членот 11 сѐ уште постои во правниот поредок, Уставниот суд ја укинува одредбата во која законодавецот ја утврдил основицата во фиксен износ и упатува на примена на дерогираниот член 11 со кој платите на функционерите енормно се зголемени.
Иако Уставниот суд повикува на уставното начело за еднаквост на сите пред Уставот и законите, го крши тоа начело со примена на членот 11, кој не само што е дерогиран, туку создава и голема нееднаквост меѓу вработените, бидејќи основицата кај функционерите се пресметува од просечната плата, а кај другите од минималната, што создава огромни разлики.
Основицата за сите вработени, вклучувајќи ги и избраните и именувани лица, треба да биде иста, а разликата ќе се создаде со коефициентите што се засновани на видот и сложеноста на работните задачи, стручноста, работното искуство итн.
Правната ситуација изложена во одлуката според која законот е неконзистентен, а одредбите нејасни и непрецизни укажува дека Уставниот суд не требало да интервенира со никаква одлука, посебно не со конкретната, туку да му укаже на Собранието од неопходната потреба од донесување нов закон.
Врз основа на изнесеното, сакам да истакнам дека основицата кај избраните и именувани лица пресметана врз основа на дерогираниот член 11 нема законска основа и може да се каже дека јавноста била во право кога тврдеше дека Уставниот суд им ги зголемил платите на функционерите.
Милојка Калкашлиева,
судија на Врховниот суд во пензија