Вакцинацијата претставува најефективната интервенција во областа на јавното здравје, која е одговорна за спасување милиони животи низ светот секоја година. Во развиените земји (како САД, Британија и земјите во ЕУ), оние вакцини што се одобрени како превентивни мораат да бидат произведени со висок квалитет, а ефективноста и сигурноста да бидат докажани. Сигурноста на вакцините, дополнително, постојано се мониторира преку пасивни и активни системи за надгледување, вклучувајќи со податоци за негативните ефекти. И во нашата бивша земја, Југославија, за производството на вакцините беше одговорна лабораторијата во Торлак, а сите ние вклучени во здравствениот систем сме сведоци за ефективноста на вакцините и извонредно ретките странични ефекти (мала температура, болка или оток на местото на убодот беше речиси сè). Да потсетам дека опфатеноста на вакцинираните деца во Македонија беше 99,9 отсто и поради тоа бевме наградени од страна на СЗО. Исто така, токму поради вакцинацијата се искоренија големите сипаници, полиомиелитот, морбилите, пертусисот и други заразни болести, кои претставуваа вистинска мора за нашето население.
Постоеше еден антивакцинален бран индуциран од информациите дека вакцината против рубеола, морбили и пертусис е поврзана со зголемен број деца со аутизам. Сите научни докази ја отфрлија оваа поврзаност со аргументи.
Исто така, по пандемијата на ковид-19, во многу региони од светот се пријавуваа тешки последици од вакцините, особено кај младите (миокардити, срцеви и мозочни инсулти), но и кај постарите (забрзана прогресија на деменција). Овие информации ја поколебаа вербата во вакцините против ковид.
И покрај грижата за развојот и примената на вакцините и нивната јасна и голема придобивка за спасување индивидуални животи и подобрување на здравствените резултати на населението, сè поголем број луѓе во светот (па и кај нас) сега ја намалуваат вакцинацијата поради различни причини, кои се движат од безбедносни грижи до религиозни верувања. Ако го оставиме настрана контроверзното прашање за мандатите на вакцини на државно или локално ниво, ситуацијата сега се влошува до тој степен што имунитетот на населението против некои заразни болести што може да се спречат со вакцини е изложен на ризик, а илјадници смртни случаи веројатно ќе се случат поради болести што се превенираат или на кои им се намалува тежината токму со вакцини. Еве, веќе се потврдуваат негативните ефекти кај невакцинираните деца, па се јавуваат болни од морбили, а сега и од црната кашлица. Да напоменам дека сите овие „детски болести“ кога ќе ги зафатат возрасните стануваат уште посериозни и животозагрозувачки.
За да се спротивставиме на сегашниот тренд, повикана е клиничката и биомедицинската заедница да ги удвои своите напори за да обезбеди точни информации на обичен јазик во врска со индивидуалните и колективните придобивки и ризици од вакцинацијата. Ваквите информации сега се потребни затоа што вакцините биле толку успешни во постигнување на предвидените ефекти што многу луѓе повеќе не ги гледаат вознемирувачкиот морбидитет и морталитет од инфекции подложни на вакцини. На пример, големите сипаници се целосно искоренети, а детската парализа е елиминирана од речиси сите поразвиени земји во светот, преку ефективните кампањи за вакцинација.
Малите сипаници беа на сличен начин елиминирани, но увезените случаи остануваат закана за оние што се невакцинирани, како и за оние што се со намален имунитет. Еве, веќе се потврдуваат негативните ефекти кај невакцинираните деца, па се јавуваат болни од морбили, а сега и од црната кашлица и кај нас и во соседните региони.
Колебливоста на педијатриската вакцинација сега е одговорна за неколку епидемии на сипаници, на пример во САД, вклучувајќи ја и неодамнешната во централниот дел на Охајо, која вклучила локални случаи кај 85 деца, од кои 36 (42 отсто) морале да бидат хоспитализирани поради сериозни компликации. Во истиот контекст слушаме за епидемијата на црна кашлица во соседна Србија!
Тоа е отрезнувачка информација што покажува дека колебањето во однос на вакцинација кај децата, како што се вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола, станува проблем и кај најучените родители, кои претпочитаат наративи на социјалните мрежи наместо базирани на докази. Секој што се сомнева во придобивките од вакцинацијата треба само да погледне во сиромашните делови на светот каде што вакцинацијата против сипаници е недостапна, а илјадници деца продолжуваат да умираат секоја година поради болести што може да се спречат. За жал, со успехот на кампањите за детска вакцинација до денес, сè поголем број луѓе станаа самозадоволни и го потценуваат реалниот ризик од откажување од вакцинација.
Покрај тоа што ќе направи разлика во врска со имунизацијата во детството, комуникацијата во врска со потенцијалните придобивки од вакцинацијата, се надеваме, може да го подобри и бројот на поединци што прифаќаат вакцинација за да се заштитат од ковид-19, грип и респираторна синцицијална вирусна болест. Стапките на вакцинација против овие респираторни патогени се несоодветни, а тоа е највознемирувачко кај постарите лица кај кои придобивките од вакцинацијата во намалувањето на хоспитализацијата и смртта се евидентно јасни. Во тој контекст, прифаќањето на ажурираната вакцина против ковид-19 (XBB.1.5 едновалентна) во САД е прифатена само кај околу 35 отсто кај постарите од 65 години, што е околу половина од стапката во оваа возрасна група во Британија (ова е податок земен од ЈАМА, јануари 2024).
Доказите покажуваат дека најдоверливиот извор на информации за здравствените одлуки остануваат лекарите што обезбедуваат примарна заштита. Сите оние што работат во здравството, ако се свесни за ризиците, треба подобро да ги едуцираат луѓето за придобивките од вакцинацијата, за да можат поединците да направат добро информиран избор врз основа на точни научни докази. На пример, спротивно на мноштвото дезинформации достапни на социјалните медиуми и на интернет, податоците од различни студии покажуваат дека од почетокот на пандемијата на ковид-19 десетици милиони животи биле спасени со вакцинација. Придобивките од овие вакцини во превенција беа најголеми кај постарите лица.
За време на пандемијата на ковид-19 се чинеше дека ефективноста на вакцината е поголема против оригиналниот вид на САРС-КоВ-2 отколку против подоцнежните варијанти. Сепак, од воведувањето на вакцините против ковид-19, апсолутно се докажа дека вакцинацијата е поврзана со значително помалку смртни случаи кај возрасните. Сликата е адаптирана од анализата презентирана на Соединетите Американски Држави: неделна стапка на смртност од ковид-19 според статусот на вакцинација за сите возрасти (ourworldindata.org) користејќи податоци од центрите за контрола и превенција на болести.
Често е тешко за поединецот да преземе акција кога индивидуалниот ризик од исход е релативно низок, дури и кога последиците од компликациите се високи, а ефектите кај популацијата се значителни. Меѓутоа, слично како што се случуваше со безбедносните појаси, дискусијата и резултатите од смалениот број сообраќајни несреќи, на крајот доведе до речиси нивна униформа употреба. Употребата на вакцинација беше на сличен начин речиси еднакво прифатена. Сегашната пресвртница во прифаќањето на вакцините веќе резултира со стотици илјади смртни случаи од ковид-19 и загриженост за повторното појавување на претходно освоени заразни болести.
Верувам дека најдобриот начин да се спротивставиме на сегашниот голем обем на дезинформации околу вакцините е тие да се избегнат со потврдени вистинити и достапни научни докази. За да се намалат смртните случаи, хоспитализацијата и оптоварувањето на семејствата и здравствениот систем, сите оние што директно комуницираат со поединци во здравствената средина, почнувајќи од персоналот до фармацевтите на мало, особено лекарите од примарната здравствена заштита, треба да се фокусираат во секоја соодветна можност да обезбедат поединците да ги имаат потребните информации за да направат правилен избор во врска со вакцинацијата, земајќи ги предвид придобивките и ризиците. Со тоа, можеме и да помогнеме во спречување на детските заразни болести и драматично да ја намалиме штетата од патогени како што се ковид-19, грип и респираторна синцицијална вирусна болест пред да имаме уште еден голем бран на која било од овие болести што може да се спречат со вакцини.