Судирот на авион со птици, познат како bird strike, претставува значаен предизвик во авијацијата. Овој феномен значи судир на птица и авион за време на лет, а најчесто се случува при полетување или слетување кога авионот е на помала височина.
Кога птиците влетуваат во авионски мотори, последиците може да бидат сериозни. Современите авиони користат млазни мотори, кои губат моќ ако птиците се вовлечат во турбината. Оваа загуба на моќ е позната како „застој на моторот“ и може да ја отежне контролата врз авионот. Сепак, повеќето модерни авиони се дизајнирани да функционираат со еден мотор во случај на дефект на другиот.
Според експертот за воздухопловство, професорот Даг Друри, пилотите се обучени да реагираат на такви ситуации и, дури и ако едниот или двата мотора откажат, се обидуваат безбедно да слетаат. Повеќето удари на птици не предизвикуваат фатални несреќи, благодарение на обуката на пилотите и резервните системи во авионите.
Меѓутоа, во специфични околности, како што се судири со големи јата или на мала надморска височина, удар на птица може да предизвика ситуација во која пилотите имаат малку време да реагираат. Лошите временски услови исто така може да ја отежнат ситуацијата, што можеби беше случај со неодамнешната несреќа во Јужна Кореја.
Чудо на реката Хадсон
Иако ударите на птиците ретко предизвикуваат фатални несреќи, постојат исклучоци. Во периодот од 1988 до 2023 година, во Соединетите Американски Држави, според податоците на Федералната управа за авијација (FAA), имало 76 смртни случаи предизвикани од судири на авиони со диви животни.
Еден од најпознатите инциденти е „Чудото на Хадсон“ во 2009 година, кога авион на „ербас“ набргу по полетувањето се судри со јато диви гуски. Двата мотора престанаа да работат, но капетанот Чесли Саленбергер успешно го приземји авионот во реката Хадсон во Њујорк, спасувајќи ги сите 155 патници и членови на екипажот. За овој настан подоцна беше снимен филмот „Сали“ во режија на Клинт Иствуд и со Том Хенкс во главната улога.
Од друга страна, во 1995 година, во близината на воздухопловната база на Алјаска, се случи несреќа во која авион се судри со јато птици, што доведе до пад и смрт на 24 војници.
Несреќа во Јужна Кореја: Дали е виновен удар од птица?
Последната трагедија во Јужна Кореја, во која на лет од Бангкок на 29 декември загинаа 179 луѓе, отвора прашања за улогата на ударите на птиците во несреќата.
Според изјавите на сведоците и прелиминарните податоци, екипажот на авионот добил предупредување за можен судир со птици пред слетувањето. Еден од патниците дури пријавил дека птицата се „заглавила во крилото“.
Сепак, експертите се скептични за тврдењето дека удар на птица може да биде единствената причина за несреќата.
– Ударите од птици не се невообичаени, но тие обично не предизвикуваат паѓање на авионите – изјави за Би-би-си Џефри Томас, уредник на „Ерлајн њуз“.
Австралискиот експерт за воздухопловство Џефри Дел додава: „Никогаш не сум видел удар на птица да спречи спуштање на опремата за слетување. Доколку птиците ги оштетеа моторите, пилотите сепак ќе имаа време да реагираат“.
Драгана Шубаревиќ
(Политика.рс)