Дали сте љубезни

Со искрена насмевка, емпатија, дружељубивост, активно слушање, ставање во позицијата на другиот и великодушност и кон себе и кон ругите ќе го направите животот поубав

Колкупати сте биле љубезни со некого деновиве? Или дури и со себе? И колку луѓе беа љубезни кон тебе, на работа, во продавница, во семејството, на минување?
Во денешно време, кога во некои медиуми се промовира агресивен и аргументиран стил на однесување и се манифестира во реалниот живот, исклучително е важно да практикуваме љубезност и интерес за другите луѓе. Затоа што не е ниту природно ниту неопходно човекот да му биде волк на човекот.

Одраз на грижа и сочувство

Не е лесно да се дефинира љубезноста. Може да се научи, но и во основа е својствена за многу луѓе што се заинтересирани за други луѓе. Тоа е добронамерна акција насочена кон друга личност, мотивирана од желбата да ѝ се помогне на друга, без идеја да биде наградена или казнета. Се разликува од алтруизмот затоа што не значи дека некој мора или сака да помогне некому при одредено одрекнување.
За жал, во некои општества, вклучувајќи го и нашето, постои верување дека љубезноста е знак на слабост, како да го добиваме она што го сакаме единствено со премногу сериозен став. Ако го тестираме тоа во секојдневниот живот, ќе видиме дека не е вистина, освен ако не е во прашање некој мизантроп, од кој било пол, згора и на некоја важна позиција.
Љубезноста е исто така карактеристика на менталното здравје, одраз на нашата грижа и на сочувство кон другите. Влијае и на намалување на стресот и анксиозноста, а го зголемува нивото на самодоверба и ги прави луѓето посреќни. Влијае и на тоа да бидеме поприфатени затоа што другите луѓе нè гледаат како попристапни. Некои истражувања велат дека љубезноста е попосакувана карактеристика од добриот изглед.
Карактеристиките на љубезната личност, покрај насмевката што може да се извежба, се емпатија, дружељубивост, активно слушање, ставање во позицијата на другиот, дарежливост и услужливост, во смисла на желба да му се помогне на друго лице во ситуација што е не од екстремна природа.
Најчестите примери на љубезност се кога ќе му го отстапите некому местото во автобус или во чекалница и најосновниот поздрав и љубезен збор, заедно со посложени видови помош кога гледаме други во неволја.
Доброволното фокусирање на добрината е важно, бидејќи нашиот мозок има тенденција да се фокусира на негативни работи, наоѓајќи закани во околината. Ако се вратиме на прашањата од почетокот на текстот, ќе видиме дека имаме тенденција да ги повторуваме негативните настани во нашите мисли и да им даваме приоритет, наместо да обрнуваме поголемо внимание на поубавите работи што сме ги доживеале, бидејќи понекогаш ги сфаќаме несериозно, а на сите им се случуваат во поголема мера од грди работи.
Љубезноста може да се сфати како вовед во позитивна психологија и поинаква перцепција на светот и луѓето околу нас. Врската помеѓу позитивниот став и позитивниот исход е добропозната, иако таа не е семоќна. Порелаксиран ментален став се проектира и врз опуштање на телото, бидејќи ако сме во грч, тогаш сме под стрес или обратно.
Како што сугерираат истражувањата, кога сме љубезни, се произведува и окситоцин или хормонот на „љубовта“, производ на хипоталамусот што се лачи од хипофизата и кој игра клучна улога во породувањето и во машката репродукција, во сексуалните односи и возбудувањето, и ги намалува анксиозноста и стресот.
Соочени со секојдневни проблеми, во културата што промовира залагање за самите себеси, може да изгледа дека љубезноста е непотребна и дека сето она што го доживуваме негативно треба да го покажеме и во нашиот став. Иако звучи како фраза дека ако не можеме да ги промениме нашите околности, можеме да го промениме нашиот однос кон нив, тоа е еден од главните постулати на позитивната психологија и многу когнитивно-бихејвиорални и други психотерапевти.

Промена на ставот

Светот околу нас го доживуваме преку сопствените ставови кон појавите, често во согласност со нашето внатрешно расположение. Кога се затвораме во маѓепсан круг на рутина и навика и прифаќање дека ништо нема да се промени, целисходно е прво да ги промениме ставовите, бидејќи тие ќе доведат и до промена на однесувањето. Ако го гледаме светот како џунгла, нормално е да доживуваме опасност и непријателство од сите страни.
Да го смените ставот и да гледате порелаксирано на светот, како и на себе, не е лесно и не се случува брзо. Но првиот чекор во тој процес, да се биде љубезен, исто така не е тежок.