Европа беше во целосен хаос по бруталниот настап на Америка во Минхен, а во Ријад немаше место за Европејците и Украинците. За нив нема место ниту на клупата за резервни играчи
Во просторијата каде што се одржуваше Минхенската безбедносна конференција, според дел од учесниците, по говорот на американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс владееле молк и тензија, која речиси можела да се почувствува.
Во Ријад, Американците и Русите почнаа да ја делат Украина и идните сфери на влијание на двете големи сили, без присуство на Европејците и Украинците. За нив немаше место ниту на клупата за резервни играчи.
Доналд Трамп му порачал на Володимир Зеленски дека би можел да учествува во преговорите за иднината на Украина, но само кога ќе организира избори, бидејќи неговиот моментен рејтинг е под пет отсто. Значи, никогаш.
Неколку европски лидери, запрепастени од шлаканиците од Минхен, набрзина се собраа во Париз, обидувајќи се да најдат „решение за новосоздадената ситуација“. Сепак, американската јавност го коментираше нивниот собир како „средба на промашени идеи“. Трамп им кажа и дека имаа три години да ја решат војната во Украина, а тие не го сторија тоа.
Што се случи во изминатите неколку дена со Европа? Дали Американците конечно ги отрезнија од нивната еднострана и нереална политика кон Русија?
Само 48 часа пред настапот на Џеј Ди Венс во Германија, Европа, барем во очите на нејзините лидери, изгледаше како поинакво место. Од почетокот на војната во Украина, западната алијанса што го поддржува Киев беше стабилна три години, но потоа во Белата куќа се појави Доналд Трамп.
Прво, во Брисел, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ги натера Европејците длабоко да размислуваат со неговите остри коментари за украинската криза и улогата на НАТО.
Лидерите на ЕУ беа целосно изненадени кога по разговорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин сфатија дека Европа нема да биде вклучена во преговарачкиот процес за ставање крај на војната во Украина.
За само неколку дена, Трамп целосно ја смени долгогодишната политика на Западот, спроведена од администрацијата на Џо Бајден и европските сили, обидувајќи се да го изолира Путин, инсистирајќи на тоа дека мировните преговори започнуваат само кога Украина е во посилна позиција на бојното поле.
Со децении, Минхенската безбедносна конференција беше форум за остра, дури и напната, безбедносна дебата меѓу двете страни на Атлантикот. Но сега европските сојузници на Вашингтон беа ужаснати од она што Џеј Ди Венс им го кажа во лице.
Пред да замине за Минхен, Венс изјави за „Волстрит џурнал“ дека САД ќе имаат „економски и воени алатки на влијание“ доколку Русија не се согласи на задоволителен мировен договор со Украина. Венс се состана со лидерите на десничарската Алтернатива за Германија, која ја избегнуваат главните партии во Германија, пред парламентарните избори закажани за 23 февруари.
– Сега е јасно дека САД сакаат да го разбијат поредокот по Втората светска војна што го создадоа тие. А тоа вклучува и уништување на ЕУ. Ќе мораме да бидеме подготвени за тоа и целосно да го промениме нашиот став – изјави еден европски дипломат.
– Слушајќи го тој говор, тие се обидуваат да се расправаат со нас, а ние не сакаме да се расправаме со нашите пријатели – рече Каја Калас, највисокиот дипломат на ЕУ, по говорот на Венс.
– Мораме да разбереме дека гледаме во нови Соединети Американски Држави, кои можеби сè помалку имаат врска со државата што ја гледавме во минатото – рече друг европски дипломат, пренесе „Ројтерс“.
Поранешниот американски дипломат се присети на киселото смеење од присутните во една од главните простории, надвор од преполната главна конференциска сала, кога Венс ги спомна „заедничките“ вредности на САД и Европа.
– Порано нѐ вклучуваа да се договориме за тоа кои се нашите заеднички безбедносни закани. Сенаторот Џон Мекејн мора да се превртува во гробот – рече овој соговорник.
Состанокот меѓу американската делегација, предводена од Венс, и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се одржа на маргините на Минхен, не ја разјасни позицијата ниту на Киев ниту на Европа, пишува „Еуроактив“.
Во меѓувреме, Европејците се очекува да се соберат околу едно знаме во наредните денови за да се обидат да одговорат на овој предизвик, но големото прашање е што навистина можат да понудат.
Неколку европски дипломати во Минхен изјавија за „Еуроактив“ дека можеби е време Европа да развие своја стратегија во случај американските напори да „одат на друга страна“.
Редакција „Политика“