СУВЕРЕНИСТИЧКИ ПОГЛЕД НА МАКЕДОНИЈА КАКО АТРАКТИВНА ДЕСТИНАЦИЈА
- Потребно ни е нешто повеќе од пристап за туристите да нѐ посетат и да останат 72 часа, бидејќи времето на престој на туристите во дестинациите зависи од нивната атрактивност во секој елемент на туристичката понуда. Предлагам среднорочни мерки што ќе дадат позитивни сигнали и ќе започнат градење на Македонија како уникатно искуство и зголемување на позитивните ефекти од туризмот, кои реално ќе претставуваат инпут за раст на бруто-домашниот производ до 2030 година. Мерки што со нивната имплементација ќе овозможат до 2030 година една милијарда долари туристички промет во македонската економија, повеќе од 4,5 милиони ноќевања и учество во БДП директно од 6 отсто, со силен развоен ефект на руралните средини и заштитата на природата
Веќе помина 2025 година, која донесе голем број предизвици, економски, енергетски, локални и централни, за нашата Македонија. Сепак, полето за кое наголемо се зборуваше на прес-конференции е туризмот, кој можеме да го набљудуваме од две перспективи. Првата е преку податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС), а втората е со анализирање и споредување повеќе индикатори, кои во многу работи ќе нѐ замислат или, во најмала рака, ќе иницираат дополнителни прашања на кои се потребни одговори.
Доколку ги погледнеме податоците од соопштението на ДЗС за октомври 2025 година, ќе видиме дека во првите десет месеци имаме раст на туристи за 5,4 отсто, и тоа кај странските туристи раст од 9,3 отсто и намалување на домашните туристи за 2,3 отсто. Раст на странските туристи, за кои плаќаме субвенции, и континуиран пад на домашните туристи, кои ни се одлеваат во регионот, а претставуваат најзначајната алка во одржливост на дестинацијата. Остварените ноќевања за истиот компаративен период од првите десет месеци 2024/2025 година се со раст за 0,6 отсто, кој не влева долгорочен оптимизам, односно континуирано намалување на ноќевањата во текот на сите месеци од годината кај домашните туристи за 4,2 отсто, што претставува двојно помалку споредено со туристите, и раст на странските ноќевања за 6,4 отсто, што не го следи растот на странските туристи, односно драстично кратко задржување во дестинацијата.
Ќе загребеме подлабоко во суштината со едноставна методологија на компарации, откривајќи една друга димензија, која воопшто не оди во прилог на растот и одржливоста во македонскиот туристички сектор. Индикаторите што ќе ги коментираме се последните референтни, со бројки од 2019 година, како и 2024 година како постпандемиска, доволни за оваа кратка, но многу значајна компаративна анализа:
Просечен број на ноќевања – вкупно 2,75, опаднале на 2,62;
Просечен број на ноќевања – домашни туристи 3,94/4,1 во опаѓање во 2025 година;
Просечен број на ноќевања – странски туристи 2,08/1,85;
Учество на домашните туристи во вкупниот број на доаѓања 36,07 отсто, опаднал на 34,13;
Учество на странските туристи во вкупниот број на доаѓања 63,93 отсто/65,87 во раст во континуитет и во 2025 година;
Учество на домашните туристи во вкупниот број на ноќевања 51,64/53,52 во опаѓање во 2025 година;
Учество на странските туристи во вкупниот број на ноќевања 48,36/46,48 во опаѓање.
Овие податоци на кои предочував на крајот на 2024 година се прелеаја во 2025 година и сите индикатори се во опаѓање.
Постојат голема изложеност и зависност на дестинацијата од кружните балкански патувања, кои во 2025 година претставуваат речиси една третина од вкупните туристи во Македонија. Се изгубија стратешки туроператори од неколку европски земји со аранжманите на пет и седум дена во Охрид во сезоната и високата сезоналост во нашиот прв туристички центар Охрид. Промоцијата што сите ја очекуваа, а изостана за 2025 година, доведува до голем број оценки од туристичкиот сектор дека е на многу пониско ниво со вонпансионската просечна потрошувачка од претходните години.
Анализирајќи го туристичкиот сектор преку анкетни прашалници, се добиваат резултати што ги потврдуваат стравувањата за успешноста на 2025 и очекувањата за 2026 година. На прашањето дали 2025 година е подобра од претходната, позитивно одговориле 21 отсто од испитаниците. На прашањето дали сметате дека 2025 година е иста како 2024 година, позитивно одговориле 31 отсто од испитаниците, додека на прашањето дали 2025 година е полоша од 2024 година, позитивно одговориле 37 отсто од испитаниците, а многу полоша одговориле 11 отсто од испитаните 550 компании од туристичко-угостителскиот сектор. Оваа анкета ја потврдува претходната констатација, која не претставува игра со бројки туку јасен показател дека туризмот во Македонија се развива спонтано, без поставена стратегија, јасни цели и развојни системски решенија што ќе донесат долгорочен развој во оваа македонска економска гранка. Уште повеќе загрижува изложеноста на еден странски пазар односно турскиот, кој доминира со над 22 отсто од вкупниот број туристи и просечни ноќевања од 1,6 во дестинацијата, што е премалку и создава голем притисок врз дестинацијата во краток временски период.
Веќе на сите елоквентни личности во туристичката индустрија ни е јасна состојбата со недостигот од интегриран пристап и отсутна промоција, како и туристички бренд што ќе се развива во наредната декада.
Кога станува збор за туристичката промоција и тоа што можеме да направиме веднаш е почнување иновативна и креативна кампања за нашата дестинација преку социјалните канали и националната интернет-страница www.macedonia-timeless.com, кои многу успешно сме ги граделе повеќе од една деценија, со вложување голем интелектуален труд од вработените во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Методологија на промоција од која голем дел применуваат нашите соседи и која нѐ одвојува во пристапот и добиените позитивни ефекти со растот и развојот на туризмот во Македонија.
Доколку ја пребараме фан-страницата „Македонија тајмлес“ (Macedonia-timeless), веднаш ќе забележиме дека последните ажурирања се во мај 2025 година, додека интернет-страницата има многу малку ажурирани податоци во 2025 година, што јасно нѐ наведува на заклучок дека некој се откажал од нешто што сме го граделе и за кое сме потрошиле една деценија, со 57.000 следбеници на социјалните медиуми и повеќе од милион пребарувања годишно на интернет-страниците. И можеме да поставиме уште милион прашања и констатации, но очигледно е дека ја испуштаме можноста во 2026 година вистински да блеснеме во туризмот, двоцифрено во бројки, а не растот да биде проектиран на 5-7 отсто во вкупни бројки, со длабоки падови на домашните туристи, како и на странските, кои ќе нѐ претрчуваат или ќе бидат екскурзијанти од третата доба надвор од сезоната, без никаков ефект во локалниот економски развој.
Јасно ни е на сите дека изјавите за 4 милиони ноќевања во 2025 година не се достижни, а се поставува прашањето дали и оваа сезона ќе успееме да ја пробиеме бројката од 3,5 милиони ноќевања, кои беа предвидени од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2024 година, која сега е претопена во Министерството за култура и туризам. Не треба да се заборави за улогата на МКТ, кое треба да ги води стратешките политики и да ги имплементира на секое поле во дестинацијата со стратешко планирање на реални проекции во туризмот и остварливи цели, кои за 2025 година се покажаа недостижни. Туризмот е комплексна економска гранка, која влијае врз повеќе од 20 други економски гранки на директен и индиректен начин и тие влијаат врз неговата поставеност и развој. Туризмот е осетлив на импровизации и потребен е долгорочен стратешки пристап, со висок професионализам и истрајност на донесување развојни политики, кои според постигнувањата во 2025 година не можат да се видат.
Потребно ни е нешто повеќе од пристап за туристите да нѐ посетат и да останат 72 часа, бидејќи времето на престој на туристите во дестинациите и зависи од нивната атрактивност во секој елемент на туристичката понуда. Во тој дух, во продолжение се неколку среднорочни мерки што ќе дадат позитивни сигнали и ќе почнат градење на Македонија како уникатно искуство и зголемување на позитивните ефекти од туризмот, кои реално ќе претставуваат инпут за раст на бруто-домашниот производ до 2030 година. Мерките се сублимат од претходните мои анализи и фрагментирано понудени како дел од потребните решенија. Мерките со нивната имплементација ќе овозможат до 2030 година 1 милијарда долари туристички промет во македонската економија, повеќе од 4,5 милиони ноќевања и учество во БДП директно од 6 отсто, со силен развоен ефект на руралните средини и заштитата на природата.
Сублимирани среднорочни развојни мерки за подобрување на состојбата во македонскиот туризам:
Продолжување на престојот на туристите преку развој на пакет-аранжмани (културен, рурален, вински, авантуристички и здравствен туризам);
Диверзификација на туристичката понуда за намалување на сезоналноста и зголемување на целогодишниот туризам;
Подобрување на квалитетот на услугите преку континуирана едукација на кадарот и стандардизација на туристичките услуги;
Засилена меѓународна промоција на Македонија како дестинација за кратки и подолги престои, со фокус на приоритетни странски пазари;
Поддршка на домашниот туризам преку стимулации, ваучери за домашните туристи и промотивни кампањи за домашен туризам;
Подобрување на инфраструктурата и пристапноста, особено до туристичките дестинации и руралните средини;
Дигитализација и иновации (онлајн резервации, дигитален маркетинг, паметни туристички решенија);
Подобра координација меѓу институциите и приватниот сектор за креирање интегрирана туристичка понуда.
Не треба да се исклучи капацитетот на институциите односно Министерството за култура и туризам, кое ги спроведува мерките, односно да се создадат институции доволно професионални и транспарентни за секој вложен денар од државниот буџет, како и мерливи ефекти за нивната работа и професионални тимови што туризмот го перципираат како можност за развој, раст, етаблирање на државатa и интегриран промотивен пристап во промоцијата, произлезен од стратешки пристап, поткрепен со истражувања и предвидливи ефекти.
Сѐ дотогаш во македонската туристичка индустрија ќе имаме бледи туристички години како 2025-та и навидум уште една, која следува по неа, бидејки доколку се продолжи на истиот начин, ќе се добијат истите скромни резултати и во 2026 и 2027 година.
Доц. д-р Љупчо Јаневски, Факултет за туризам при Универзитетот „Скопје“


































