Господине Русјаков!?
Само Русјаков.
Господине Само Русјаков, ова е покана за мобилизација. Вие сте стар, дебел, со многу слаб вид, антивоено расположен, но светот е во тотална војна со многу фронтови, мора веднаш да појдете со нас!
Да, во ред, веднаш доаѓам. А зошто така се ококоривте?
Се чудам, господине. Не се буните, не се трескате од земја, не измислувате болести што ќе ве спречат да војувате, не бегате, не фаќате врски, некој друг, наместо вас, да умре во рововите.
Па, да го парафразирам старото добро копиле Емброус Бирс, подобро дрон да ми ја разнесе главата, отколку да цркнам врз тастатура, расправајќи се со сезнаење. А и светов, со сите свои налудничави промени и новитети, додека формално се модернизира, а суштински назадува, веќе не ми е интересен и не ме возбудува. Ми остана само да уживам во создавање уметност, ама и таа, во име на некакво ново изопачено доживување на слободата, стана неприфатлива.
Тогаш, господине, имајќи предвид дека воопшто не зановетате, иако ќe ве фрлиме во ров, каде што сигурно нема да преживеете, односно ќе умрете со гадна смрт и со сопствените црева во рацете, дозволете да ви дадеме можност да изберете на кој фронт сакате да завршите како храна за мршојадците. Сакате на руско-украинскиот или на фронтовите низ Јужна Америка? Или преферирате да умрете на фронт на Гренланд, иако ги имате сите оние колежи низ…
Што е со балканските фронтови?
Во подготовка се. На нив ќе завршат овие што се кријат, бегаат, фаќаат врски, се разболуваат воочи мобилизација и зановетаат.
Сеедно каде ќе мe парчоса граната, па преполовен ќе умирам во агонија. Ама дозволете и јас малку да зановетам. Може ли да не сум во ист ров со непушачи, вакцинирани, вегани, глутен-фри поборници, активисти, нутриционисти, екологисти, њуејџери, либерали, прогресивни и конзервативци, зелени, црвени буржуи и со сина крв нафиксани, инфлуенсери, поткастери, јутјубери, воукери, бајкери, граѓански освестени лицемери и општествено корисни идиоти, интелектуалци, експерти, политиколози, аналитичари, академски граѓани и модерни селани, вообразени новинари, мејнстрим екстремисти што глумат авангарда, новопечени традиционалисти и религиозни фундаменталисти со секташки манири, гуруа, лајф-коучи, јогини, бардови, мистици, езотерици, теоретичари на заговори и заговорници на научни теории, агностици, атеисти, флуидни, транс… формери, сајбер-номади…
Ама зошто, господине?
Затоа што се толку самоосвестени и себепронајдени што се плашам да не станат свесни за моето постоење, па да одлучат и мене да ме пронајдат. Премногу се отворени спрема различните, со намера да ги направат како себе, што ми е страв да не се најдам затворен во таа нивна отвореност. Во паника сум да не случајно се удрам од нивното сезнаење за сенешто, кое секако ќе ме ограничи. Брендирани во сопствената исклучивост, спремни се за во излози. По секоја цена сакам да останам надвор од умот на нивната слободоумност. Тие не се будат, туку се просветлуваат, па ја закачуваат својата просветленост врз билбордите за себепромоција преку кои духовно ќе ме ослепат, а мене некако ми е океј во мрак, надвор од нивната светлина, оти темница ме опушта и кога со сила се трудат да ме разбудат, веднаш зевам, ми се приспива. Ги скенираат моите фрустрации и емотивната осакатеност, кои јас некако, низ животов, сум успеал да ги канализирам, макар и како уметничка мастурбација, па запнале да ме коригираат и не се плаши, ми велат, нашите инструменти се стерилизирани, не знам како да им објаснам дека не сакам да ме стерилизираат. Они бре, не скинале еден забранет плод, туку набрале сè што има од дрвото на спознанието и преку блендерот на вообразената исклучивост, ме присилуваат да го испијам како еликсир што ќе ме направи посебно ист, затоа и не треба да ме прогонат од нивната рајска градина, сам сакам да се изгонам. Затоа, дај тоа униформата на војната, ама не сакам со нив во ров, нема да ме остават на раат да умрам. И смртта ќе сакаат по свое да ми ја униформираат.
Значи, господине Само Русјаков, сакате да ве ставиме во ров со олош, џган, багра, со непрокопсани, небањати и недостојни.
Дај ги ваму, околу мене, сите тие неславни копилиња, оти со нив и војната може да стане крвава поезија.
Војна, да… клучен доказ против ароганцијата на човекот убеден дека е на врвот на еволуцијата. За секоја божествена еволуција ние сме спремни да кренеме некаква шарена револуција и да ја посереме работата. Оној што ни рече да не судиме и да го љубиме непријателот свој, го распнавме, па едни го прогласија за измислица, а други фатија во негово име да војуваат. Ете, и јас судам меѓу редови и војувам со зборови против замислени непријатели. Ништо не сум поарен од оние што ги обвинувам, а и самово признание не ме оправдува. Ама војната, страшна и сурова веќе вреска насекаде, забревтано ги фаќа сите правци низ планетата, со намера да стане тотална. Многумина квичат дека меѓународното право е ликвидирано, а тоа е одамна мртво, само што ние сме го препарирале и се преправаме дека е живо. Како во „Викенд кај Барни“, само што не е смешно. За нас меѓународното право умре уште во ОН кога не ни дозволија да се самоименуваме, а потоа ЕУ, така умрено, го силуваше со Лисабонска декларација, за на крајот, кога добивме пресуда во Хаг, да ни кажат дека тоа е безвредна хартија. Го кажувам ова за да не се однесуваме како глуперди кои мислат дека Трамп го утепа. Прашањето гласи дали ние имаме план како да ја дочекаме таа факинг војна, која може нема да дојде, иако наликува дека тргнала и не планира да запре. Оние со муабетот, ЕУ ќе нè храни, а НАТО сме и тој нè брани, веројатно ќе умрат од глад, силувани од некои туѓи војници, ако пред тоа не ги изеде некој од соседите во населбата. Така оди тоа со војните. Добро, јасно ми е дека сме спремни за дебата, дали ќе биде дозволено пушење на фронт или такво нешто мора да се забрани, ама имаме ли ние навистина план да ја браниме Македонија, оти ако тргне, а тргнато е, ние нема да бидеме сојузници, туку плен и на сојузниците и на соседите и на оние за кои нè убедија дека ни се непријатели. Имаме ли стратегија како да се браниме, макар и бранејќи се да изгинеме, оти во тотална војна баш и нема кај да се бега, патем сите како налудничави се вооружуваат, секој планира нешто да грабне и присвои, само ние како шлакнати, пред цунамито што иде, се расправаме дали цената на лежалките е пристојна или превисока.

































