Дали е возможна поезијата по идентитетскиот геноцид над Македонците

Драматичното прашање на нашата денешна колумна, драг читателу, од поодамна го имав тематски скицирано во мојата колумнистичка тетратка, кога видов дека во првата колумна од новиот циклус него во поинаков контекст го поставува и одличниот колумнист Трајче Стојанов. In medias res тој тука тргнува од депресивниот став на германскиот филозоф Адорно, кој гласи: „Да се пишува поезија по Аушвиц е варварство“. Повеќе од радикално. За таквата моја размисла ми дава повод поимот варварство, бидејќи дури и по Аушвиц пишувањето поезија никако не може да биде тоа. Тоа, пак, воленс/ноленс нè тера и на помислата дека поетите и филозофите многу често се разидувале во своите дефиниции и размислувања за животот и светот. Некогаш и до апсурдно недоразбирање, како што е тоа случајот со Платон, кој ги исфрла поетите од својата идеална држава. Причината се Хомер и Хесоид, кои иронизирале со неговите атински богови. Му ги поткопувале неговите архетипови, вечните идеи.
Тоа е случајот со Платон. Но постојат и филозофи што ги обожаваат поезијата и поетите, како што е тоа Хајдегер. Неговите херменевтички егзегези на поезијата на Хелдерлин, Рилке, Георге и Тракл се par excellence доказ на неговата теза за поезијата како „говор на битието“. За разлика од Мерло Понти, кој него како најевидентен го открива во сликарството. Сеедно. Да нема забуна, и во двата случаи станува збор за уметноста како примарен онтолошки говор на човекот за осмислување на својата егзистенција под капата небесна. За тоа наоѓаме силна потврда во Алтамира, Ласко и другите камени пештери во ледената епоха на човештвото. Цртежите во нив не се само обредно егзистенцијални за магиско прибавување храна, туку имаат и моќна естетска и метафизичка вредност. И тоа се вика Поезија. Не само Хајдегер, кој сметал дека поетите ги поместуваат подалеку од филозофите границите на спознанието, туку и некои антички филозофи пред него го знаеле тоа. Пред сè претсократовците, како што се тоа Емпедокле и Ксенофан, кои своите филозофски трактати ги пишувале во стихови, а и самите тие не се знае дали биле повеќе поети или филозофи. И, верувам дека тие, драг читателу, никогаш не би го прогласиле чинот на пишување поезија за варварство, макар и по Аушвиц, а по него и по бомбардирањето со напалм-бомби од англиските бомбардери што ги убиваа македонските деца во Егејска Македонија, а сега децата во Палестина. Не би го прогласиле за таков ни по идентитетското убиство на Македонците од западните варвари во Преспа 2018, без разлика што јас оттогаш наваму сепак се прашувам во јанѕа дали е возможно да се пишува поезија во Македонија, во „столченото племе“, ставено во идентитетска смрт. А јас пишувам.

Сеедно. Оти за нагонот не постои брана, освен некој вид сублимација како што препорачува психоанализата. А најубава негова сублимација пак е уметноста. И Ниче се обидел да им противречи на нагоните, но на крајот се убедил дека тие се генетски вродени, дадени од виша сила и неуништливи. А за тоа дека и поетите не се, како што можеби мисли Адорно, егоцентрични суштества, постојат примери. Така и полскиот поет Тадеуш Ружевич, независно од него и во исто време, го поставува исто така драматичното прашање дали е возможна поезијата по Аушвиц, но и продолжува да пишува поезија за темниот ѕвер, но и за убавите нешта во човекот. Оти, за жал, по сè изгледа дека и варварството е нагон, како што е тоа и нагонот за култура и уметност, за Убавина, која, како што мислеше Достоевски, може да го спаси светот и да ја основа во него теократската држава на богочовекот и бескрајната Христова љубов. Тоа е, се разбира, оној прв нагонски извор што го отнал за да ја изнесе длабочината на површина Господ во своето богообразно создание штотуку создадено од оживеаната глина. Тој нагон Гастон Башалар го дефинира како „спонтана онтологија“.
Човекот создава уметност и во најекстремно сурови услови. Видов на ТВ-каналот History еден заробеник, имено, како во логорите на смртта на Хитлер скришно ги црта труповите на убиените логораши со плинот на „цивилизацијата“. И тоа какви и естетски моќни експресионистички цртежи, како да излегле од под раката на еден Оскар Кокошка или Едвард Мунк. И сега така се враќаме, драг читателу, на поимот варварство. Оти сега филозофскиот проблем е што е, а што не е варварство. Дали и чинот на холокаустот и чинот на пишување поезија по него, макар и во она што се именува како контекст, еднакво можат да се дефинираат со него. Дали се исти „мајсторите на смртта“ како што ги викаше Пол Целан нацистите со поетите што настрана од нивните злосторства пишуваат поезија? Па, ако така размислуваме, нема поезија ни по Хирошима и Нагасаки, а сега по Палестина и идентитетската ликвидација на Македонците. Нема, да, ни по целосното демолирање и уништување на цивилизациите на Ацтеките, Маите и Инките од страна на европските конквистадори. Итн.
Во контекст на нашата тема, Адорно има право само затоа што неговата екстремно груба формулација и како крик е исфрлена од катапултот на очајот на душата и срцето за состојбата на варварството во која се наоѓаат човекот и човештвото. А неговата дилема тој можел поубаво да ја реши ако наврател две столетија пред него на сјајниот и несреќен германски поет Хелдерлин. Имено, тој прв од поетите во западната цивилизација го поставил драматичното прашање „Чуму поети во скудно време?“ За него тоа е времето во кое ги нема, во кое се избришани „трагите на светото“. А поетите се тие, и според Хајдегер, кои од дамнини ја разнесувале светлината за да ја осветлат „светската ноќ“. Хелдерлин, со бескрајно интуитивна душа, многу повеќе од Гете, ја насетил основната опасност за бришење на „трагите на светото“, појавата на богот на парите, на златното теле на капитализмот, кој денес си ја прилепи придавката либерален.

Бришење на „трагите на светото“, тоа е всушност вистинското варварство, а не пишувањето поезија (и воопшто создавањето уметност), која се обидува повторно и повторно да ги пронајде и обнови тие траги. Негде длабоко се изгубил и залутал германскиот филозоф. Поубаво од Адорно Хелдерлин го сфатил Ниче, кој крикнува, надоврзувајќи се на него, „Бог е мртов“. Но не е така, бидејќи тој, длабоко сум уверен во тоа, драг читателу, едноставно ја дефинирал само смртта на Бог во човекот, по што тој заминал отаде границата на доброто и злото. Отаде моралниот закон. Да. Но и во време без Бог, Ниче покрај филозофија во стилот на поетиката на претсократовците пишуваше и вехементна химниска поезија. Оти тој знаеше дека поезијата (читај уметноста) е примарниот нагон, сила на потисокот на битието која нè исфрла во вертикален раст кон Бог и божественото. Па, и кај примордијалниот човек на палеолитот (а потоа со почетокот на цивилизацијата во неолитот) бил можеби елементарно и повеќе изразен тој и таквиот нагон отколку кај нас денес. Оти тој праисториски човек имал непогрешлив инстинкт за тоа, па во сè околу себе и над себе го втиснувал печатот на Бог и божественото: во дрвото, карпата, реката, планината, населувајќи ги со божества. Францускиот антрополог Леви Брил тоа го вика „мистична партиципација“.
Бескрајна е оваа тема, драг читателу, а ние, се надевам, во некоја рака покажавме дека поезијата, вклучувајќи ја и целата уметност, никогаш не може да биде варварство. Оти ако „цивилизираните“ германски варвари, на пример, беа поети како Гете, Шилер или Новалис, никогаш и немаше да го изградат смртоносниот Аушвиц. А во тој контекст никогаш и немаше западните, сега софистицирани варвари да извршат суров идентитетски геноцид врз Македонците, кои иако ставени во таква смрт од нив и понатаму преживуваат со ора и песни, свадби и крштевки. Можеме ли да речеме со – Поезија! А како што рече авторот на „Малдороровите пеења“, Нервал: „Еден ден сите ќе пишуваат поезија“. А тоа ќе биде, како што ја открива таа енигма во еден свој брилијантен есеј Октавио Паз, кога по некоја голема катастрофа човекот пак ќе го почне животот од прапочетокот, од некоја нова Алтамира и повторно ќе ја ослободи енергијата на неговата „мистична партиципација“ за осветување и осветлување на светот во и околу себе. И таквата катастрофа, по сè што ни се случи, ние Македонците и ја очекуваме, драг читателу. Неа веќе којзнае по кој пат одново ја подготвува (и по двете светски војни) либералкапитализмот, златното теле на капиталот на лакомата западна цивилизација, кој досега успева како онаа митска змија Уроборосот постојано да се голта од опашката и да останува цел, но сега ќе се проголта по сè изгледа целиот сосе глава. Адорно, рака на срце, го знае сето тоа, но не ја виде Поезијата. За разлика од апостол Јован, кој во Откровението на крајот од Светото писмо ја виде и сенката (катастрофата на одроденото од Бог човечко битие) и Поезијата, новиот и конечно најнов период на човекот, трет со второто Христово доаѓање по неговото распнување на Голгота како Нов Адам.
Тоа. Тука ставаме точка. До следната наша средба сè најубаво, драг читателу. Не плаши се. Биди во срцето како Јане Сандански, архетипот на македонското херојство. Нема да исчезнеме, оти сме составени од електроните на воскресението, тоа што не го знаат западните и балканските сатрапи кои нè ништат. Ако чуеш негде, макар и во најзапустеното македонско село да чукнат тапани, појди на свадба, играј и пеј и благослови ја Невестата да го зачне првата брачна ноќ Јунакот што ќе го крене божјиот раст на обновеното, столчено од оваа екстремно сурова цивилизација, македонско племе. Амин! Оти Македонците и по сите сопствени и светски катастрофи (нешто што не е сфатливо за еден Европеец и Германец дури и од калибарот на Адорно) живееле и сега живеат со Поезија, боготворејќи ја Убавината чие сонце блеска во „силно светнатиот ден“ на нашиот Рацин. Оттука и апостол Павле во неговите посланија до Македонците што ги сметаше за најбогоугоден народ, архетип на христијаните, велеше дека со нив ќе се пофали пред Господ, со народот што е „избран за спасение на светот“. Избран во цивилизацијата што не сака спасение туку смрт на светот, а со тоа и смрт на Поезијата. Поезијата што не е гол романтизам, поистоветена со оној славеј што пее во кралската градина несвесен за болната смрт на Ромео и Јулија во гробницата. Оти таа пее и на страшни места, свесна за својата мисија. Бидејќи, како што велеше во еден откровенски стих и Хелдерлин, кој не го сфати Адорно, туку Хајдегер: „таму каде што е опасното расте и спасоносното“.
Доволно, драг читателу. Ќе продолжиме на оваа тема, бидејќи таа е осветлувачка и за македонското колективно битие и неговата колективна судбина. Сè најубаво до следната наша средба.