На почетокот на 2024 година, албанската влада постави амбициозна цел за бројот на туристи што ќе ја посетуваат земјата во текот на годината: 14 милиони, околу четири милиони повеќе од ланската 2023 година.
Освен оваа цел, Владата наведе некои од нивните напори за кои рекоа дека ќе помогнат да се постави патот за Албанија да стане европски туристички центар. Тие вклучуваат промоција на земјата и нејзините уникатни атракции од Владата и засегнатите страни, употреба на дигитални апликации за рекламирање настани, намалена стапка на ДДВ од 6 отсто за хотелите, подобра инфраструктура (патишта, тунели, аеродроми…) и подобрување на стандардите за квалитет.
Но до почетокот на јули 2024 година, работите не се одвиваа како што се очекуваше. Помеѓу јануари и мај, ИНСТАТ објави дека земјата ја посетиле околу 3,3 милиони странци, а во јуни за само еден месец пристигнале 1,24 милиони странци. Сепак, целта од 14 милиони се чини дека уште е далеку, а во меѓувреме нешто се случуваше на албанските плажи.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од огромни делови од плажите по должината на албанската ривиера промовирани како центар на албанскиот туризам, кои останаа празни, освен некои лежалки и чадори.
Од Саранда до Борш, од Борш до Валона и од Валона до Драч, извештаите покажаа дека бројот на посетители што доаѓале на плажите бил далеку под очекуваното.
Додека некои тврдеа дека сликите биле манипулирани, дека се дело на странските „служби“ или сликите се направени рано наутро, проверката на фактите на терен покажа дека многу места изгледаат како да работат со половина капацитет.
Дебатата што следуваше се фокусираше на причините за таквата состојба, при што некои ја обвинија Владата, а други ги обвинуваа туристичките оператори, како што се концесионерите на плажи, хотели и ресторани.
Конкретно, високите цени се прогласени за една од водечките причини за недостигот од туристи. Во одморалиштата на југот на земјата, ноќевање во луксузен или бутик-хотел може да достигне 1.000 евра или повеќе за време на екот на сезоната – нешто што критичарите велат дека е неприфатливо и алчно.
Поделбата север – југ
Меѓутоа, ситуацијата е малку поинаква на северот на Албанија. Поморските одморалишта Шенѓин и Велипоја, популарни за туристите од Косово, Македонија и од Црна Гора, се во полн капацитет.
Цените овде се зголемени само за околу 10 отсто, за разлика од 2023 година, каде што лежалка и чадор чинат помеѓу 500 и 2.000 леки (100 леки се приближно еквивалентни на едно евро), а цените на сместувањето почнуваат од 2.000 леки за ноќ (околу 20 евра).
Зборувајќи со еден сопственик на комплекс апартмани за одмор ми беше кажано дека до втората недела од јули, капацитетот бил исполнет 90 отсто, сѐ до септември, од кои повеќето биле косовски туристи и оние од Полска, Чешка и од Велика Британија.
– Мислевме дека ќе има помалку Косовци ова лето бидејќи добија визна либерализација, но разликата беше незабележителна. Разликата ја правеа странските туристи, кои доаѓаа ден-два дена пред да одат во Црна Гора или до југот на Албанија – изјавија тие.
Од јануари 2024 година, Косовците добија визна либерализација, овозможувајќи им да патуваат без визи во Европа. Ова им отвори можности за нови дестинации за одмор, притоа без да мора да ја поминат маката со документацијата за визи и бирократијата. Многумина се плашеа дека ова ќе влијае на туризмот на северот на Албанија, популарна дестинација за овие посетители поради неговата близина, но реалноста беше подобра од очекуваното.
Улиците беа преполни со косовски регистарски таблички, а албанскиот остана примарен јазик меѓу оние во кафулињата, баровите и базените. Клучот за задржување на овие посетители е што цените останаа ниски, а нивото на услугата остана стабилно. Овде може да се добијат лежалка, кафе, грицки на плажа и сладолед за еден ден за околу 2.000 леки, нешто незамисливо јужно од Валона.
Споредба на цените
За овој напис го посетив Booking.com и барав хотелска соба за двајца возрасни и дете за петок навечер во август, со појадок, на различни локации. Резултатите покажуваат изразена поделба север – југ во однос на цените.
Кога беше филтрирана по најниска цена и најдобри коментари, просечната цена во Велипоја, во близината на границата со Црна Гора, беше околу 5.100 леки (50 евра). Во Шенѓин, оваа цена се искачи на 10.000 леки, но вклучува капацитети со поглед на море на самата линија на плажата.
Во Драч, централна Албанија, на 20 минути од аеродромот, една соба чини 7.500 леки, но се зголемува на над 40.000 во луксузните одморалишта со пет ѕвездички и каде што е вклучено сѐ во цената (all-inclusive).
На југ во Дерми, живописна и модерна област, просечната цена беше 20.000 леки, додека во Ксамил, наречен „Малдиви на Европа“ се искачи на 22.000.
Во Саранда, помалку живописна, но сепак популарна дестинација, цената се движеше околу 13.000 леки.
Што се однесува до лежалките, на север тие обично се движат од 500 до 2.000 леки, додека на југ можат да достигнат и стотици евра дневно.
Социјалните мрежи, исто така, беа преплавени со фотографии од сметки со детали за цените на оброците и услугите, кои, според албанските стандарди, се сметаат за скапи. Кафиња од 200 леки и гиро од 1.000 леки се само некои примери.
Имајќи предвид дека минималната плата во Албанија е 40.000 леки месечно, а просечната е околу 75.000 леки, овие цени значат дека летувањето на албанскиот брег може да биде недостапно за многумина.
Но, кога станува збор за туристите, овие цени сè уште се под просекот на многу други европски дестинации како што се Италија, Грција, па дури и Шпанија. Но постојат и места со прифатливи цени, достапни за секого.
Нереални очекувања?
На Фејсбук, бројот на групи што го промовираат албанскиот туризам порасна во последниве години, секоја со неколку илјади члена. Овие групи им овозможуваат на давателите на услуги да ги рекламираат своите одморалишта, да одговараат на прашања, барања, поплаки и критики од посетителите.
– Посетивме неколку плажи и иако морето е прекрасно, има многу гласна музика и чадори набиени едно до друго. Дали има помирни плажи? Размислуваме да си заминеме порано, но ќе ги изгубиме веќе потрошените пари – напиша еден посетител во една од групите на Фејсбук.
– Каде да најдеме јавни плажи? Изгледа секаде е со чадори и лежалки. Бараа 30 евра за една лежалка и не ни дозволуваа да ги ставиме пешкирите на песок, беа агресивни кога се обидувавме да се расправаме – напиша друг член.
Иако се чини дека овие коментари се совпаѓаат со аргументите дека пренатрупаноста на плажите со лежалки и високите цени ги бркаат луѓето, некои коментари ја покажуваа другата страна на паричката.
Таквите групи честопати се полни со луѓе што бараат „евтино“ сместување, тури, оброци и искуства. Некои посетители одбиваат да платат 40 евра од ноќ за хотел или возење со такси, кое обично чини 20 евра, а бараат за 10 евра.
– Барам евтин хотел со појадок за двајца возрасни, максимум 30 евра месечно, покрај плажа некаде мирно – објавил еден Холанѓанец на Фејсбук.
– Албанија не сака евтини туристи, ние не сме трет свет, не бидете вие евтини – возврати еден лут албански корисник.
Еден сопственик на хотел во Орикум кај Валона, кој не сакаше да биде именуван, преку порака на Фејсбук ми кажа дека многу странски туристи имаат нереални очекувања за цените.
– Тие слушнале дека Албанија е „евтина“ и не сакаат да платат ништо за што било. Тие сакаат хотел со четири или пет ѕвездички, свежа храна и екскурзии со двојазичен водич, но сакаат да платат многу мала сума за тоа – ова не е коректно – велат тие.
Тие тврдат дека една од предностите на Албанија е што е поевтина од многу други дестинации, но не е „евтина“ и посетителите треба да очекуваат да платат фер цена за квалитетна услуга.
– Ако сакате луксуз, останете во Ксамил во бутик-хотел и одете во модерните луксузни барови на плажа. Ако сте со лимитиран буџет, одете на кампување, земете автобус, останете во хостел и јадете бурек – додаваат тие.
Останува да се види како ќе помине остатокот од сезоната, но некои важни лекции веќе се научени. Додека гледав на booking.com, видов дека голем број оператори ги намалија цените на собите во обид да ги привлечат туристите.
Во меѓувреме, беше извршен вандалски чин на приватна сопственост, врз лежалки и чадори поставени на плажата во Драч од страна на еден луксузен хотел – сигнал дека на обичните луѓе им е преку глава од фактот дека нивното крајбрежје е узурпирано од профитери.
Впрочем, 2024 година веројатно ќе биде година на научени лекции, додека 2025 година ќе одлучи дали Албанија може да стане водечка туристичка дестинација или не.
Алис Тејлор
Рес публика