Агресивното однесување сѐ почесто е топ тема во сите информации во гласилата, ТВ и другите социјални мрежи, независно во кој дел од светот се случува, кај која раса или религија. Во овој период на празнувања на Нова година, Божиќ и други настани, агресивното однесување како да се засилува, па секојдневно сме сведоци на свирепи убиства, тепачки, навредувања и слично.
Од тепачките во училиштен двор до меѓународните конфликти, агресијата е загадочна сила што ги обликува човечкото однесување и социјалната динамика низ речиси целата човечка историја. Тоа е феномен што е стар колку и самото човештво, но неговата комплексност продолжува да нѐ збунува и фасцинира еднакво. Без разлика дали станува збор за тензијата што врие во жестоката расправија или експлозивното насилство при војувањето, агресијата проникнува во нашите животи на суптилни и отворени начини.
Агресијата подразбира нанесување повреда на лице што не сака да биде повредено. Таквата повреда може да е физичка или психолошка/ментална.
Каде се корените на ваквото однесување?
Агресијата се толкува како инстинктивно однесување, слично како гладот/жедта. Ваквото мислење најмногу е застапено кај следбениците на Фројдовото учење. Други теориски пристапи (Бандура) ја толкуваат како социјален феномен (имитација на однесувањето). Трети, пак, ја толкуваат како одговор на длабока фрустрација. Најновиот модел на когнитивна неоасоцијација се фокусира на тоа како нашите мисли и сеќавања влијаат на агресивното однесување. Овој модел сугерира дека негативните искуства создаваат мрежа од агресивни мисли, чувства и тенденции во однесувањето во нашите умови.
Сепак, разумно е агресијата да се објасни како резултат на сложена интеракција помеѓу биолошките предиспозиции, научените однесувања и ситуациските фактори. Со други зборови, може да се сугерира дека агресијата е произведена од интеракција на биолошки фактори (нашите гени, хормони и структура на мозокот), влијанија од околината, како и психолошки фактори (состојби на менталното здравје, особини на личноста и когнитивни процеси). Дополнително, фрустрацијата, провокацијата, болката, па дури и факторите на околината како топлината може да предизвикаат агресија (имено, високите температури провоцираат агресија).
Добро е познато дека агресијата е нормален дел од развојот што го покажуваат повеќето деца. Типично се јавува со поголема фреквенција кај момчињата отколку кај девојчињата. Очигледното агресивно однесување е најчесто помеѓу три и четири години, но се намалува на околу пет-шест години, каде што развојот на вербалните и интерперсоналните вештини помага да се ублажат агресивните импулси и да се олеснат општествено поприфатливите активности (на пр. конкуренција и академски достигнувања). Во периодот на зголемен когнитивен развој кај децата се појавува повеќе социјално поврзана агресија (вербална агресија, релациска и индиректна форма на агресија, како што се исклучување од дружба на врсниците или озборувања, лажење и изневерување).
Како и да е, произлегува дека најбитно е воспитно-образовниот процес во текот на растењето и развојот на децата да обезбеди формирање психолошки карактеристики што нема да вклучуваат агресивност!
За едукативна цел, многу е важно да се истакне дека околината во која се развиваат децата и адолесцентите е критично важна за нивниот социјално-емоционален развој. Добро е познато дека стилот на воспитување може да влијае на социјално-емоционалните перформанси на детето преку неговите ефекти во обликувањето на мозокот. Во тој контекст, некои студии со фМРИ покажаа асоцијации помеѓу однесувањето на родителите и функционалното активирање на невронските мрежи на децата и адолесцентите вклучени во емоционалното возбудување, регулацијата на емоциите, обработката на наградите, когнитивната контрола и обработката на социјално-емоционалните информации.
Накратко, наодите сугерираат дека квалитетот на родителството е поврзан со невронската активација во емоционалното возбудување, емоционалниот одговор, обработката на наградите, социјално-емоционалните и когнитивните контролни мрежи кај децата. Овие наоди ни помагаат подобро да ги разбереме корените на типичниот детски социјално-емоционален развој и можат да го збогатат нашето знаење за тоа како родителството влијае на развојот на психопатологијата и особено на агресијата.
Со неодамнешната загриженост за масовните пукања и насилството со огнено оружје во светот и кај нас, едно од прашањата што интригираат е дали масовните медиуми намерно промовираат насилно или агресивно однесување. Ова е нешто што е особено важно за родителите, бидејќи насилните содржини се вообичаени на телевизија и во филмови, на интернет и во некои од најпопуларните детски видеоигри. Дали е дозволено да им се дозволат на децата ваквите искуства? Следствено, во некои земји веќе започнува процес на забрана на користење на ваквите алатки кај децата.
Конечно, не треба да се потцени дека агресијата може да биде симптом на многу различни основни проблеми. Таа е многу полиморфна состојба, заедничка за кои било различни психијатриски состојби, медицински проблеми и животни околности. Нарушувања на расположението, психоза, нарушувања на однесувањето, АДХД, различни трауматски искуства, но и фрустрации, импулсивност или слаба саморегулација може да бидат поврзани со агресија.
Сепак, мора да се каже дека агресијата не е само негативно однесување, важно е да се препознае дека агресивните тенденции понекогаш можат да служат за адаптивни цели. Во одредени ситуации агресивното однесување може да биде неопходно за самоодбрана или заштита на другите. Покрај тоа, некои форми на натпреварувачко однесување што ги цениме во спортот или бизнисот може да се гледаат како канализирана агресија.
Невробиолошките фактори што се клучни во агресијата ги вклучуваат дејствата на префронталниот кортекс и неговите реципрочни врски со структурите на средниот мозок вклучени во системот за одговор на акутна закана, како што се амигдалата, хипоталамусот и периаквадукталната сива маса. За возврат, тие го регулираат системот за одговор на стресот на хипоталамо-хипофизата-надбубрежните жлезди (HPA). Невралните кола што се чини дека го контролираат агресивното реагирање не се специјализирани само за таа цел, туку поддржуваат поопшто когнитивно функционирање, како што се емоционалната реактивност, емоционалната регулација и когнитивната контрола.
Преваленцијата на нарушување во однесувањето, вклучувајќи го агресивното однесување, варира од 2 до 10 отсто во светските студии. Кај машката популација агресивното однесување е многу поприсутно.
Со цел да се спречи и управува, разбирањето на агресијата како проблем е само првиот чекор. Вистинскиот предизвик лежи во управувањето и спречувањето на агресивното однесување. Тоа е задача што се протега од индивидуално ниво до глобалната политика.
На лично ниво, учењето да управувате со сопствените агресивни импулси е клучна животна вештина. Тоа може да вклучи развивање подобри техники за емоционална регулација, учење поздрави начини за изразување лутина или барање стручна помош доколку агресивните тенденции предизвикуваат проблеми во животот.
За родителите и воспитувачите, разбирањето на психологијата на агресивно однесување кај детето може да биде од клучно значење. Раната интервенција и учењето на децата како да управуваат со своите емоции може да ја постави основата за поздрави модели на однесување подоцна во животот.
Во пошироки размери, решавањето на општествените фактори што придонесуваат за агресија – како што се сиромаштијата, нееднаквоста и изложеноста на насилство – е клучно за создавање помалку агресивно општество. Тоа не вклучува само психологија туку и области како социологија, економија и јавна политика.
Што се однесува до сложеноста на агресивното однесување, справувањето со него е многу тешко и повеќедимензионално. Тоа е особено важно во детството, бидејќи во возрасниот период практично е невозможно да се интервенира во формираната невронска мрежа, како и во структурираната личност. Затоа многу малку се успешни разните ресоцијализациски активности што се воведени во казнените институции.
Во врска со превентивните мерки, ќе споменам неколку чекори:
Најпрвин, мора да имаме позитивно засилување и системи за наградување во периодот на детството. Пофалбите и малите наградувања се многу важни за децата. Подучувањето на емоционалната регулација и вештините за справување е уште една клучна стратегија. Спроведувањето техники за конзистентна дисциплина е исто така важно. Успешното родителство не значи суперзаштита и ненаметнување дисциплински мерки. И конечно, создавањето поддржувачка и структурирана средина е последниот дел од оваа сложувалка.
Нарушувањата на однесувањето често им претходат на асоцијалното растројство на личноста, злоупотребата на супстанции и деликвенцијата. Докажано е дека агресијата и тешките проблеми во однесувањето се поврзани со тешкотии во социјалните, семејните и академските перформанси и во личниот развој.
Бихејвиоралните стратегии за агресија често се фокусираат на техниките за емоционална регулација како клучна компонента за управување со агресивното однесување. Во тој контекст, императив е зголемувањето на свеста за последиците од семејното насилство и промовирањето програми за родителство фокусирани на менталното здравје. Раниот третман на компонентата на агресија кај нарушувањата на однесувањето може да доведе до подобра прогноза.
Индивидуалните фактори, како што е семејното насилство, и контекстуалните фактори во раното родителство може да ги стават децата на зголемен ризик за развој на агресија. Агресија во семејството создава агресивност кај децата!
Когнитивно-бихејвиоралната терапија е еден од најшироко користените и најефикасните третмани за агресивно однесување кај децата. Станува збор за помагање на децата да ги идентификуваат негативните шеми на размислување и однесувања и да ги заменат со попозитивни.
Терапијата за интеракција родител-дете е уште една моќна алатка во професионалниот арсенал. Овој пристап вклучува обука на родителите за тоа како да комуницираат со своето дете на начини што промовираат позитивно однесување.
Во некои случаи лекот може да биде неопходен, особено ако агресивното однесување е поврзано со основна состојба како АДХД или анксиозност. Сепак, ова обично се разгледува само откако ќе се испробаат други интервенции и секогаш треба да се прават под надзор на здравствен работник. Клозапин и рисперидон се ефикасни за краткотраен третман на агресија кај деца и адолесценти со нарушување на однесувањето. Клозапин се покажал поефикасен од рисперидон за факторите на екстернализација на однесувањето, особини на деликвенција и глобалното функционирање кај децата и адолесцентите.
Решавањето на агресивното однесување бара време, трпение и доследност. Но упорноста секако дека вреди. Долгорочните придобивки од справувањето со агресивното однесување кај децата се најбитни. Не зборуваме само за олеснување на животот на краток рок (иако тоа е секако убав бонус) туку е битно за формирање подобри социјални односи, подобрени академски перформанси и поздрави емоционални регулациски вештини, кои ќе им служат до зрелоста.
Со честитката за успешна Нова 2025 година, ви посакувам успешно родителство и формирање таква младина што ќе биде достојна да нѐ води во прогрес и со знаење.