Канада е земја што во светската политика настапува тивко, без гласни изјави, но со сигурна економска моќ и со јасна стратегија за иднината. Таа е меѓу ретките што успева да ја одржи стабилноста во време на глобални потреси. Македонија, пак, е мал пазар со нестабилна економска структура, но со амбиција да стане дел од европското семејство и да ги следи правилата на поголемите играчи. Разликите се огромни, но токму во тие разлики се отвора патот кон заемна корист
Кога ќе се спомене Канада во македонската јавност, најчесто мислите одат кон многубројната дијаспора што со децении живее во Торонто, Монтреал и во Ванкувер. За некого таа дијаспора е предмет за потсмев, додека за други е неискористен потенцијал, кој и не толку загрижен за напредокот на Македонија. За мнозинството, пак, таа далечна земја е синоним за сигурност, развиеност и шанса за подобар живот. Но речиси никој не ја поврзува со трговија, со економија, со бизнис, со конкретни врски што можат да направат многу за македонскиот економски развој. Денес со Канада имаме минимална економска размена, која е мерлива на ниво на статистичка грешка, но тоа не значи дека таквата состојба е неменлива, поплочена со проблеми и зафрлена на некоја полица да чека некој подобар момент за да ги приближи економиите на двете држави. Напротив, токму во ваквите мали, речиси невидливи односи, се кријат најголемите можности.
Канада е земја што во светската политика настапува тивко, без гласни изјави, но со сигурна економска моќ и со јасна стратегија за иднината. Таа е меѓу ретките што успева да ја одржи стабилноста во време на глобални потреси. Македонија, пак, е мал пазар со нестабилна економска структура, но со амбиција да стане дел од европското семејство и да ги следи правилата на поголемите играчи. Разликите се огромни, но токму во тие разлики се отвора патот кон заемна корист.
Она што досега го имаме е симболично: нешто храна, нешто облека, малку машини, неколку обиди за поголеми проекти што завршиле во административни и политички лавиринти. Но токму од тие скромни почетоци може да се изгради сериозна приказна.
Земјоделско-прехранбената индустрија е првата јасна можност. Македонија не смее да остане извозник на сурово овошје, зеленчук или тутун, туку да понуди преработени производи со додадена вредност. На канадските пазари може да стигнат сушени сливи, вишни и кајсии, органски џемови и мармалади без конзерванси, сокови со географско потекло, туршија и ајвар во премиум-издание, мед со потврда за органско производство, сирења со традиционален печат. Тоа се производи што не се купуваат по цена на масовна стока, туку поради вкус, автентичност и приказна. Таквите производи во Канада може лесно да го најдат патот до најголемите синџири на супермаркети или, пак, специјализирани продавници за интернационална храна. Таму е шансата на македонските производители.
Информациските технологии се вториот столб. Македонските програмери одамна работат за американски и европски компании, но канадскиот пазар е речиси непознат. А токму Канада има хроничен недостиг од инженери и компании што обезбедуваат дигитални решенија. Тоа е простор каде што македонските ИТ-фирми можат да изградат присуство и да станат доверливи партнери. Со соодветна поддршка од државата и со економска дипломатија, овие фирми би можеле да го претворат своето знаење во силен извозен производ.
Енергетиката е третата можност, можеби и најсериозната. Канада е глобален лидер во обновливи извори и нови технологии за складирање енергија. Македонија, пак, е земја со хроничен енергетски дефицит и со премногу зависност од увоз на нафта и гас. Ако се најдат канадски компании што ќе вложуваат во соларни или ветерни капацитети, а државата им даде стабилни услови и долгорочни договори, тоа ќе биде пример за вистинска соработка каде што двете страни добиваат.
Фармацевтската индустрија и медицинската технологија се следниот хоризонт. Канада има развиен здравствен систем, но бара поевтини и пофлексибилни решенија за медицински апарати, софтвер и телемедицина. Македонија, со својата комбинација од медицински кадар и млади инженери, би можела да стане центар за развој на такви услуги.
А не треба да се заборави ни туризмот. За Канаѓаните, Балканот е егзотика, а Македонија е земја што може да им понуди нешто поинакво: мешавина од историја, гастрономија и природа. Ако се создаде сериозен авионски коридор, односно се реализира директен лет од Торонто до Скопје и ако туристичките агенции добијат поддршка да го отворат овој пазар, бројот на канадски посетители може да порасне далеку над сегашните симболични бројки.
Но за сето ова да стане реалност, потребна е свест дека економијата не е само бројка во табела или, пак, шарена и сувопарна презентација за инвеститори туку живо ткиво што бара визија, работа и истрајност. Македонија треба да создаде средина во која канадскиот инвеститор ќе чувствува сигурност, а македонскиот извозник вистинска поддршка. Од друга страна, Канада треба да ја препознае Македонија како партнер што може да понуди повеќе од симболичен пазар. Како реален пазар, Македонија е само бледа точка на канадската економска мапа. Но ако сериозно се пристапи кон развој на дипломатските и економските односи, тогаш Македонија може да биде препознаена како земја каде што може да се создава вредност, да се гради долгорочна соработка и да биде центар за канадската економска политика на Балканот.
Светот во кој живееме станува сѐ поопасен и непредвидлив. Големите економии се затвораат во сопствените интереси, а малите често остануваат на маргините.
Македонија нема луксуз да биде маргинализирана. Токму затоа секоја нова можност за трговска соработка треба да се гледа како дел од поголема стратегија за национален развој. Канада е далечна, но не е недостижна. Патот до таму не се мери во километри, туку во политичка волја, дипломатска вештина и економска храброст.
И токму тука доаѓа клучното прашање: зошто македонските влади една по друга ја оставаат Канада на маргините на својата економска дипломатија? Зошто ниту една власт досега не ја изградила институционалната рамка што ќе им даде сигурност на канадските инвеститори и отворен пат за македонските извозници? Дијаспората таму одамна го избрала сопствениот пат и не секогаш била вистински економски сојузник на државата. Ако сакаме резултати, тие ќе треба да се постигнат преку системска работа дома, со одговорни институции, со стопанска комора што преку анализи и контакти ќе ги согледа огромните можности и со влада што ќе ја води економската дипломатија како приоритет, а не како протоколарна обврска.
Без вакви промени, Канада ќе остане само далечна и симболична, а Македонија уште еднаш ќе пропушти можност да претвори една историска поврзаност во вистинска економска сила. Но ако конечно се вложи сериозен труд, тогаш симболиката може да се претвори во конкретни договори, во инвестиции што отвораат работни места и во трговија што носи стабилност. Прашањето е дали ќе се најде храброст да се оди по тој пат или повторно ќе останеме заглавени во празни зборови, бледи прес-конференции и во празни прилики.
Кирил Колемишевски е обичен граѓанин што верува дека Македонија има душа што може да се разбуди, ако секој од нас почне со себе.