Знаев дека сум кул, уште она време кога како копиљ не сакав да заврши војната во Босна. И визионер бев, копиљ пред своето време. Апсолутно ми беше јасно дека мирот ништо добро нема да им донесе на оние што се масакрираа меѓу себе. Кој видел аир од мир? Паднав во гадна депресија кога заврши крвопролевањето во Сирија, дури и привидно, оти таму и по крајот на војната продолжи касапницата, а тоа е подобро од секаков мир. За Либија не ми беше јасно зошто моќните сили што ја започнаа војната, така брзо и ја завршија? А што убаво умираа луѓе во таа пустинска кланица. И сега, злобни идиоти сакаат да заврши ова совршено истребување во Украина. Просто на човек да му се слоши од мизеријата на миротворците.
Војната е еротика, слатка како водење љубов, посакувана како заеднички оргазам. Крвопролевањето е привлечно како возбудата од искуството на зрела жена што те зема во прегратка, мистично скокотливо како рамената на Урсула, естетски сензуално како колковите на Мете, оргазмично предизвикувачки како колената на Каја. Во тие рамена, колкови и колена се огледува возбудата од војна што никогаш не свршува. Сонувам мека постела среде бојно поле каде што се одвива кланица на која разменувам воздишки со овие прекрасни музи што ми ја палат фантазијата и ми внесуваат Ерос и Танатос среде мојата похота, божици на страста и војната, како Хера, Атена и Афродита, за кои Зевс му го даде на Парис златното јаболко да избере која е најубава, а он, малку млад, повеќе „зеленски“ во главата, а најмногу заебан од Хермес (Борис) Џонсон, наместо на сите три да им каже колку ги посакува, како што планираше на почетокот, ѝго даде на божицата на убавината и со тоа ги разгневи другите две божици и би Троја, би касапница што и е целата поента на приказната.
Битно, на Урси, Мете и Каја им се придружи и наша Славјанка. Стани Цаци, да те види Украина! Шпоретот мора да се вклучи на најсилно и во тенџере без вода во него, според рецептите на Рада Натова, да се свари Русија како жива жаба. Тоа се вика тактика. Цаци знае дека Урси е упатена во вадење чипови од миксери и микровални, ако се додадат на нив и шпорети и пегли, новонастанатата американска импотенција веднаш може да се замени со нова европска оргазмична кулминација, инаку, во драматургијата позната и како климакс.
Русјаков, Русјаков, мизогин гаду што сакаш да водиш љубов наместо војна, само ти шири одвратен сексизам, ќе ти се удри од главата кога и јавноста и усаидашите ќе те замаваат со својата принципиелност и оправдан гнев што крева клади и пеплосува!
Видете, можеби уметноста на ширење женски нозе со нежната сила на поетската еротичност како во Пушкиновата љубовна поезија, навистина, во овие чудни модерни времиња е ширење говор на омраза и сексизам од најстрашна категорија, ама јас бедниот и грешниот, освен што мечтаам водење љубов со нив, сакам и рамо до рамо, крај нив, да ја водам нивната вербална војна против Русија, а практично, до последно Украинче на кое може да му се закачи шлем и панцир на невиноста.
А ха, тогаш океј, Русјаков, ако сакаш да водиш војна против Русија до последниот нецивилизиран Пушкинов стих и до последниот жив Украинец, тогаш дури и може да замижиме пред одвратноста на таа еротска поезија што ја шириш како да е посакувана радијација.
Во ред, откако ѝ ставија шлем и панцир на музата, па ја испратија среде губилиштето на војната за да нагази на мина поезијата, да се вратиме во прозаичноста на стварноста. Јас не знам како и кога Урсула фон дер Лајен, Мете Фредериксен и Каја Калас, со сета своја убавина седната во скутот на моќта и комфорноста, ја промашија трасата на феминистичката логика, па почнаа да звучат како машко хорско гракање за опсесија од војна и крвопролевања. Можеби сум глуп и нецивилизиран, ама во мојот назаден ум, оние што носат живот во утроба, не ми оди да раѓаат смрт од главата. Има еден генијален графит кој вели дека потребата на жената да биде рамноправна со мажот се нарекува немање амбиција. До скоро, гледајќи како намерно се изопачува она што феминизмот претставуваше во корен како појава, цинично велев дека модерна феминистка е самохрана мајка без дете, ама сега лудилото се префрли на турбобрзина. Облече униформа и почна да ме убедува дека секоја жена има апсолутно право да спроведува геноцид како и мажите досега. Не дека немало забегани владетелки низ историјава, ама да не глумиме лудило, на прсти се бројат, сепак, искасапи ги ближните свои, си е машка фрустрација од мавање на премногу моќ во главата и неостварена сексуална енергија која никој не ја милувал, па затоа силува.
И така, виде машката суета дека пред него маршира женственоста во маскирна униформа, па се вознемири и удри тупаница врз тркалезната маса на витештвото и, како што вообичаено бидува, би светлина… светлина од рефлекторите на сцената на која прво, драматично и тензично се појави сенката на Наполеон, а потоа, по неа, зачекори и нејзиниот сопственик, мажиштето родено во војна како Конан од Самарија, Емануел Макрон.
Стана и се исправи, воинствен џин над бедната и премалена од страв Русија, па ја распосла својата банкарска става над тајгите низ кои усвет фати мечката и го фрли својот застрашувачки бирократски поглед кон кукавичлакот на непријателот и крикна, го предизвикувам на смртоносен двобој Пушкина, не… ја предизвикувам на војна руската бедна армија, па жестоко додаде, ми се дига нуклеарен чадор над вашите бедни лопати со кои војувате. Жими стиховите на Пушкин (кои некогаш ги љубев, а сега ги презирам), за убавите долги женски нозе (на кои премногу им се дава важност, наспроти долгите пушки со бајонети на нив), кога го слушнав воинствениот крик на Макрон, почувствував како и мене ми растат шлем и панцир на ставата, па замарширав во мислите накај украинските боишта. Марширајќи така налетав на украински четиринаесетгодишник кој дремеше под сенката на поезијата и ги бараше низ себе стиховите на љубовта. Му залепив заушка за да му ја избијам од глава музата, оти шлем е за на главата, го врзав со панцирот што ќе го ослободи од животната енергија и му свикав, марш на фронт мочко низаеден, нели гледаш како јас, Британија и Европската Унија гинеме од дома, среде прес-конференции, на состаноци и на интернет за твојата слобода? Треба и ти малку да цркнеш за неа!