Кога човек има многу работа, не е баш во состојба да следи што се случува околу него. Најмалку има интерес за политика, оти таа генерално онерасположува, а тоа убива концентрација. Зборувам за луѓе што си ја сакаат работата. Оние другите, додека, демек работат, цело време шараат со очи и ум, па изгледаат како да се упатени во сè и сешто и потоа успеваат да ве убедат дека се експертишта за сенешто. За разлика од нив, јас, заглавен во неколку проекти, станав крајно отсутен за сето она што се случува.
Во стварноста ме врати една сообраќајна гужва. Што се случува, го прашав таксистот. Урсула е дојдена, ми одговори. Пак? Пак. Се замислив. Мојот измрцварен ум од малтретирање со евроинтеграции, кои Македонија ја направија Нордистан, сакајќи да побегне од сето тоа се претвора во машина што смислува лигави, ама вкусни за консумирање, холивудски романтични приказни, па откако ја слушна информацијата за Урси, почна да ми плете чудни перипетии. А бре човек, го слушам умот паралелно со гласот на диспечерката од радиостаницата, женава толку често доаѓа што досега можевте да се запознаете, да ѝ ја постелеш пред нозе како црвен килим твојата поетска душа и смислата за хумор што секоја мудра жена ја почитува, можевте да најдете разбирачка за сè, освен за политика, па и да се вљубите и заедно потоа,да расклопувате миксери допирајќи си ги дланките, како што Патрик и Деми месеа глина во онаа прекрасна романтична љубовна приказна. Прекини, се јавува совеста со глас на диспечерка, ќе те обвинат за сексизам, сеедно што везеш патетика за љубов и холивудска еротика.
И така, ѕирнав во политичката реалност околу мене за да видам зошто Урсула фон дер Лајен повторно дошла кај нас. Еј, луѓе, а бе оној Мицкоски може и да ви донесе почеток на пристапни преговори. Вие, мнозинството, факт е, сакате во ЕУ, моите ставови петнаесет години ги изнесувам тука и не мислам да се повторувам, ама како тргнале новиве, нема да се зачудам да почнете преговори со Унијата, (нема да се зачудам и да се случи спротивното) и тоа без бугарски диктат веќе наметнат преку преговарачка рамка. Како, кога веќе е наметнат, а Европејциве од уста не го вадат муабетот, прво уставни промени, потоа преговори? Така, Урси смени збор во својата реторика. Досега беше мора да ги усвоите уставните измени, а сега одеднаш стана, треба да ги разработиме уставните измени. Хмм, во политиката еден збор многу значи. Ама не ми е ова муабетот.
Ниту имам намера да го воспевам премиерот ниту ме интересира ЕУ, освен како моќник што од Лисабонска декларација наваму ми го силува постоењето, иако, мора да се признае, интересни работи се случуваат околу Мицкоски. Да, ѕирнав нешто и за неговата прошетка по европски сали за конференции каде што рекол, нешто во стилот, „ако Преспанскиот договор е ремек-дело на европската дипломатија, брилијантен договор…“, и… море, возбуда! Осуди и пофалби колку сакаш, ама ај тоа, а бе му влегоа толку длабоко во суштина (дали ги цитирал евродипломатите или сам така мисли), потсвест и интерпункција што почнаа да се кршат и граматика, и семантика, и лингвистика, што си реков, ако продолжи вака јавноста, кај и да е, ќе западне во езотерија, што, треба да се признае, не беше случај со претходните двајца што нè владееја. Додуша, околу нив ништо не се кршеше, освен што повеќето сакаа да скршат глава што подалеку од државава, а граматиката спакува куфери откако виде дека логиката веднаш се обеси слушајќи ги.
Муабетот на сегашнава власт околу ЕУ, пристапни преговори, зачленување и преговарачка рамка со Бугарија, се сведува на чекање. Да се чека со уставните измени додека не станеме членка, а потоа да се внесат Бугари во Устав. Чекањето го има и во оној кретенски договор од Преспа. Можевме да се нордистанизираме целосно (промена на документи, имиња на институции итн.) откако ќе се напикаме во ЕУ. Ама не, ние сме слаби на чекање, мислам супер сме со чекањево ако нас некој треба да нè чека (читајте си го ова индивидуално), ама ние да чекаме (?), ма јок. Да требаше ние Годо да го чекаме, насила ќе го донесевме. А брза кучка, слепи кучиња раѓа. Е па, слепци сме, Ципрас убаво ни објасни, оти тука доаѓа едно друго чекање, кое, ние глупи, не го исчекавме. А-ха, Ципрас објасни дека ако почекавме и не се фатевме за Преспанскиот договор како слепи за стап, сега, поради војната во Украина ќе бевме членка на НАТО под уставно име, оти Грците ќе беа така гадно притиснати што ќе мораше да попуштат. И тоа е токму така како што Ципрас кажа, а ние немаме оправдување во муабетот, ама не потпишавме ние, тоа Заев и Димитров, они избрзаа…, па што не ги дигнавме на клоци тогаш? Да бе, цел народ… вмроовци, левичари, неопределени… каде бевме тогаш?
Велат, не треба да брзаш и да преташ ако паднеш во жива кал, оти така побрзо ќе потонеш. Чекањето и трпението се многу важни состојби. Русите ги чекаа нацистите да заглават во зима. Американците чекаа Русите да го завршат поголемиот дел со нацистите, па да се истоварат во Нормандија. Норвежаните со децении чекаат и размислуваат дали да влезат во ЕУ, сакајќи да видат на каде ќе оди работата, па на референдуми гласаат негативно, патем таму се почитува референдумска волја на народот и види чудо, излегоа во право, Унијата фати бестрага. Кога сме кај Норвежаните, го видов професорот Глен Дизен на „Заспиј ако можеш“ и се шокирав позитивно. Во Нордистан, среде национална телевизија, одеднаш исчезна вообичаеното едноумие. Нема да ме зачуди ако наскоро Дизен стане дисидент бегајќи од новите западни „вредности“, ама неговите ставови поткрепени со факти едноставно се таква реткост во јавноста што искрено, помислив дека сонувам.
Да заклучам. Ние денес се гордееме со Гоце Делчев. Не верувам дека тој се гордее со нас, ниту тогаш, ниту сега. Главниот лик во нашата понова историја, веројатно најмудриот стратег во Организацијата, бараше да се чека со кревање востание. Да се чека и да се работи, не само народот низ цела Македонија да се вооружи туку тој народ да се извади од страв, апатија и летаргија, па потоа да се дејствува. Замислете да го послушаа и Балканските војни да ги дочекавме со спремен и вооружен народ на цела територија, полн сила и самодоверба. Ама не, повеќето беа „многу паметни“ и мораа да брзаат, оти нели, Бугарија и Србија ќе ни помогнат, Русија само што не ни помогнала, Европа веќе ни помага и сите заедно стојат зад нас како поддршка. Како да не! Избрзавме, изгубивме и видовме како сите тие стојат зад нас во 1913 година. Стоеја навистина зад нас, ама со друга намера.