Децата се наше огледало, па да дејствуваме тоа огледало да биде чисто
За двете најтешки работи во животот
Зависноста од интернет, како и која било друга зависност, не го погодува само поединецот туку и општеството во целина. Популарноста на интернетот доведе до неконтролирано и претерано негово користење. Тоа нарушување е предмет и во неколку медицински гранки што се занимаваат со човечката психа. Денешниот живот е незамислив без интернет. Сите информации за човечката популација се потхрануваат во интернет-базите на податоци. Треба да се биде внимателен бидејќи на целата планета сите што се приклучени на интернет во секој момент можат да дознаат сѐ што е потребно. Човечката љубопитност е природна работа, но од сите страни демнат опасности. Сега, во оваа ера, во полн ек е зависноста од интернет.
Брзиот ритам на живот и многубројните обврски што родителите секојдневно ги имаат резултираат тие да имаат помалку време за да им се посветат на децата и на семејните вредности, што претставува погодно тло за различни облици на девијантно однесување кај децата. Тие се подложни на влијанието на врсниците, супсоцијалните групи и медиумите.
Во денешно време на родителите им е многу тешко. Се работи повеќе време, работното време е европско, се останува подолго на работа, а некои лица – за да можат да егзистираат – работат по две или три работи. Притоа, децата се губат во времето и просторот, се имитираат едни со други. Сите сме залудени од интернет-мрежите, Фејсбук, Инстаграм, Тикток и другите социјални медиуми.
На децата им е достапно сѐ. Кога дете од, на пример, шест или седум години гледа Тикток, тоа може да имитира сѐ што има на таа мрежа. Без родителска грижа и надгледување, детето не знае за граница и тоа може да му прејде во навика или, пак, да стане погубно за него. Родителите би требало да најдат време за своите деца и да ги одведат некаде, на пример на планина (Маврово, Крушево, Пелистер, Водно…), во парк и слично, да играат со децата некои подзаборавени игри. Кај децата се создава некоја страст кон игрите на телефон, компјутер, плејстејшн…
Треба да се одреди граница, да се најде средина, на децата да им се дозволат некои игри, да им се објасни што е добро и делотворно, а што не е.
Јас, додека слушав предавања, на Православниот богословски факултет во Белград, по предметот Пастирска психологија кај сега покојниот академик професор доктор Владета Јеротиќ, можев да го чујам како говори дека две најтешки работи во животот се да се воспитува дете и да се управува со држава. Јеротиќ зборуваше и за родителството. Тој велеше дека детето е ум што впива до својата шеста-седма година, дека не треба да се биде премногу строг кон детето бидејќи со текот на времето кај тоа дете се создава инфериорност, ниту пак да се биде претерано благ, бидејќи потоа детето станува разгалено. Значи, треба да се најде средина. Треба да им се укажува на децата на последиците од претераното користење интернет. Нека се потрудат секоја мајка и татко, колку и да немаат време, сепак, треба, да најдат време и да го следат развојот на своето дете. Има време за сѐ. Децата и семејството се столб на општеството. Од семејството зависи нашето општество. Секој нека тргне од себе и да поработи на себе. Професорот Јеротиќ често знаеше да ја спомене еврејската поговорка што гласи „ако не станам подобар, ќе станам полош“.
Децата се наше огледало, па затоа да дејствуваме тоа огледало да биде чисто. Треба напор за сѐ во животот. Таков е животот. Треба да се живее ревносно и со многу љубов. Тешко е да се каже сето тоа, но не е неизводливо. Љубовта треба да се дели со партнерот и со децата, на тој начин децата ќе напредуваат. Лично мислам дека поради недостиг од љубов и внимание, некои деца го компензираат тоа и се бараат на погрешни места како: дрога, алкохол, пушење, игрици, интернет, коцка и друго.
Освен во семејството, неопходна е едукација во училиштата, основните и средните, преку дејствување на психолог, педагог, така што веројатно на тој начин би се намалила зависноста. Мислам дека, додека траат часовите, телефоните треба да се остават на некое место, но за тоа треба да одлучат учителите, професорите, наставниците.
Како гласи онаа народна поговорка „сѐ што е премногу, тоа не е здраво“. Така и денес, не може да се промени дигиталната сфера, но некои работи во врска со неа може да се ублажат. Да им дадеме на децата повеќе љубов и ќе биде добро.
Гордана Здравкоска