Новата влада што ќе биде составена набрзо ќе треба да го средува хаосот во државата. Зборот хаос беше еден од често употребуваните зборови во кампањата, не заборавајќи дека варијанти или синоними на тој збор редовно се слушаа од устите на опозиционеритe што сега се власт. Хаос во здравството, хаотично е во образованието, хаосот се шири во судството, хаос во сообраќајот во Скопје и така натаму. Од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата предводена од него сега се очекува да почне да ги средува состојбите, да ги надминува проблемите и да донесува решенија што ќе значат подобрување во секој поглед.
Во македонскиот јазик зборот хаос се објаснува како краен неред, збрканост, отсуство на систем во нешто, измешување на нештата, заплеткување на конците и мешање на лончињата (ситуацијата), со предизвикување збунетост и неизвесност. Исто така се толкува и со нарушување на постојниот начин на живот, отсуство на ред и поредок, со несредена состојба, со безредие, со состојба во која нема кој да заведе ред. Во современата анализа тој ги симболизира збунетоста на човечкиот дух, немирот во него и неговото неснаоѓање пред проблемите.
Често читаме и за хаотични состојби во одредени градови, за хаос што настанал на спортски стадиони при значајни натпревари, за хаос во сообраќајот по патиштата и за многу други работи. Тој збор се употребува да се опишат и некои не баш нормални состојби, како на пример: „Дома ми е хаос“, „хаос ми е на работа, а и фирмата ми е во хаос“, а некогаш служи и за опишување на лични, емотивни состојби. На пример, „хаос ми е во бракот“, „хаос ми е во мислите“, „во хаос ми е главата“, „целиот сум во некој хаос од кој тешко можам да излезам‘‘.
Хаос е грчки збор, но вистинското значење не може најточно да му се утврди. Некои од филолозите потеклото му го бараат во нешто што е широко отворено, што е дупка, што има пукнатини додека други тврдат дека неговото значење би можело да биде празен простор или бездна без дно. Некои велат дека хаос е она што е спротивно на редот, на воспоставената хармонија. И според Речникот на симболите, хаосот е персонификација на првобитната празнина, а одговара на поимот збрка, на пустош и празнина, на нешто непостојно, недефинирано, спротивставено, крајно неодредено.
Во симболиката е претставен како простор низ кој се движат само злобни и црни суштества. Митологијата го објаснува како непрегледен и неизмерлив понор исполнет со густ мрак и магла, сурова, безоблична и неподвижна маса, време кога постоело само тоа и ништо друго. Хаосот се појавил уште пред да се појават боговите, постоел пред сѐ друго и од него подоцна излегло сето живо на светот. Поетично би се кажало: На почетокот била небиднината и од таа небиднина почнала биднината, создавањето на новиот свет и на човечкото суштество во него.
Сите стари филозофи и подоцнежни и сегашни научници се согласуваат во едно, а тоа е дека најнапред бил хаосот, а потоа сѐ друго. Во антиката постојат неколку мита за постанокот на светот, сите поврзани со првобитниот хаос. Еден од нив е митот за Пелазгите, кој ни кажува дека во почетокот Евронима, прамајка на сите нешта, се издигнала гола од Хаосот, но не наоѓајќи ништо цврсто на што ќе застане, го раздвоила морето од небото, танцувајќи осамена на брановите.
Смрзната од северниот ветер, вртејќи се околу себе за да се потстопли, се сретнала со големата змија во ликот на Офион, се соединила со него, доживеала големо сладострастие при што затруднела и заедно живееле на планината Олимп. Потоа зела форма на гулабица, и така пловејќи некое време по брановите, го снела јајцето на Универзумот, а од јајцето излегло сѐ на светот: Сонцето Месечината, планетите, ѕвездите, Земјата со планините и реките, дрвјата, билките и живите суштества.
Според оваа легенда, и првиот човек на земјата бил Пелазг, прататко на сите луѓе. Ако се земат за сериозни тврдењата дека Пелазгите се прадедовци на дел од Античките Македонци, тогаш може да се рече дека ова би требало да биде и древен македонски мит. Самите Пелазги, иако од земја родени, тврделе дека тие всушност се митолошки суштества, дека настанале од змијата Офион, односно од неговите заби што му ги избила од устата налутената Евронима. Како и да е, овој мит за македонството на Пелазгите, првите бели луѓе на светот, живее меѓу античките легенди и кај дел од денешните Македонци, кои на свој начин ги толкуваат тие легенди.
Другиот мит е олимпискиот, кој кажува дека во почетокот на сите нешта мајката земја се издигнала од Хаосот и во сон го родила првиот човек, Уран. Тој испратил плоден дождец и земјата родила трева, цвеќиња и дрвја заедно со диви ѕверови и птици, а од водата настанале реки, езера и морињата. Тогаш биле родени и џиновите со сто раце и киклопите.
Постојат и два филозофски мита за постанокот на светот, кои објаснуваат дека прво била темнината, а од темнината произлегол Хаосот. Од единството меѓу темнината и хаосот се создале ноќта, денот, вечната темнина и воздухот. Со соединувањето на ноќта и на вечната темнина се создале судбината, староста, смртта, убиствата, соништата, кавгата, бедата, немирот, одмаздата, радоста, сожалувањето. Од спрегата меѓу ноќта и денот се создале Земјата, небото и морето. Од спојот меѓу воздухот и земјата се создале ужасот, итрината, бесот, несогласувањето, лагата, клеветата, неумереноста, заборавот, стравот, гордоста, битката и пеколот.
Други, пак, велат дека богот на сите нешта, кој и да е, ненадејно се појавил од Хаосот, ја раздвоил земјата од небесата, водата од сувото и горниот воздух од долниот. Откако ги раздвоил елементите меѓу нив воспоставил ред што владее и денес. Земјата ја поделил на неколку зони, некои многу топли, некои многу студени, а некои умерени. На земјата обликувал планини и рамнини и ги облекол со треви и дрвја. Небото го потпрел со ѕвезди, на него ставил Сонце, Месечина и планети, смислил ветрови да дуваат од четири страни. На крајот го создал човекот, кој единствен од сите живи суштества може да ја крева главата нагоре кон небото и да ги набљудува Сонцето, Месечината и ѕвездите.
Ете така настанала природата, сѐ околу неа и во неа, сѐ што настанало, настанало од првобитниот хаос, ако им се верува на легендите. Се разбира дека, освен античките и европските митови, постојат слични легенди и кај другите, пред сѐ староисточни народи во Индија, Кина и во Јапонија, не исклучувајќи ги легендите на северноамериканските Индијанци и племињата што го населувале Сибир.
Може да се рече – колку народи, толку митови за настанувањето на светот и за потеклото на својот народ, на својот прастар идентитет.