Не знам зошто дозволив да ми го смести сопствената замисла. Си реков, опуштено, нема што да се секираш за следната колумна, избори се, ќе заврши првиот круг, ќе излезат резултати и ете тема за пишување. А ха, ете тема! Изгледа ние не гласавме факинг локални избори. Всушност бевме дел од комплексен математичко-филозофски експеримент преку кој треба да стигнеме до смислата на животот, настанокот на универзумот и влијанието на утринското кафе врз несфатливите димензии на суштинските метаморфози од РЕМ-фаза, преку мамурно будење до освежувачката горчина на севкупното расонување во сооднос со излезеноста на чудните слики од последниот сон и процентот на испланирани погрешни потези наменети за денот што ни претстои од кои ќе извлечеме дефетистички заклучоци кој всушност изгуби… да, изгуби… каде ги изгубив клучевите, да му се сневиди?
А без клуч, нема заклучоци. Ако не можам да донесам заклучоци, најпаметно е нешто да однесам… да го однесам пепелникот да го истресам, да запалам цигара и да продолжам да размислувам за што да пишувам оваа недела. Затоа што со проблемот кој победи, а кој изгуби на изборите, тешко дека ќе се справам. Дека Јунајтед го победи Ливерпул и тоа гадно ме изнервира, а јас ги изгубив клучевите во претходниот пасус, јасно ми е, ама со избориве…
Велат, бројките не лажат. Да бе, не лажат! Зависи на која филозофска школа припаѓаш. Не е исто дали си стоик, неоплатонист или софист. Стоик секогаш цврсто стои на една нога во немирните води на статистиката, неоплатонистот, одново и одново, платонски се вљубува во влијанието на децималите и процентите врз неговата емотивна состојба, а софист е оној што секогаш познава некоја тетка Софија која е пензионирана професорка по математика, па треба неа да ја праша, кој според изнесените бројки, кафе и слатко на асталот на логиката всушност победил, а кој, како мене, ги изгубил клучевите. Ние пак епикуристите одиме, гласаме, победуваме и Епикур ни е, двор ни е. Да, двор… ќе го исфрли некој ѓубрето од дворов? Е, фак!
Извинете, ама кај нас фрлањето/чистењето ѓубре воопшто не е така едноставна категорија, туку, напротив, станува збор за есенцијална езотерија, односно, ако на бројките им пристапуваме преку филозофија на математиката, тогаш за да го решиме проблемот со ѓубрето мора да се фатиме за психологија на антропологијата или беше антропологија на психологијата, сеедно, колку поблесаво, тоа подобро, па така да дојдеме до суштината на проблемот втемелен во секоја клетка на нашиот организам кој се објаснува преку дијалогот: „Го фрли ѓубрето?“ „Мислев, ти ќе го фрлиш.“ „Ти реков да го фрлиш ѓубрето.“ „Мислев дека на децата им зборуваш.“ „Немаме деца.“
Битно е да се мисли. Јас погрешно помислив дека проблемот можам да го решам со една обична ако/тогаш реченична конструкција и да заклучам: ако ѓубре може да злоупотребува трагедии за политички цели, тогаш воопшто не е чудно што за политички цели се злоупотребува ѓубре, оти избори се, кога нема пари за војни и револуции, барем нека засмрди. Но, овие мои претенциозно едноставни заклучоци не само што не го задоволуваат комплексниот нордистански ум кој исклучиво плива во длабочини, туку ме доведуваат во опасност, од мегафони да бидам прогласен за мегафон. Патем, не може бе тукутака, преку кратко размислување, да се дојде до едноставни заклучоци, имајќи го пред сè фактот дека авторот на овие редови уште не го пронашол клучот. Може децата некаде го затуриле, што ме внесува во некомфорна зона на самракот, од прости причини што немам деца.
А кога сме кај немањето деца, баш пред некој ден разговарав со малиот: „Браво, сине, си нацртал круг.“ „Тоа не е круг, туку пирамида.“ „Е, како пирамида, кога е круг.“ „Намерно ги измешав надлежностите на сите делови на пирамидата и затоа сега ти личи на круг.“
Да, вртењето во круг, понекогаш се нарекува рингишпил, понекогаш оро, а најчесто кружен тек преку кој секогаш се стигнува во политичка слепа улица. Само надлежните знаат како да се излезе од тој ќор-сокак. Затоа, рајата, јавноста, политиката, седмата сила, осмиот патник и деветтата симфонија, науката, интелигенцијата, периодиката, метафизиката, сите, ама сите се опседнати и ги бараат надлежните. Оттука, постојат многу нивоа на надлежност, за радоста при потрага на надлежните никогаш да не заврши, па на прашањето: „Кој е надлежен?“, вообичаениот одговор е: „Јас сум надлежен, ама ова не е моја надлежност, види кај надлежниот за таа надлежност, иако може и он да е во моментов за друго надлежен.“ Инаку јас и во љубовта барам надлежен. Ѝ велам дека таа има надлежност да преземе нешто за јас во неа да се вљубам. Ми вели, моја надлежност било да дејствувам за таа да преземе нешто. Се јавува и јавноста за да ни објасни дека надлежност пред сè има хемијата, оти ако таа не дејствува, џабе ни е. Знаев дека и тука мора да има наука.
Ало, брат, да не ти се наоѓа ЛСД? Ми рекоа дека хемијата има надлежност над љубовта. Ако нема хемија, нема ни љубовна приказна. Само преку хемија меѓу нас може да стигнам до физика со неа, сеедно што физиката е независна од хемијата и обратно.
Да се биде во тек со фактичката состојба треба да си независен. Не мислам на независните листи. За да бидеш вистински независен, треба да си понезависен и од оние што излегле на избори како независни. Треба да си наднезависен, со ај кју 4.987.343, тоа се подразбира. За да станеш таков мора да се искапеш во етеречната када на физиката која штотуку ја напушти Архимед под притисок на оние што се независни и од прва и од втора и од трета опција, четврта брзина и петта димензија (четвртата одамна ја прошетале) и таков недоискапен отрча кај Галилеј и Њутн за да ги праша до кога мислат на зависните да им дозволуваат да се заебаваат со гравитацијата, оти наднезависните се независни и од таа факинг гравитација, затоа лебдат и од високо имаат преглед на целата состојба што ја мрчат и оттаму, од небесата, нè прозиваат нас малкумина кои сме во тињата на зависноста до кога мислиме да им ја валкаме наднезависноста која се церекаше помагајќи Македонија да стане нордистанска духовна депонија.
Вмровец, не сери! Стаорци ни шетаат низ град.
Независен вмровец. Мама го сакаше моралот, а тато ги сакаше мачките, запишала Сузи Клеменс, ќерката на Марк Твен.
Каква врска има ова?
Јас ќе се занимавам со моралните просеравања на нордистанците, а ти земи ги мачките и пушти им ги на стаорците.




































