„Црвена, црвена, боја моја најмила“„го пее громогласно Тоше Проески рефренот од песната „Македонија навива за вас“, химна на навивачите на македонската фудбалска репрезентација.
Бојата не е случајна. Уште од средниот век црвената боја означувала победа. Во тоа време победените владетели морале да ја прострат својата црвена наметка за да може победникот да исчекори на неа и тој чин да го означи крајот на војната. Според толкувањето државни протоколи, токму од тој обичај денес важи правилото да се постила црвен килим при посетите на важни државници насекаде во светот. Бледоцрвената боја била толку популарна што и славниот император Карло Велики ја обоил својата палата во црвено, носел црвени чевли, имал црвена коса и брада и меѓу своите бил познат како Црвенобрадеститот.
Црвениот килим се пренесе и во други сфери, во шоу-бизнисот, со глумците на пример, што ги гледаме како шетаат по црвениот килим на некој фестивал. Таков е фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, каде што, како и на другите фестивали, може да се види дека глумците не се политичари, но политичарите се добри глумци.
Црвената боја има симболично влијание низ целата историја и религија во светот. Евреите се ослободија од египетското ропство, водени од Мојсеј го поминаа Црвено Море од Египет до нивната ветена земја и го создадоа Израел.
Во римската митологија се поврзува со богот на војната, Марс, а црвена е и самата планета. Асоцијацијата помеѓу црвената боја, боговите, војската е поврзана со пролевањето крв. Во христијанската религија симболизира крв, војна, грев, во некои слики го претставува ѓаволот.
Во Стара Кина ја сметале за боја на среќата, симбол за благосостојба и напредок, здравје и долг живот. Арапите сметале дека оној што носи црвено е заштитен од Бог. Во индиската култура е најмоќна боја. Не случајно голем број Индијци си ставаат црвена точка или цртка на челото меѓу веѓите, истото тоа го прават и многу омажени жени.
На Балканот има и подлабоко разновидно значење. Дел од македонската традиција се црвените знамиња и грбовите, без разлика дали тие биле за мир или борба. Знамињата на македонските востаници биле црвени, носејќи порака за вечна борба за слобода. Црвени беа (и сѐ уште се) симболите на комунизмот.
Во фолклорот, во народните носии, во традицијата најзастапени комбинации на црвената се со црната боја. Црно и црвено е знамето на ВМРО-ДПМНЕ. Црвеното е симбол на борба, а црното симбол на ропство. Во култната песна „Везилка“ на Блаже Конески две нишки, два конца ја објаснуваат несреќната судбина на народот. Едниот црн што буди морничави таги, другиот црвен што буди копнеж и светол и стрвен. Љубителите на фудбалот ги знаат боите на дресот на ФК Вардар.
Црвената боја има многу поврзаности со секојдневниот живот и со прашања со кои се среќаваме често. На пример зошто сите знаци за предупредување и опасност се со црвена боја, зошто застануваме на црвено светло. Постојат десетици објаснувања зошто велигденските јајца се бојат во црвено. Зошто жените со црвен кармин на усните се попожелни и попривлечни. И уште многу зошто.
Еден од основните одговори е дека окото човеково е особено чувствително на оваа боја. Според некои истражувања, склоноста кон црвената боја е вродена и може да се забележи на секој човек. Таа е поврзана со крвта – најважната течност преку која сите органи добиваат храна и разни информации за организмот во целост. Во тие области треба да се бара одговорот на енигмата зошто луѓето поцрвенуваат кога ќе се најдат посрамотени, кога се бесни или кога имаат секс.
Црвената е класична боја, полнокрвна, буди сексуалност, еуфоричност, раздразливост. Психолошки, дејствува силно и возбудувачки. Црвеното светло го забрзува дишењето, ги зголемува крвниот притисок и мускулната напнатост., потсетува на врелина и возбуда.
Психолозите тврдат дека ги симболизира енергијата, богатството, возбудата, брзината, опасноста, љубовта. Дејствува силно, поттикнува на акција, ги забрзува пулсот и дишењето и го подобрува апетитот. Најмногу ја носат луѓе чија основа на карактерот е волја и изразена животна сила. Најочигледен пример е поранешниот претседател, а сега кандидат за втор мандат Доналд Трамп, кој не се одвојува од својата црвена кравата.
И современиот македонски политички живот не остана без црвен белег. Ако во тој контекст на го злоупотребуваме презимето на Бранко Црвенковски, речиси две децении една од главните, најприсутни зборовни и политички сложенки беше изразот – црвени линии. Тие црвени линии се однесуваа на капацитетот на македонските власти да ги зачуваат придобивките стекнати во независноста, особено во односите со Грција и со Бугарија. Црвената линија што подразбираше брана во заштитата на македонските национални интереси полека-полека попушташе за да ја снема.
Така, пробивајќи ги и бришејќи ги црвените линии, Република Македонија го смени своето дотогашно име и отвори простор да се создадат првични услови Северна Македонија да станува вазал на Бугарија, со голема европска помош.