Станува збор за напредна цивилизација. Засега нема ништо слично на повидок. Галактичката структура е таква каква што е поставена одамна. Но оваа наша напредна цивилизација како да заглави со „обичните“ секојдневни проблеми, па никако да мрдне подалеку и да тргне низ галактичкото пространство, да ги помести границите на сознанијата, да допре до некоја друга цивилизација со која успешно ќе комуницира. Којзнае, веројатно има и попаметни суштества од нас Земјаните. Дали станува збор за неспособност или слободен простор на нашава планета со нерешени проблеми, премногу незацелени рани и неизвесни состојби на места што чекаат иден стопан или господар? Веројатно дека на земјата постојат празнини што треба да се пополнат, да припаднат, да се поделат. Ама важно е дека интензивно се подготвуваат мисии што можат ама и не мораат да ги поместат некогашните достигнувања на големите космички ривали. Патем, лаички ќе прашаме што е толку тешко да се стапне повторно на Месечината кога човекот веќе успешно го направил тоа? Или можеби недостига еден холивудски мајстор за повторно враќање таму, но сето тоа да не биде проследено со приказни за теорија на заговор?
Деновиве имаме плима од изјави на светски лидери, кои на дланка ја имаат силната јадрена енергија претворена во моќно оружје. Тие грлено најавуваат за зголемена воена моќ. Едната страна ги има орудијата на „судниот ден“ крстени „сармат“, „кинџал“, „сатана“ или „кањон“, кои може со еден удар да придвижат „цунами“ со бран од 500 метри. Најнов е фамозниот „буревестник“ (ама не оној на Максим Горки што полета високо на небесата за да ја најави Октомвриската револуција како нешто сензационално…). Другата нуклеарна сила има огромен воен арсенал и подморница, која патролира по должината на брегот на потенцијалниот непријател. Таа исто така постојано дежура со „оружје на судниот ден“. Јавачите на апокалипсата не мируваат.
Многу малку се користи жаргонот за нормален, спокоен живот. Малку се говори и за дадена можност со работен елан и заслужен надомест, односно плата со која спокојно ќе може да се истурка месецот, за креативност и духовна просветеност, која ќе придонесе за поквалитетен живот и подносливо секојдневие. Што се случува со оваа наша цивилизација? Сериозно е зголемен бројот на човечки жртви, никогаш повеќе карневали, водвиљи, кабареа, спортски и театарски претстави под покривот на големата медиумска градба, нејзиното височество – политиката. Одамна замаениот свет со отапени сетива, на сето тоа гледа како на атракција.
Бидејќи човекот, според големиот Аристотел е зоон политикон односно политичко суштество, тогаш и политиката е инволвирана во сите општествени пори. Стрипот како најдоцна прогласена и промовирана уметничка нишка не може да побегне од трендот што господари со сите општествени односи во кои, пред сѐ, доминира власта или моќта како нејзин императив. Без нив веројатно и структурата на политиката сигурно би имала питом лик.
Веќе напишав зошто ми е мил и зошто го сакам Алан Форд, италијанската класика од стрип на Магнус и Бункер. И доколку имаше слични награди како „Оскарите“ или „Еми“, веројатно би му била доделена висока награда за истенчениот пристап во анализите на еден општествено-политички систем. Овој стрип сеопфатно ги откриваше аномалиите на еден систем што се декларира како врв на општествени вредности. Несомнено дека авторите на овој популарен стрип ја исцртаа и ја опишаа пирамидата на организација на општеството почнувајќи од пороците, доблеста, гетата, државните структури (власта, администрацијата, медицината, елитите) и армијата со таинствените служби за безбедност и контраразузнавање.
На малку поразличен начин, стрипот на белгискиот мајстор Рејмонд Машеро третира една за денешно време исклучително значајна тематика – екологијата. Се разбира апетитите на негативците во стрипот како што е Антрацит – големиот црн стаорец, имаат потреба и од политички активности и амбиции, кои се наменети за тогашните тоталитарни општества.
Во стрипот станува збор за жителите на полињата, барите, канализацијата и шумите. Како и во сказните на Езоп и тука животните ги красат човечки карактеристики. Главни херои се две мали глувчиња, Крцко и Малецки (Балецки). Освен нив, во приказната на тогаш мошне популарниот стрип беа и ежиња, барски птици, мечиња, кртови и сл. Стрипот имаше одличен цртеж и прекрасни топли бои, но и сенчани ликови како Антрацит и неговата мафија. До ден-денес (читателите може и да дојдат до стрипот) пред очи ми е агресивниот настап на Антрацит со повикот: „Навалете црна мафијо“! А црната мафија за нас беше нешто таинствено и мошне опасно. Тие страшни суштества се појавуваа од купиштата смет, а потоа тероризираа и ширеа опасност. Секако, под опасност се подразбираа тешки болести. Сето тоа алегорично, ама и вистинско.
Од денешна временска разлика, тој за нашето детство наивен авантуристички стрип во кој ние заземавме страна, всушност имал своја длабина и содржина што слободно се идентификува со денешниве случувања. Дали некој ги спомна Скопје во 2025 година и страшните слики со купишта смет? Намерна случајност, нели?
Антрацит и неговите следбеници се црната мафија? Тој навистина е главен злосторник бидејќи доаѓа од канализациските цевки или барите во кои се излева отпадна вода, но денес сигурно ќе предизвика ронка носталгија наспроти денешниве злосторници. Долга е низата на истите во кои спаѓаме и ние, обичните смртници. Да потсетам само на „Чума“ од господинот нобеловец Албер Ками кога ордите стаорци од купиштата смет ја селат чумата од дом во дом во алжирскиот град Оран и притоа предизвикуваат многубројни човечки жртви.
Не помалку сериозен пристап треба да се заземе кон малите глувчиња Крцко и Балецки, за кои денешниве деца (доколку уште се читаат стрипови) тешко дека ќе покажат големо разбирање. Возрасните? Тешко за верување. Тие имаат еден куп гајлиња. Значи, тие глувчиња живеат безгрижен живот, но во секој момент се подготвени да ја бранат правдата. Постојано се жртвуваат, но исклучително за општа корист. Денеска е мошне тешко да се замисли креативна инертност како кај нив, односно да не се ита безглаво, да се биде задоволен од она што се има, да се биде скромен, ама и веднаш да се одговори на повикот на општеството кога тоа се наоѓа пред тешки проблеми.
Сметот е чумата на општеството во сите облици. Не знам како дојде до оваа состојба кога и планинските патеки се полни со отпадоци. Кога ќе нѐ испратеа да купиме килограм јагоди или цреши, ние се враќавме дома со книжно ќесе во рацете. Се разбира, немаше најлони. Ние моравме да ја придржуваме со раце бидејќи се влажнеше од сокот. Но тоа беше во шеесеттите од минатиот век кога Крцко и Балецки водеа голема битка против црната мафија…
Внимавајте каде ќе го фрлите најлонското ќесе со смет, оти од контејнерите може да ви скокне Антрацит со неговата црна мафија. Но таа може и да е надвор од контејнерите, нели?
Љубомир Јованоски
Авторот е писател


































