Црна сабота

Авторски текст на еден од најзначајните светски и најважен израелски писател за војната меѓу Израел и Хамас. Овој текст е објавен во „Фајненшл тајмс“, „Нувел обсерватор“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, „Ел паис“, „Еспресо“, „Република“, „Та неа“, „Стандард“, „Газета виброча“, „Спотмедиа“, „Афтенпостен“, „Даг Нихетер“ и „Данас“

Околу илјада убиени, 2.900 ранети, стотици грабнати заробеници. Секој преживеан е чудесна приказна за снаодливоста и храброста. Безбројни чуда, безбројни храбрости и пожртвувања на војниците и цивилите.
Ги гледам лицата на луѓето во шок. Нашите срца се оптоварени со различен товар. Одново и одново говориме едни на други: ова е ноќна мора. Ноќна мора без споредба. Не постојат зборови со кои може да се опише сето тоа. Не постојат зборови со кои би се искажало сето тоа.
Го гледам и длабокото чувство на предавство. Предавство на граѓаните од страна на нивната влада, од страна на премиерот – и неговата деструктивна коалиција. Предавство на сѐ што како граѓани го сметаме за драгоцено, а особено како граѓани на оваа држава. Предавство на нејзината формативна и обврзувачка идеја. На најдрагоцениот од сите завети – националниот дом на еврејскиот народ – кој им е предаден на неговите водачи на чување и спрема кој требаше да се однесуваат со почитување. Но што видовме наместо тоа? Што навикнавме да видиме, како тоа да е неизбежно? Она што го видовме е целосно изневерување на државата во корист на ситни стрвни планови и теснограда, цинична и делирична политика.
Она што се случува сега е конкретна цена што Израел ја плаќа за тоа што со години бил заведен од страна на корумпираното раководство, кое го водеше по удолница, од лошо кон полошо; што ги нагриза неговите институции на правото и правдата, неговата војска и образовен систем; кое беше подготвено да ја доведе државата до егзистенцијална опасност за својот премиер да го зачува од затвор.
Замислете сега во што сме соучествувале со години. Замислете ги сета енергија, мисли и пари што ги потрошивме гледајќи ги Нетанјаху и неговото семејство како ги играат своите улоги во стилот на Чаушеску. Помислете на гротескните илузии што ги создадоа пред нашите запрепастени очи.

Во изминатите девет месеци, милиони Израелци секоја недела излегуваа на улиците да протестираат против Владата и човекот на нејзиното чело. Беше тоа движење од огромно значење, обид Израел да се врати на вистинскиот курс, назад кон возвишената идеја што е во темелот на неговото постоење: создавањето дом за еврејскиот народ. И тоа не каков било дом. Милиони Израелци сакаа да изградат либерална, демократска, мирољубива, плуралистичка држава што ја почитува верата на сите луѓе. Но наместо да слуша што имаше да понуди тоа протестно движење, Нетанјаху одлучи да го дискредитира, да го прикаже како предавничко, да шушка против него, да ја продлабочи омразата меѓу актерите. Ја искористи секоја пригода да докаже дека Израел е моќен, решителен – и над сѐ – дека е добро подготвен да се соочи со каква било закана.
Кажи им го тоа на родителите избезумени од тага, на бебето фрлено на работ на патот. Кажи им го тоа на заточениците, на луѓето што сега ги делат како бонбони меѓу разни терористички организации. Кажи им го тоа на луѓето што гласале за тебе. Кажи го тоа пред најнапредната гранична ограда на светот, која е пробиена на осумдесет места.
Но немојте да згрешите и немојте да се збуните: со сиот бес врз Нетанјаху, врз неговите луѓе и неговата политика, ужасот деновиве не го предизвика Израел. Тоа го стори Хамас. Окупацијата е злосторство, но да врзеш стотици луѓе – деца и родители, стари и болни – и рамнодушно да ги стрелаш еден по еден – тоа е поголемо злосторство. Дури и во хиерархијата на злото постои „рангирање“. Постои скала што здравиот разум и природните инстинкти можат да ја идентификуваат. И кога ќе ги видите местата на убивање на посетителите на музички фестивал, кога ќе ги видите терористите на Хамас како на мотори ги бркаат младите што се забавуваат, од кои некои уште танцуваат, не сфаќајќи што се случува…
Не знам дали оперативците на Хамас треба да се нарекуваат,,животни“ но тие несомнено ја изгубија својата сопствена хуманост.

ххх

Низ овие ноќи и денови поминуваме како месечари. Се обидувам да се противам на искушението да гледам ужасни клипови и да слушам гласини. Чувствувам како стравот навлегува меѓу оние што првпат по педесет години – од Јомкипурската војна – ја доживуваат застрашувачката можност на поразот.
Кои ќе бидеме кога ќе станеме од пепелта и повторно им се вратиме на своите животи? Кога однатре ќе го почувствуваме болот на зборовите на писателот Хаим Гури, напишани во текот на борбата за независност на Израел:,,Дека се многу оние што веќе не се со нас“. Кои ќе бидеме и какви човечки суштества ќе бидеме откако ќе го видиме сето она што ќе мораме да го видиме? Од каде ќе започнеме по уништувањето и загубата на толкав број нешта во кои верувавме и на кои им верувавме?
Ако смеам да претпоставам: Израел по оваа војна ќе биде многу повеќе десно, ќе биде помилитантен и ќе биде расистички. Војната што му е наметната ќе ги зацементира најекстремните стереотипи на омразата и предрасуди што го заокружуваат – и ќе продолжат сѐ посилно да го заокружуваат – израелскиот идентитет. И тој идентитет од сега сѐ повеќе ќе ја оцртува траумата од октомври 2023, како и поларизацијата, внатрешниот расцеп.
Дали е можно она што беше изгубено на 7 октомври – или е суспендирано на неодредено време – да беше мала шанса за вистински дијалог, за вистинско прифаќање на постоењето друга нација? И што велат сега оние што мавтаа со апсурдниот поим на „двонационална држава“? Израел и Палестина, две нации разорани и расипани од бескрајната војна, не можат веќе да бидат ни роднини една на друга – дали некој уште верува дека можат да бидат сијамски близнаци? Ќе мора да поминат многу години без војна пред дури и да биде прифатено разгледувањето на можноста за излекување. Во меѓувреме, можеме само да замислиме колку страв и омраза ќе избијат на површина. Се надевам, се молам дека на Западниот Брег ќе има Палестинци што, и покрај својата омраза спрема Израел – нивниот окупатор – ќе се оградат, било со акција или со зборови, од она што го направија нивните сонародници. Како Израелец, немам право да им држам лекции, ниту да им говорам што да прават. Но како човечко суштество имам право – и обврска – од нив да барам хумано и морално однесување.

Пред две недели, лидерите на Соединетите Американски Држави, Израел и на Саудиска Арабија со ентузијазам говореа за мировната спогодба помеѓу Израел и Саудијците, со која би се воспоставиле израелски спогодби со Мароко и Емиратите. Палестинците одвај беа присутни во овие спогодби. Нетанјаху, арогантен и полн со самиот себе, успеал – според неговите зборови – да ја прекине врската помеѓу палестинскиот проблем и односите на Израел со арапските држави. Израелско-саудискиот договор не е без врска со настаните од „црната сабота“ меѓу Газа и Израел. Мирот што би го направил би бил мир на богатите. Тоа беше обид да се заобиколи сржта на проблемот. Изминатите неколку дена покажаа дека е невозможно да се започне решавање на блискоисточната трагедија доколку не се понуди решение што го ублажува страдањето на Палестинците.
Дали сме подготвени да ги отфрлиме излижаните формули и да сфатиме дека она што се случува тука е премногу големо и страшно за да може да се надмине со надминати парадигми? Дури и однесувањето на Израел и неговите злосторства на окупираните територии во текот на педесет и шесте години не можат да го оправдаат или ублажат она што се покажа: длабочината на омразата спрема Израел, болното сфаќање дека ние Израелците ќе мораме секогаш да живееме овде засилено внимателно и постојано подготвени за војна. Во непрестајното настојување истовремено да бидеме и Атина и Спарта. И со темелен сомнеж дека некогаш ќе можеме да водиме нормален слободен живот, непопречуван од закани и стравувања. Стабилен, сигурен живот. Живот што е дом.