Цивилизацијата како рана (3)

Записи во несоница

Западната цивилизација сама од себе се осветлува, како во својата култура така и со своето варварство на кое, разбирливо, и од наше македонско искуство со неа сме главно фокусирани на овој вториот нејзин елемент. Но тука сега ние, драг читателу, ќе се допреме и до метафизичка Азија за да фрлиме и бочна светлина на неа. Тука мислиме, пред сѐ, на Кина и на Индија како нејзини најрепрезентни примероци на нејзината духовна и ментална слика. Двата огромни азиски цивилизациски организми. Има една битна и се чини непремостлива разлика меѓу нивната и Западната цивилизација. И Кина и Индија имаат космополитска психа, која го гледа светот како целина за „човекот-човештво“ (Шлаермахер), за разлика од Западот на Европа, кој на тој план го наследи од Рим етноцентричниот концепт на владеење и со тоа и егоцентричниот менталитет што ја отвори вратата на нејзиниот колонијалистички нагон за владеење и грабеж на туѓи народи. И тоа е нејзината антрополошка трагедија. Ако го усвоеше космополитскиот концепт на Античките Македонци нејзината ментална и душевна слика ќе беа поинакви, блиски до сликата за човекот и светот на Кинезите и Индусите што ги имаме сега во видното поле. Но таа и таквата психа не ѝ одговараше нејзе, а со својот колонизаторски нагон создаде многу несреќи низ светот, за на крајот со двете светски војни и самата себе да се доведе во прашање. Нејзините етички и хуманистички вредности со кои никогаш и не можела посебно да се пофали таа целосно крахираа. Од филозофите тоа најубаво го сфати Ниче, цивилизациски мислител од голем формат, па бараше целосно да се урне таа, заедно со сите нејзини обесветени вредности и на урнатините да се изгради цивилизација со нови вредности на моралот, етиката и вистината. Тоа е визијата на неговиот радикален нихилизам, но со префиксот: позитивен.

Со еден збор, непремостливо се различни западната и источната колективна душа; првата затворена во својот етно и онтоегоцентризам, а втората, иако со моќно онтолошко средиште, отворена во концентрични кругови кон светскиот простор. За Западот, посебно и англосаксонски егоцентризам говорат и некои просветлени европски умови. Меѓу нив и Шекспир, кој остро ја критикува и разобличува англосаксонската ксенофобија, што е и психолошки производ на клаустрофобијата, психофеномен карактеристичен не само за некоја личност туку и за менталитетот на некои народи, а во нашиот случај како што гледаме и за цела една цивилизација каква што е тоа Западната. Таа критика Шекспир ја изнесува во драмата „Томас Мор“ и за неа имам објавено поголем есеј во „Нова Македонија“.

Таквата слика на психата на Западот му е позната и на човекот на Далечниот Исток, кој нема многу убави историски спомени со неа, бидејќи и тука стигнале нејзините лакоми колонизаторски прсти. За тоа нешто говори и Љупчо Коцарев во неколкуте негови текстови за Кина и нејзината цивилизација објавени во „Нова Македонија“. Во еден од нив „Судир на цивилизација наспроти поднебје“ (НМ 14–15 дек. 2024) во таа смисла тој и го цитира кинескиот интелектуалец Лјанг, кој збито in medias res јасно jа дефинира разликата меѓу кинеската и европската психа. Вели: „Европските национални држави ги имаат своите корени во градовите и замоците. Основниот принцип на овој тип на организација е консолидација на силите внатре за да се спротивстават и да им пркосат на оние надвор, така што омразата кон странците е средство за будење патриотски чувства“. Така Лјанг, просто не само како антрополог туку и како одличен психијатар, ја дава дијагностички менталната слика на психата на западниот човек, а веднаш потоа како нејзин контраст ја дава и сликата на широко отворената кинеска космополитска колективна душа. Вели: „Од друга страна од почетокот на цивилизацијата кинескиот народ никогаш не ја сметал националната влада за најважен облик на општествена организација. Нивната политичка етика отсекогаш била во однос на целото човештво, со светскиот мир, а семејството и нацијата само како етапи во довршување на светскиот поредок.“

Така. Доволно јасно, и после тоа знаеме зошто азиските цивилизациски џинови Кина и Индија никогаш го немале тој катастрофичен колонизаторски нагон за потчинување и пљачкање на другите како што го имал со столетија и сѐ уште го има човекот на Западната цивилизација. Напротив, парадоксално, тие така огромни, и територијално, во одредени покуси и подолги до многу долги мигови мерени и со столетија биле западен колонизаторски плен. Кина, на пример, во таканаречената „опиумска војна“ била касана од Англичаните во содејство со Французите во чија заднина како хиена што мерка дел од пленот стоеле Американците. А што да се каже, пак, за Индија со божествено кротка душа населена со цела прашума од илјадници богови, кои меѓутоа сите како што објаснуваат самите индуистички религиозни филозофи се само функции на врховниот космички Брахман, чии основни епицентри се Вишну, Шива и Кришна. Нешто аналогно во асоцијациите со христијанското Свето Тројство. Е таа кротка и божествена огромна Индија била приближно три столетија (!) колонијалистички плен на Англосаксонците на Черчил, кои, како што вели тој, создавале „стабилни системи“ во колониите. Сјаен изговор за грабежот. А на Англосаксонците во грабежот на Индија им се приклучиле и Португалците со уште од времето на Магелан и Васко де Гама славен колонизаторски нагон за белосветски грабежи.

Така, а сето тоа го дава на показ менталниот онтолошки и антрополошки хијатус меѓу Западната и Источната азиска цивилизација на Кина и Индија како нејзини архетипски слики. Кај нив доминира психата на љубовта, смирението и мудроста на Буда, што е слична на тој план на психата на Исус, кој меѓутоа Западот не го прифати со срцето, иако изгради велелепни катедрали, но Бог никогаш не влезе во нив, темни и студени како цивилизацијата што ги изградила нив. Таа не ја усвои со срцето Радосната новозаветна вест што ѝ беше пратена од Македонија преку апостол Павле и Македонците, кои како благодарност за тоа сега идентитетски ги ликвидира. Европа никогаш немаше светска космополитска визија како што ја имаа неа од Александар до Гоце сега и понатаму Македонците и Кинезите и Индусите од Азија.

По Аушвиц и Треблинка, по Хирошима и Нагасаки, а сега и по идентитетскиот геноцид на Македонците, плус и со ѕверскиот геноцид во Палестина, убивајќи илјадници невини деца, некои штотуку родени, а некои од нив и неизлезени од утробата на мајката. Западната цивилизација, од Хирошима наваму и евроамериканска, нема никакво морално право да бара прошка од човештвото. Впрочем, драг читателу, нејзе и не ѝ е воопшто позната институцијата проштевање, најважна во христијанскиот правен кодекс. Христијанството што таа само номинално го усвои како маскирање на својата дива варварска енергија и пагански нарав. Нешто што беше слично и каj од Европа патолошки, пак за своја цел, омилените Грци, кои и покрај напорите на апостол Павле и Македонците останаа пагани сѐ до шестиот век по Христа кога нивните пагански институции во Атина ги укина со декрет Македонецот Јустинијан.

NOCTURNO, DE PROFUNDIS, MEMENTO MORI. Тиранизацијата на човештвото од страна на Западната цивилизација има и расен контекст, а тоа благодарение на белиот човек, кој се самопрогласи за избран, како што се прогласија така и Евреите за избран народ во Библијата, а потоа им го предадоа на Римјаните Божјиот син да го распнат на Голгота. Западната цивилизација никогаш не се откажала, сѐ до денес, од својот агресивно болен ариевски нарцизам не само на надреденост и поробување на другите туку и на самодеструкција внатре во самата себе. За тоа сведочи германскиот ариевизам на Хитлер, кој не само што ги негираше црната и жолтата раса туку и сѐ што не е германско во белата. Концепт сличен на спартанскиот во Стара Грција во кој се праќаа во насилна смрт од новородени деца, па натаму сите што имаа и најмала физичка или душевна мана. Аналогно по тој „цивилизациски“ терк дејствуваше кај цели народи, па и други цивилизации како кон туѓо дефектно тело и ариевската Западна цивилизација, сѐ до Хитлер, кој посегна и на неа како таква, означувајќи го дефинитивно така и конечниот распад на нејзината хомогена ариевска психа, која сега е здрава и архетипски валидна само кај Германците. Така, и сега со ариевизмот на избраност доаѓаме конечно пак и пак, драг читателу, до дијагнозата што ја поставивме in medias res во насловот на нашиот есеј. А таа дијагноза е par excellence медицинска. Оти и цивилизациите функционираат како човечкото тело, кое на азискиот исток се дефинира како антропокосмос, а европскиот запад никогаш не ја сфати таа шифра, освен некои ретко просветлени личности како што се тоа Јунг, Фром, Хесе, Хлебников, Ниче и некои други отворени умови и души. И тоа е голема несреќа на ариевистичкиот нарцизам на Западната цивилизација, која не се вкрсти и калеми со источната душа, нешто што го означува како цивилизациски недостаток Јунг, а по него и Фром. И до денес тоа не се случи, иако Западот гледа како источниот „Појас и пат“ и „Патот на свилата“ на Кина го освојуваат, посебно на посиромашните, светот. Патиштата што Африканците ги гледаат како ослободителни од западниот колонијализам, кој сѐ уште го задушува нивниот домороден здив. А за тоа како илустрација ќе дадеме само еден фрагмент од еден африкански патопис на англискиот писател Греам Грин што го позајмуваме од новата книга на Стефан Влахов Мицов, „Бројлерски свет“, апсолутна дистописка слика на Западната цивилизација, која патем волен/ноленс ја формира и современата деградирачка слика на човештвото. За жал. Во тој свој брилијантно дијагностички есеј по болеста на неговата Западна цивилизација, Грин пишува за нејзиниот нарцистички ариевски нагон залегнат во нејзината потсвест да ја асимилира домородната култура на потчинетите по свој цивилизациски терк како крајно цивилизациско достигнување од кое нема понатаму, бидејќи тоа би требало да биде врв. Нешто како Арарат во потопот на кој се насукува арката на Ное и го спасува светот. Да. Ама таа арка, погледната од перспектива на Западната цивилизација е само новиот потоп на човештвото под знакот на западната идеологија на капиталот и профитот, над сѐ.

Така. Да. Сфати, драг читателу, дека по Ное тоа е западен потоп на човештвото, антрополошки, социјален, психолошки и секаков друг вид во кој асимилаторскиот ариевски нагон на Западната цивилизација е неприкосновен во остварувањето на нејзиниот планетарен ариевски концепт. А всушност за тоа говори и овој фасцинантен фрагмент од африканскиот антрополошки есеј на таа тема на Греам Грин. Еве што пишува тој: „Англичаните ја беа наметнале својата деградирачка цивилизација, а потоа беа избегале назад што може подалеку од неа. Сѐ што е грдо во Фритуан беше европско: магазините, црквите, владините канцеларии, хотелите. Ако имаше нешто добро беше домашното, локалното: малите тезги на продавачите на овошје, кои се трупаа на крајот од улиците осветлени со свеќи; домородните жени кои се враќаа од црква во недела наутро“. Потоа Грин пишува и за карикатуралната положба на месните службеници во колонијалниот режим: „Тие носеа униформи, имаа официјални функции, одеа на прослави во владиниот дом, гласаа, но цело време сфаќаа дека во очите на суровите бели намесници изгледаат смешно. Ако беа робови ќе имаа повеќе достоинство… од нив се очекуваше да играат улога на бели мажи, и колку повеќе ги имитираа нив, толку повеќе им беа смешни на нивните наемници. Беа уништени од сарказмот на господарите и колку повеќе се обидуваа да си го вратат достоинството толку посмешни изгледаа“.

Така говори непоткупливиот Греам Грин за „култивираното“ цивилизациско варварство на своите Англосаксонци, кои го колонизираа светот од Америка, Блискиот Исток и Африка сѐ до Индија, а се офајдија со еден дел и од големата и мирољубива Кина, која како и Индија никогаш во своето повеќемилениумско траење не ја магнетизирала својата колективна психа со карактеристичниот нагон за варварство и колонизам на европскиот Запад.

(продолжува)