Станува крајно сомнително. Ако продолжи вака, може да заглавам и во сериозно теоретизирање на заговори. Којзнае, на крај може да излезе дека стварно е заговор, а не теорија. Заговор против мене. Почнува да ме фаќа параноја дека битисувањето ми ги саботира колумните. Јас, тука и сега, а битните настани од глобално значење, секогаш еден чекор во иднината пред моето пристигнување. Звучи небулозно, ама така е. Уф, па вие и не знаете за што пишувам. Простете! Никогаш не сум знаел како нормално да им влезам на колумните. А за тоа пишувам, за моите колумни и стварноста, која очигледно ги саботира. Оти не се случило само еднаш или неколкупати, туку стопати досега. Јас колумна пишувам петок наутро и мора до пладне да ја испратам на редакцијата. И ете ја тука стварноста со својот безобразен цинизам, најважните светски настани се случуваат час, два или пет часа потоа. Ќе почнам да мислам дека најважните светски настани и глобални потреси не сакаат да бидат дел од овие редови. Како ли тоа изгледа? Чекај, полека, кај брзате (?), им вели стварноста на настаните, нека ја напише Русјаков колумната, па тогаш ќе се случите. Нека се нервира малку. За вас ќе мора да пишува дури следната недела, а дотогаш, хахахаха, вие веќе нема да бидете најважните настани, други ќе се случат.
Така и сега. Штракам по тастатура, префрлам зборови од шупливо во празно, врзувам реченици со хендикеп, бидејќи пропуштив еден викенд колумнарење од оправдани причини, а со тоа и информации за она што светот го возбудило, некако ќе дојдам до крајот на колумната и неколку часа потоа, Трамп и Путин ќе седнат на Алјаска да ја оправаат планетата. Од кај да знам, може нова Јалта ќе се случува, ама јас ќе мора за тоа да пишувам дури следната недела во која, којзнае, вонземјани ќе ни ја окупираат планетата Земја, па ќе побараат да си го смениме името во планета Вода, оти така налага географијата.
И што сега јас да пишувам за средбата меѓу Путин и Трамп, која уште не се случила? А, не фала, не сакам да дрочам анализи за тоа какви се можните исходи, нека им го тоа на аналитичарите и полотиколозите чии муабети и прогнози се битни колку и ланскиот снег што не падна во пустините. Јас ќе се држам до суштината. За почеток, дали во Енкориџ е избрана доволно топла просторија, оти што ако им е ладно на претседателите? Ама знам јас дека политичари треба да функционираат со ладни глави, но што ако им изѕемнат нозете? Па од нозе тргнува настинка и преку половината, ете ја низ цело тело во форма на висока температура, кашлица и мрсулавење. Да не биде после, цела планета кисне чорапи во оцет. Исто ме интересира што Дон и Вова прво ќе се напијат. Дали ќе наздрават со силен руски чај или со квалитетно американско виски? Можеби најдобро е во руски чај да сипаат американско виски како превенција да не изѕемнат. И секако тука е политичката симболика. Ќе се распукаат ли со снежни топки, за потоа, симболично, како крај на нетрпеливоста, од истиот снег да направат заеднички снешко, со морков и со стап, метафора за тоа како функционираат империите што ги владеат.
Ма знам јас дека има и такви што би сакале, наместо Путин и Трамп, на Алјаска, за светот да одлучуваа Камала и Зеленски и не велам дека тоа нема да биде крајно сериозна средба од која сите ќе профитираме, оти кога Володја ќе засвири пенис-соната на пијано, а мадам Харис ќе запее со очите, веднаш светот ќе стане поубаво место за глупирање каде што владее диверзити и секој може да биде што сака, да прави што сака, да мисли со трепавиците и да гледа со ушите.
Русјаков, светот се поти, планетата трепери, а ти се заебаваш!
Ме заболе за светот, а планетата ако е паметна може доволно силно да се затресе, па сите да нè смести во апокалиптичен блендер со чија содржина потоа ќе наздрави вечноста, а оваа цивилизација и не заслужува ништо друго од цинизам натопен во жесток хумор излеан од мрачните солзи на Бирс и Хармс. И зошто па јас да не смеам да се исмевам со гротескноста на планетарното безумие каде полудените од моќ кои демек тераат геополитика, а не мислам само на овие двајца што ќе се сретнат откако ќе завршам со колумната, туку буквално на сите што се нарекуваат лидери, значи зошто јас да не можам да откачам кога тие зборуваат за крај на војна со насилен мир или за конечен мир со продолжување на војната? Да не зборувам за геноцидот што се случува за кој сите нешто демек се бунат, мрчат, па и намрштени се закануваат, односно само драпаат колчишта дури тој ист геноцид не заврши како што е замислен, по што ќе следи негово масовно заборавање, оти некој многу битен што пука во филмови, ја фатил за цицка некоја многу битна што нога пред нога тера по модни писти, а камерите тоа го фатиле на концерт на некои многу битни што пеат досадни рефрени.
На крајот на краиштата, многу ми е поинтересно, сериозно да се глупирам за средба меѓу САД и Русија што уште не се случила, отколку, што знам, да се изгубам во мистичните лавиринти на политиката на Европската Унија, каде што веројатно се разгледува претпоставката дали Путин до Алјаска ќе патува на ирвас, зашто Русите веќе немаат авиони, ги извадија од нив чиповите за да ги ставаат во микробранови печки и миксери од кои претходно вадеа исти такви чипови за да ги ставаат во лопатите со кои војуваа, а Трамп гарант до Енкориџ ќе пристигне на санка впрегната од мигранти и воук-активисти, кои ги држи во Белата куќа како црни робови.
Помислив да пишувам и за „книжевната“ копрофагија што ја тресе новата Заева нордистанска популација, кавга меѓу „бардот на Нордот“ и неговите поддржувачи од интелектуалната бижутерија со еден „суетен“ новинар кој ги напушти нивните (меѓу) редови, затоа што за разлика од нив му работи мозокот, додуша, според мене, со задоцнување, оти бидна специјалната војна против Македонија по која, преку насилство, до нацистички договор, се спроведе нордистанизација со бугаризација во најава, која нема да векува како суштина, оти е бесмислена форма без корен и приказна, па си реков, батали, не си арчи нерви, „нордистанец е глупак што се претставува како величина“, а „нордистанците по националност се ништо, можеби гомна“ во обид да станат нација. Но со самото тоа што го парафразирам „бардот на Нордот“, значи и немам проблем со неговата слобода на говор на омраза, напротив, тој за мене е она што за Русите е Косово кога си го земаат Крим, односно, неговата слобода да мрази и мене ми дава слобода да презирам, оти омразата е глупа и напорна, иако, како Македонец со милениумски корен и приказна, сеедно што сум заглавен среде нордистанска политичка и интелектуална депонија, ми се прди за нивните мислења исто како што на Европа ѝ се прди за оние што мислат дека само нив ги очекува.