Фразата „oбјави или загини“ што обично се користи за да се опише притисокот во академската средина за брзо и постојано објавување академска работа за одржување или продолжување на научната кариера, сега може да се преформулира во „објави и биди цитиран“, иако, реално, има повеќе инхерентни предрасуди поврзани со различни практики на цитирање како што се самоцитати, посредни цитати, како и негативни цитати, погрешни цитати, цитати со повеќе авторски пристрасност, почесни цитати, дискриминаторски цитати, селективни и произволни цитати итн., што ги прават библиометриските засновани цитати силно погрешни и неисправни мери. Сeкој што се занимава со наука е запознаен и свесен дека факторот на влијание е показател за релевантноста на публикациите, што го зема предвид бројот на цитати што секој објавен труд ги добива во две години по неговото објавување. Но дали треба да ги оценуваме научните придонеси на овој начин? Во држава на заробени умови едно вакво прашање е на ниво на ерес. Замислете да размислувате надвор од воспоставената рамка? Па макар и да сте научник. Сегде, само не и кај нас, се расправа за сѐ поголемото незадоволство на научните работници од (зло)употребата на факторот на влијание во евалуациите и одлуките за мандат, унапредување и вработување, како и за корумпираните академски издавачки практики и злоупотребата на факторoт на влијание за тие цели. Очигледно дека цитатите се далеку од совршено мерило за евалуација на нечии академски перформанси.
Инаку, за потсетување: факторот на влијание првично беше создаден како алатка за да им помогне на библиотекарите да се идентификуваат списанија за купување, а не како мерило за научниот квалитет на истражувањето во статија. Дека треба промена на системот на евалуација и процена на истражувањата повеќе е од јасно. Освен кај нас, се разбира. Кај нас отворено не се зборува за „цитирачката мафија“ и „картелите за цитирање“, кои се примери и начини на кои уредниците, истражувачите и списанијата се обидуваат да го зголемат своето академско влијание (цитати) со поигрување и злоупотреба на системот. „Картелите за цитирање“ се состојат од блиски автори што меѓусебно се цитираат, многу често без разумна релевантност. Непропорционалното цитирање, главно реципрочно или „quid pro quo“, е нуспроизвод и практика што не само што го нарушуваат научниот интегритет туку влијаат и на различните показатели за научниот квалитет на трудовите или списанијата. Што се случува со нецитираните трудови? Дали се помалку вредни? Според некои автори, ваквите трудови можат да бидат занемарени со години или децении, но новите студии или откритија може да ги актуализираат во секој момент.
И, реално: бројот на цитирања не значи дека повеќе цитираното дело е со повисок квалитет или прецизност од помалку цитираното дело, бидејќи цитатите не го мерат квалитетот или точноста. Очигледно дека напуштањето на користењето на бројот на публикации како мерило за евалуација на научната работа би бил почеток. Особено ако се знае и тоа дека годишните приходи на „големите пет“ комерцијални издавачи – „Елсевиер“, „Вајли“, „Тејлор енд френсис“, „Спрингер нејчр“ и САГЕ – се проценуваат во милијарди, а некои имаат неверојатни профитни маржи што се приближуваат до 40 отсто, надминувајќи ги дури и оние на „Гугл“. Во меѓувреме, научниците ја вршат речиси целата суштинска работа за да ги изработат овие статии бесплатно: истражуваат, пишуваат статии, го проверуваат квалитетот и ги уредуваат списанијата. Не само што овие издавачи не ги плаќаат за нивната работа; тие потоа го продаваат пристапот до овие списанија на истите универзитети и институции што на прво место ги финансираат истражувањето и уредувачката работа. Трошоците за претплата на овие списанија станаа толку претерано скапи што некои универзитети се борат да си ги дозволат. Следствено, многу истражувачи (да не ја спомнуваме општата јавност) остануваат блокирани од неможноста да го платат објавувањето, неспособни да пристапат до информациите што им се потребни. И така во круг.
Во научната фела незадоволството од (зло)употребата на факторот на влијание расте во последниве години. Универзитетот во Утрехт од 2018 година повеќе нема да го користи факторот на влијание при одлуките за вработување и унапредување. Извештајот го нарече факторот на влијание „несоодветно мерило за процена на влијанието на научниците“ и заклучи дека неуспехот да се измени тековниот систем за процена веројатно ќе доведе до „континуирано однесување што не секогаш резултирало со позитивно општествено однесување“.
Новата шема е дел од отворената научна програма и напорот во повеќе правци на овој универзитет да го направи истражувањето потранспарентно и кооперативно. Соработниците од отворената наука се вградени во него и секој оддел ќе се оценува според напредокот кон објавување со отворен пристап, јавен ангажман и споделување податоци. Утрехт нема да биде сам во своите напори да се промени начинот на кој истражувачите ќе бидат оценувани. Како што отворената наука станува сѐ повеќе поважна во политиката и донесувањето одлуки околу финансирањето и стратегиите за истражување, мислам дека речиси ќе биде неопходност за институциите да го следат примерот. Кај нас со вакви молчаливи универзитети и академски кадар, што не досега подалеку од Табановце (забелешка на професорката Ванковска, со која целосно се согласувам), тешко дека ова ќе се случи во блиска иднина. А можеби ни тогаш.
Проф. Звонимир Јанкулоски