Н.Е. Г-ЃА ЏИАНГ СИАОЈАН, АМБАСАДОРКА НА НР КИНА ВО МАКЕДОНИЈА

Н.Е. Г-ЃА ЏИАНГ СИАОЈАН, АМБАСАДОРКА НА НР КИНА ВО МАКЕДОНИЈА

  • Принципот на суверенитетот е камен-темелник на Повелбата на ОН и основна норма што ги регулира меѓународните односи. Тој е од суштинско значење за глобалниот мир и правда и затоа мора доследно да се почитува. Прашањето за Тајван е во самото срце на основните интереси на Кина и претставува прва и најважна црвена линија што не смее да се премине

Неодамнешните случувања во Венецуела го потресоа не само глобалното јавно мислење туку и самите темели на меѓународниот поредок воспоставен врз Повелбата на Обединетите нации. Она што сега се става под прашалник е фундаменталниот принцип на суверенитетот на секоја земја членка на ОН, голема или мала еднакво. Покрај тоа, Соединетите Американски Држави го прекршија и основниот постулат на забрана за употреба на сила против суверена држава што не претставува никаква закана за американската национална безбедност. Затоа секоја држава во светот треба да се соочи со сериозно прашање: на уште колку примери на непочитување на меѓународното право и на нормите што ги регулираат меѓународните односи светот ќе биде сведок, како резултат на постапките на оваа суперсила?
Веќе некое време, кинеската влада предупредува на уште една потенцијална жаришна точка, која би можела да произлезе директно од продолжувањето на неодговорните и незаконски политики на САД. За Народна Република Кина, прашањето на суверенитетот е неразделно поврзано со Тајван. Тоа е општо познато, но провокациите продолжуваат и натаму. Македонската јавност можеби не забележа дека неодамна Соединетите Американски Држави ја извршија досега најголемата продажба на високоофанзивно оружје на кинескиот регион Тајван, со вкупна вредност што надминува 11 милијарди американски долари. Тоа претставува јасно кршење на принципот „една Кина“ и на трите заеднички коминикеа меѓу Кина и САД. Во суштина, тоа претставува сериозно мешање во внатрешните работи на Кина и чин што ги поткопува нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.
Како одговор на оваа опасна провокација, Министерството за надворешни работи на Кина, постапувајќи во согласност со Законот за спротивставување на странските санкции на Народна Република Кина, одлучи да усвои контрамерки насочени кон релевантни компании и високи раководители поврзани со американската војска.
Дополнително, Кинеската народноослободителна армија спроведе заеднички воени вежби насловени „Мисија на правдата 2025“ во областите низ Тајванскиот Теснец. Овие вежби послужија како јасно предупредување до сепаратистичките сили предводени од Лаи Чинг-те, кој се залага за таканаречена независност на Тајван, преку милитаризација на островот. Обидите Тајван да се претвори во тешко вооружена зона водат кон ризик од негово трансформирање во „буре барут“ и „магацин за оружје“, изложувајќи го така на поголема опасност. Профитот од ваквите зделки со оружје се слева во Вашингтон, додека ризиците ги сноси народот на Тајван.
Лаи Чинг-те јавно повика на зголемување на трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП на регионот пред 2030 година. Од овие средства, 1,25 билион тајвански долари (приближно 40 милијарди американски долари) се наменети за купување оружје од Соединетите Американски Држави во текот на следните осум години. Овие најави, разбирливо, ги вознемирија граѓаните, кои брзо почнаа да пресметуваат што значат таквите трошоци во практична смисла.

Низ социјалните медиуми, жителите на Тајван отворија битни и ургентни прашања: Колку болници би можеле да се изградат со 11 милијарди американски долари? Колку километри брза железница би можела да се финансира? Колку деца би можеле да добијат хранливи училишни оброци? Колкав притисок ќе предизвика ова врз пензиите, грижата за стари лица и буџетот за образование? Колку од овие тешко заработени пари на луѓето ќе се користат како адут за преговарање за политички агенди и лични интереси?
Прашањата се рационални и вкоренети во здравиот разум: под такви околности, дали луѓето во Тајван навистина можат да живеат и да работат во мир и безбедност? Дали регионалниот мир и развој можат да се постигнат преку милитаризација и „воени игри“ што си поигруваат со животите и иднината на народот?
Затоа не е изненадувачки што Лаи Чинг-те, откако одлучи да го игнорира јавното мислење во корист на надворешни интереси, изгуби значителна јавна поддршка. Неодамна, законодавното тело на регионот одобри предлог за поведување постапка за импичмент против него, поддржан од јавна петиција поведена од жителите на Тајван. Бројот на онлајн потписници надмина осум милиони, преоптоварувајќи ја веб-страницата и предизвикувајќи нејзино постојано паѓање.
Тајван е неотуѓив дел од Кина уште од античко време. Неговото враќање на Кина претставува главен исход од победата во Војната на отпорот на кинескиот народ против јапонската агресија и Светската антифашистичка војна. Низа меѓународни документи – вклучувајќи ги Каирската декларација и Потсдамската прокламација – го потврдија суверенитетот на Кина над Тајван. Резолуцијата 2758 на Генералното собрание на Обединетите нации дефинитивно го реши прашањето за претставувањето на Кина во ОН, вклучувајќи го и Тајван. Нејзиниот правен авторитет не дозволува никакви оспорувања или двосмисленост. Оваа резолуција обезбедува правна и политичка основа за легитимните и неопходни дејствија на Кина за заштита на нејзиниот суверенитет, територијален интегритет и националното единство.
Таканареченото тајванско прашање се должи на сложени историски околности и периоди на слабост, но се решава природно преку подмладувањето на кинеската нација. Без разлика на тоа колку напредно оружје им се продава на сегашните власти во Тајпеј, стремежот кон „независност на Тајван“ е осуден на неуспех. Никакво политичко маневрирање или надворешна поддршка не може да го промени меѓународниот поредок по Втората светска војна, а уште помалку да го промени фундаменталниот факт дека луѓето од двете страни на теснецот ѝ припаѓаат на една иста Кина. Надворешното мешање и саботажа нема да ја спречат Кина да постигне повторно обединување, ниту пак можат да го поништат преовладувачкиот меѓународен консензус за принципот на „една Кина“.

Принципот на суверенитетот е камен-темелник на Повелбата на ОН и основна норма што ги регулира меѓународните односи. Тој е од суштинско значење за глобалниот мир и правда и затоа мора доследно да се почитува. Прашањето за Тајван е во самото срце на основните интереси на Кина и претставува прва и најважна црвена линија што не смее да се премине. Застапувањето за „независност на Тајван“ значи обид за поделба на земјата; поддршката на ваквата погубна политика претставува мешање во внатрешните работи на Кина, но и ги поткопува мирот и стабилноста не само низ Тајванскиот Теснец туку и многу подалеку од него. Кинеската влада и кинескиот народ се цврсто решени да ги бранат својот национален суверенитет и фундаментални интереси. Ниту една држава или сила никогаш не треба да ги потценат решителноста, одлучноста и капацитетите на Кина.
Веруваме дека владата на Северна Македонија ќе ги почитува своите обврски и ќе продолжи цврсто да се придржува кон принципот „една Кина“, со што ќе се зачува политичката основа на пријателските билатерални односи меѓу нашите две земји. Се надеваме дека македонските власти ќе ги почитуваат меѓународната правда и право и ќе застанат на вистинската страна на историјата – на страната на меѓународната праведност, мирот и соработката. На крајот на краиштата, тоа е страната на човечкиот напредок и заедничката иднина за сите.