Поминаа Нова година, Бадник и божиќните празници, се одбележа денот на Свети Василие (Василица, по народно), врват и другите денови во јануари, еден од месеците со најмногу популарни верски празници во годината. Се прославуваше, каде богато, каде скромно, се испија неброени чаши алкохол и безалкохолни пијалаци. Се креваа чаши за здравје, се наздравуваше за среќа, се изразуваа желби за помалку грижи, се посакуваше поспокоен живот. Ќе се редат и натаму празници, родендени, имендени, свадби, крштевки, бајрами и други празници, ќе има дружења, причини за веселби, за кревање чаши и наздравувања.
Не сум знаел дека чинот на чукањето на чашите е древна традиција што датирала со векови. Се верува дека тој обичај почнал некаде во средниот век како гест на пријателство и доверба, покажувајќи дека едната личност не ја затрула чашата на другата, иако такви подметнувања биле чести низ историјата. Чашата што се крева е симбол на благодарност или на благослов, со тој чин човекот ја прима својата судбина од божјата рака. Може да се работи за чаша полна со благослови, чаша полна со љубов, но и со огнот на казната.
Сигурно дека нема бројки што може да се напишат за да се избројат луѓето низ светот и кај нас, во сама Македонија, што држеле во рака чаши со кои наздравувале тие денови. И сигурно дека ретко кој барал некоја друга симболика на чашата како предмет и на самото наздравување. Зошто би се заморувал со такви неподобни мисли во моменти на ведро расположение. Ако не сте биле запознаени, ако не сте читале за тие симболи, ќе читате сега, доколку имате волја, се разбира.
Симболизмот на полната чаша (пехарот) се појавува во два суштински аспекта – како сад на изобилството и како сад што ја содржи напивката на бесмртноста. Во првиот случај се споредува најчесто со мајчината дојка што дава млеко, а во вториот со симболот што се наоѓа во Светиот грал, сад во кој, според легендите, е собрана Христовата крв и го носи преданието за вечниот живот. Познато е дека загубената чаша од која Исус пиел на последната вечера (Тајната вечера) е еден од најсилните симболи на христијанството. Таа до денес е тема на многу легенди и настани поврзани со потрага да се најде и да се спаси човештвото.
Силата на митот на чашата живее со милениуми. Библијата, Стариот завет сведочи за грабежот во кој царот Навукодоносор ги ограбил златните и сребрените чаши од разурнатиот храм во Ерусалим и ги однел во Вавилон. Садовите ги ставил во домот на својот бог, што покажува дека барем малку ја почитувал нивната света положба. Меѓутоа, Валтазар на најбогохулен начин ги претворил во садови за пиење. Додека пиеле од садовите, кнезовите на Валтазар ги славеле своите богови од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен.
Оваа гозба служи како метафоричен приказ на Вавилон од последното негово време, односно како место на нечесност, на интриги, на блуд и разврат. Оттаму е и Блудницата (Курва) Вавилонска, како и означувањето на Вавилон како „мајка на проститутки и на ужасите на Земјата“.
Чашата има своја симболика и во исламот. Во некои исламски преданија се раскажува дека кога пророкот Мухамед пристигнал во Ерусалим, по ноќното патување влегол во храмот. Кога излегол, неговите домаќини му понудиле една чаша вино и една чаша млеко. Ја одбрал втората. Откако го испил млекото му било кажано дека ако го одберел виното, неговата заедница ќе продолжела да живее во заблуда за светот.
Според друга верзија, Мухамед во Ерусалим го пречекале сите пророци и му понудиле три чаши: една со млеко, друга со вино, трета со вода. Тој го одбрал млекото зашто изборот на водата предвидувал пропаст за него и неговиот народ (според легендата за потопот на дедо Ное), виното ќе го држело во заблуда, а пак млекото било тргнување по вистинскиот пат. Прашање е дали може да се верува дека чаша млеко била една од причините новородениот ислам да биде нова религија што ќе се разликува од хебрејството и од христијанството.
Чашите за кои зборуваме и со материјалите и формите во кои биле изработувани, главно, биле за световни потреби, не за секојдневна употреба. Биле резервирани за духовни и окултни ритуали, верски обреди, за свечени пригоди, свечености и церемонии. Во високото општество, со текот на времето, чашата не била само предмет од кој се пие течност туку станувала статусен симбол. Златна или сребрена чаша можела да биде сопственост на крал, на кнез, на војвода, на човек со висока титула и висока општествена позиција.
Во куќите на богаташите и на кралските дворови во Европа постоела практика најскапоцените чаши да се изложуваат во салоните како на изложба. Како добар пример се наведува гозбата што ја организирал грофот на Фландрија Филип Трети Добри во 1456 година во Хаг. Биле наредени три сервиси: сребрен за обични гости, позлатен за витезите и златните нашарани со скапоцени камења, кои биле само за гледање. Но сите чаши имале иста намена – биле за пиење вино.
Ете, толку за чашата, тој мал речиси неопходен предмет во секојдневниот живот. Во виното е вистината, во симболиката на чашата е животот, на пријателството, на довербата и на светските тајни.