Октомври освен што е убав есенски месец, еве веќе триесетина години е и месец на „Скопскиот џез-фестивал“. Секогаш елегантен нов плакат по градските билборди и на страниците на весниците, интересна референтна анимација на програмите на многубројните ТВ-станици. Вистинско време и убав повод на темата џез, за да се здивне малку од дневнополитички теми и фрустрации, да се освежи и разбранува нашата здодевна и банална реалност.
Во еден убав дождлив пролетен ден во Амстердам – прашува новинар од првиот ред на пресот за медиумите:
– Дали таков свештеник навистина постои или тој е фикција?
Разговор со авторите по претпроекцијата на филмот е задолжителен дел од фестивалската програма и убава шанса за претставување и дополнување на портфолијата и простор за дообјаснување на естетските намери и цели на проектите. Прашање, кое ако се земе продлабочено, е пред сѐ голем комплимент, особено за режисер на краткиот метар, следува одговор. Тоа во некоја рака е добар знак дека авторот заедно со актерите и креативниот продукциски тим успева да ја издигне својата фикција до степен на документарна уверливост и да ја вовлече публиката во приказната. На пресот влегуваат неколку нови лица и го насочуваат вниманието во дискусијата. Понекој блиц и понекоја прибелешка во нотесите. Чарли Паркер е глобален мит и, знаете, тоа е една убава јадица да се продаде приказна – го започнувам својот одговор во вид на вешто интелектуално пиар обопштување, со што при такви ситуации и нестандардни прашања се добива во време и се бара начин како да се заобиколи вистинскиот одговор.
Ако се има предвид светот на приказните, како суверена и креативна зона, сите содржини се можни и вистински. А, дали таков необичен свештеник навистина постои и дали е можно негова фасцинација од легендарниот алт саксофонист Чарли Паркер да е реалност, зашто да не, одговорам неодредено.
По малку збунет од неочекувано прашање, погледнувам преку сите во прес-салата на фестивалот и за миг го фаќам погледот на мојот продуцент, кој е меѓу присутните. Од движењето на неговите усни успева да прочита – „постои“. Подзастанувам за миг, се чешам по увото и продолжувам.
Тоа е една од конкретните последици на големата шизма. Десет века источните христијани ја практикуваат вокалната литургија, ползувајќи ги сопствените грла и ограничените можности на сопствениот глас како инструмент. Во исто време во недрата на западната црква, во содејство со звуците на оргулите и клавичембала се создадени прекрасните творби на Палестрина, Бах, Хендл… Што се однесува до конкретното прашање, дали таков духовник е возможен, одговорот е: – Да, постои, тоа е вистински лик. Таков свештеник живее и работи во древниот Лесновски манастир, во библиска Македонија – се обидов да го искористам моментот и да поентирам. Околината на древниот манастир и неповторливиот македонски пејзаж се вистинска инспирација и почва врз која никнале и опстојуваат безброј митови, а, еве, од оваа сторија можете да се уверите дека и неповторливиот Чарли Паркер, лоциран во тој митски простор соодветствува и ѝ прилега на приказната. Мала пауза по изговореното. Во тишината го препознав ехото на сопствената патетика и, чувствувајќи нараснато внимание, вдахновено продолжив. Она што е интересно да се подвлече е динамичниот карактер на глобалните митови, кои во фантазијата на синеастите овозможуваат најразновидни приказни. А што се однесува до свештеникот џез-фан од Лесновскиот манастир, тој пред сѐ во музиката на неповторливите соло-делници на легендарниот алт саксофонист Чарли Паркер успева да ја препознае и да ја почувствува слободата на еден свој начин…. и одлучува да се обиде преку инструментот да изрази дел од својата духовност, продолжив со несмалена жестина. Свештеникот од древниот Лесновски манастир во Македонија и неговата персонална дилема, настаната како резултат од фасцинација со глобалниот мит, патиштата на духовната слобода, излезот од вителот на дијатониката, конфирмација и уште редица значења и можни толкувања се вткаени во овој краток филмски приказ.
Моралната чистота и етичка литургиска формална недоследност се само дел од причините поради кои одлучува да се распопи и да ја напушти црквата. Мали придвижувања меѓу присутните, прибележувања во нотесите и понекој блиц од фотоапаратите.
А, што се однесува до реалната подлога на приказната, нашата Македонска црква, на која и јас духовно ѝ припаѓам, има свои епархии и на тлото на Америка, од каде што потекнува и вистинската приказна за Чарли Паркер.
Овој текст-потсетување е инспириран од збиднувањата на премиерната проекција на филмот „Мојата љубов Чарли Паркер“ на фестивалот ИДФА во Амстердам пред години. Им го посветувам на главниот протагонист, актерот Кирил Ристевски, лице и појава кое како да беше слезено од некоја средновековна македонска фреска, актер што поседуваше вонвременска енергија и начин што се одликуваше со уверливост и фантазија, автентичен приод, леснотија, едноставност до совршенство, на енергичниот филмофил продуцентот и мој пријател Горјан Тозија-Медо, почитувач сподвижник и вљубеник во филмската магија, и на вонвременскиот Џокер – Ѓорѓи Ѓорѓиевски, директор на филмот.
И за крај на одјавата и потсетување на Чарли Паркер, наречен птица, големиот мит на џезот, еве веќе 70 години нѐ фасцинира и одново и одново нѐ потсетува на неповторлива авантура, живот кус, исполнет со значења, патоказ – метафора на слободата, виртуоз на алт саксофон и уште редица важни и големи нешта. Роден во 1920 година во Канзас Сити, во својот кус неверојатен и бурен живот ќе трасира една од најважните насоки на џезот, радикална концепција што ги допира сите аспекти на овој мултикултурен феномен. И, еве, речиси 70 години од неговото исчезнување од овој свет (Чарли Паркер почина во 1955 година во Њујорк, во апартманот на бароницата Ница Кунингсвартер), тој не престанува да ја плени нашата љубопитност… Слава им.
Аљоша Симјановски