Веројатно се прашувате зошто е насловот на француски јазик, иако е очигледно дека оваа колумна ѝ е посветена на Наде Проева, позната не само како извонредна професорка туку и борец за македонството (израз на кој таа инсистираше наместо „македонштината“). Оние што ја познаваа ќе се сетат и колку таа не сакаше странцизми во јавна употреба. Признавам дека таа ми беше првиот лектор (но и вреден рецензент) на секој труд или колумна што ќе ги споделев со неа, пред објавување. Сепак се решив за оваа француска фраза со која се изразува посебна почит, восхит и одушевување од некого, но и Наде самата неретко на своите блиски пријателки им се обраќаше со „мадам“. Не беше тоа знак на некаков класен елитизам, туку едноставно нејзин начин на покажување и блискост и почит. Освен тоа, духот на франкофонството ѝ беше близок (нејзин прв странски јазик беше францускиот, на кој има објавено и најголем број публикации и добиено најголеми признанија). Точно е дека ние имаме превод на оваа фраза – „шапката долу“ во знак на респект за нејзиното дело, но шапки не носиме, а, уште полошо, најдобрите меѓу нас не знаеме да ги почитуваме ниту кога се живи, а камоли кога ќе заминат од нас. Десетина дена пред да нè напушти, до мене стаса списокот на годинашните добитници на свечени плакети (за животно дело или нешто друго) од Филозофскиот ден, па ѝ соопштив дека и нејзиното име се наоѓа таму. Не ја гледаше смислата да ѝ оддаваат почит десет години по пензионирањето, а уште помалку тоа што на истата листа се наоѓа и министер од новата влада со едвај неколкумесечен мандат (што ли тој стори од значење за Филозофскиот факултет?!). Нејсе, се разбравме – неа тоа веќе ништо не ѝ значеше. Таа респект добиваше од секаде, од странство и дома, ама не таму каде што го вложи целиот живот. Наде беше нашата светска ѕвезда, далеку од Табановце, до врвовите на историската наука во глобални рамки. Неретко кога ќе се пожалев на фрустрациите и разочарувањата низ кои минувам, знаеше да ме охрабри: замини во пензија веднаш, ќе видиш колку плоден автор ќе станеш и колку ќе уживаш во тоа. Да, јас и Наде се разбиравме и како две добри зависнички од работа (воркохолици).
Веста за нејзиното заминување ја примив неполни 24 часа откако починала, и тоа во Сочи, во момент кога вниманието на голем дел од светот беше свртено кон она што на бината го говореше рускиот претседател Путин. Оваа вознемирувачка вест ме деконцентрираше, па почнав и да комуницирам со колеги од Скопје за да проверам дали е вистина. Путин говореше за новото уредување на светот, за Трамп, за Кина, за вештачката интелигенција, за еколошките предизвици (и, секако, за Украина), ама мене веќе ме касна змија – загубив блиска пријателка. Уште пред да заминам на годишната конференција на познатиот клуб „Валдаи“, моите блиски на полушега ме натераа да ветам дека веднаш по конференцијата (на која учествував за првпат) ќе напишам колумна во стилот „Пинки го виде Тито, а Билјана во виде Путин“ (ама и Лавров и Захарова). Навистина, намерата беше таа – и не ја заборавам; само ја одложувам за момент во кој ќе бидам поконцентрирана.
Дискусиите од клубот „Валдаи“, каде што дури и ги следевме изборите во САД и разговаравме за импликациите врз светската безбедност, заслужуваат посебно внимание. Веројатно наредната колумна ќе се осврнам на сите мои впечатоци од она што беше и мое прво стапнување во Русија, земјата што ја знам само од литературата, историјата, медиумите. Сепак, сега е време за стоење простум и збогување со мадам Наде Проева.
Мнозина ќе се зачудат како тоа јас и Наде сме станале пријателки. Вистина е дека со децении работевме на истиот факултет, ама таа на еден институт, а јас на друг (а чии простории се дури и физички оддалечени од главната зграда). Со години се среќававме ретко, само на наставничките совети, каде што главно културно ќе си кимневме со глава или ќе разменевме едно „здраво“. Помлада од неа десет години, не ни бев свесна дали таа знае нешто за мене иако веќе бев јавна личност. За жал, јас за неа слушав повеќе низ разните канали на „радио Милева“ (од кои не е имун ни универзитетот), а неретко и од највисоката деканска позиција, каде што дваесет години седеше колега од мојот институт, кој, пак, знаеше и да озборува. Таквиот начин на претставување колешка го сметав за недоличен и најчесто се тргав настрана или тие зборови не ги ни земав за вредни. Но, поентата ми е во следното: Наде минуваше низ трнливи патеки во својата долга и богата кариера! Дури имаше моменти кога беше ставен под прашање и нејзиниот работен однос. Сето тоа, дел по дел, ми се откриваше од моментот кога на некаков чуден начин се зближивме, чекор по чекор, за на крајот да станеме и интимни пријателки. Но, сепак, првенствено колешки! Зошто го нагласувам ова? Затоа што, верувале или не, на универзитет е полесно да најдете (не)пријатели отколку вистински посветени колеги.
Нашата лична дружба и доверба почнаа да се градат во моментот кога таа ја загуби својата мајка пред околу 14-15 години. Настан што таа не го преболи (а јас сега сосема ја разбирам, бидејќи две и пол години по заминувањето на мојата мајка знам што точно ми кажувала). Својот роден крај, Ресен, го сакаше најмногу поради старата куќа и дворчето на мајка ѝ. Сега сфаќам колку е добро што минатата година, на враќање од одбележувањето на 120-годишнината од Илинден, од Крушево, наминавме кај неа во Ресенбург (како што таа го нарекуваше). Минавме еден прекрасен ден во дворчето, а заминав дома со китка цвеќиња („од мајка ми“, велеше таа), кои сега цветаат во мојот двор. Размислувам за тој двор и таа стара куќа, многу, многу. Како заминуваме, така и тоа зад нас се запустува.
Наде беше позната како зборлеста со тие со кои сакаше да зборува; навистина имаше толку многу нешта да каже. Јазикот што го употребуваше приватно беше остар, без цензура – ама погодуваше во сржта. Не беше многу нежна ни кога требаше да врзе шлаканици и некому јавно (главно на странците или домашните неуки политичари или квазинаучници, особено псевдоисторичари). Но, секогаш со хируршка точност и аргументирано. Наде беше предмет на говор на омраза (зад грб), но таа важните нешта ги кажуваше без ракавици. Често ја молев да пишува колумни почесто, но таа инсистираше на коментирање само на теми што се од нејзината област – историската наука.
Јас ѝ завидував, бидејќи како политиколог и некој што се занимава со меѓународни односи, јас не можев да се држам стриктно за некоја академска дисциплина. Дури и се замешав во историјата (тогаш кога таа стана дел на политиката). Тогаш веќе имавме и повеќе теми за разговор и заемно учење. Мојот прв предизвик беше поканата од едно реномирано германско списание во 2010 година. Сакаа да објават трудови на македонски и на грчки автор (две спротивставени гледања) за проблемот со името. Мојот „противник“ беше познатиот историчар и идеолог на грчката позиција против Македонија, Евангелос Кофос. Како никогаш порано ме фатија и одговорност и трема. Тоа беше мојата прва, но не и последна, колегијална соработка со Наде. На прстите на една рака можам да набројам колеги што толку би се вложиле во внимателно читање, критикување, давање одлични сугестии за труд на некој друг. Нашиот последен заеднички потфат беше случаен: на нејзина сугестија ми го предочи словенечкото реномирано научно списание „Згодовински часопис“, како можност за објавување на мојот текст за историската наука во пранги и за протоколите со Бугарија. Сосема случајно уредниците решиле и нејзиниот труд да го објават во истиот (декемвриски број, 2023) на кој таа работеше многу сериозно: „За владетелските титули и имињата на балканските народи од средниот век до модерните времиња: Bulgari (Bulgarians), Bulgarini/Bulgarеis (Bulgarinians/Bulgarеiаns)“. Мене сепак еден од најдрагите текстови ми е оној насловен „Современиот македонски мит како одговор на националните митови на соседите: албанскиот панилиризам, бугарскиот пантракизам и грчкиот панхеленизам“, но повеќе академска бомба (отколку бонбона) е оној на француски Nier le nom de la Macédoine – c’est nier l’identité du peuple macédonien (во превод „Негирањето на името Македонија значи негација на идентитетот на македонскиот народ“).
Наде беше редок пример на академски стоик: го издржа она што ретко кој можеше да го издржи, со дигната глава и достоинство. Малкумина ѝ вратија добро со добро. Нејзината искреност ја сметаа за зло затоа што беа суетни и неблагодарни. Наде беше зависник од работа: живееше со и за работата, која не беше заради некаква академска суета или академски Олимп, туку нејзин начин на борба со сите фолиранти во науката, ама и политички и национални атаки врз Македонија/Македонците (без притоа да стане тврд националист – за што некои ја критикуваа жестоко). Наде ја сакаше Македонија на најдобар можен начин: без да профитира од тоа, а само да дава и дава, и за науката и за јавноста и во спротивставувањето на разните амбасади (особено француската при одбележувањето на стогодишнината од Балканските војни).
Наде што јас ја запознав беше ведра, духовита, енергична и добра пријателка.
Нешто што малкумина можеа да го добијат како благослов и подарок. Како нејзина колешка и пријателка само можам да кажам колку многу ќе ми недостасуваат нејзиниот остар ум и остар јазик (ми беше благодарна кога никогаш не бев суетна и не се лутев ако ми „плеснеше“ нешто директно или ми ги поправаше србизмите), но и заемната доверба. Во луди времиња секогаш е добро да имаш некој поумен од себе што ќе ти биде коректор и морална вертикала. Наде ми беше сето тоа. Ѝ се поклонувам, симнувам шапка (таа сакаше шапки и беше права мадам), надевајќи се дека така достоинствено, како што направи таа, и јас ќе го изодам патот што ми преостанува.
P.S. Ова нека е и мој аманет (не знае човек кога ќе го снајде нешто): кога ќе ми дојде времето, не сакам ни плакати, ни благодарници, ни комеморации. Човек се почитува, сака и му се симнува капа додека е време и кога е највреден и најплоден, кога најмногу дал за науката и за својата земја – сè друго е куртоазија без никаква смисла или искреност. Наде би рекла: утка!