Царот Андроник и поуките за власта

За Источното Римско Царство (Византија) може да се пишува овде кај нас надолго и нашироко, но премногу внимателно, ако се има пред очи професорката Наде Проева, докторка на историски науки, меѓу кои и за Византија, најучената ресенчанка, моја роднокрајка. Четивото што ќе го читате е дел од историјата на таа исчезната држава, а се однесува на царот Андроник, главниот лик во таа историска епизода. Примерот со Андроник сум го употребувал во повеќе наврати кога во Македонија се менувала власта и кога биле големи очекувањата на народот од новите власти и новите лидери.
Добро е да се подобнови и за да може да се види како власта ги расипува луѓето и ги тера да го забораваат она што го ветувала додека не станала власт. И како се појавуваат непредвидливи околности што ги спречуваат најавените промени, ги оневозможуваат плановите и ги задушуваат идеалистичките намери.
Значи, приказната се однесува за византискиот цар по име Андроник Комнен, последниот од династијата Комнени. Втората половина на 12 век Византија ја обележиле царевите Манојло и Андроник, први братучеди по татко, и двајцата од царски род, предодредени да царуваат. Родени во иста година, Манојло станал цар на дваесет и пет години и царувал безмалку четириесет, Андроник застанал на престолот дури како шеесетгодишен и владеел само две години.
Принцот Андроник неговите современици го опишувале како фин аристократ, со висока става, атлетско тело и херкулска сила, со густа брада и раскошни умствени способности. Ладнокрвен и прибран, знаел да наоѓа решенија дури и тогаш кога ситуацијата изгледала безнадежно. Свесен за својата надареност, имал надмен и вообразен став према соработниците, блиските и спрема народот. Со физичкиот изглед и сјајното образование отскокнувал од другите, а со својот јазик бил надмоќен и убедлив во расправите, поради што речиси сите во околината избегнувале да спорат со него. Бил обожаван меѓу војниците, меѓу младите и меѓу жените. Не било само озборување туку било вистина дека е најголем женкар во цела Византија, немало жена што не го посакувала или што не можел да ја освои.
Но, нели секој лик има две лица. Покрај наброените позитивни особини, тој бил склон кон измами, кон неостварливи измислици, бил толку превртлив што бил споредуван со Протеј, морски бог кај Старите Грци, кој можел да се претвора во кој било посакуван можен облик. Бил извонреден „глумец“, кој се приспособувал на секоја пригода, го споредувале со камелеон.
Како што рековме, Манојло станал цар на млади години, Андроник бил овенчан со слава, но без директна власт и моќ, исполнет со злоба и желба за одмазда кон сите што не ги трпел или му се замериле. Во еден период, по жестока кавга со братучедот, бил протеран од Византија. Далечината од царскиот двор уште повеќе ги разгорувала огнот и желбата да се врати во Константинопол и да го преземе царскиот трон. Дотолку повеќе што сметал дека само тој е оној единствен што е кадар да го брани и развива царството. Убеден во сопственото право и гледајќи се себеси како божји и народен избраник, славољубивиот принц не одбирал средства да дојде до престолот. Чекал долго, цели 37 години, но дочекал.

Кога умрел Манојло, на престолот застанал неговиот дванаесетгодишен син Алексеј, а управувањето со државата го презела неговата мајка Марија, која не била омилена кај жителите на Цариград. Не само тие туку мнозинството Византијци биле многу незадоволни. Бедотијата и сиромаштвото се гледале насекаде, особено на улиците на престолнината. Тогашните жители протестирале против сѐ поголемото присуство на многу богати странци од римскиот запад, што се богателе во нивната земја на сметка на нивната пот. Причините за сите неволји не ги гледале во маните на својата држава и власт, туку пред сѐ кај итрите трговци од млетачката држава, во латинскиот подол карактер и, според нив, во лажната католичка вера.
Ревносните православни владици и попови намерно го подбуцнувале тоа незадоволство и барале од властите да ги гонат и оние Византијци што се занимавале со „недостојните работи“, како што во тоа време во црковните кругови се сметале трговијата, претприемаштвото и банкарството. На нишан особено биле аристократијата, успешните луѓе и интелектуалната елита, обвинувани за предавство и додворување на „западњаците“.
На брановите на тој православен популизам и шовинизам се појавил Андроник. Претставувајќи се како заштитник на малолетниот цар Алексеј, најпрво ја погубил мајка му Марија (која била Латинка), наредувајќи му самиот да ја потпише и смртната пресуда. Два месеца подоцна луѓето на Андроник го задавиле Алексеј и Андроник станал новиот цар.
Мнозинството од народот го дочекало со одушевување и надеж дека работите ќе се сменат на подобро. И самиот Андроник за себе верувал дека е водач на сите Ромеи, цар што повторно го обединил ромејскиот (византискиот) народ, му ги вратил националната чест и гордост. Под таа парола почнал да ги елиминира и истребува недостојните домашни елитистички противници и предавници, како и странските шпиони. Експресно ги вратил самопочитта и националната гордост, го воздигнал славното минато, ја зајакнал илузијата за супериорност спрема другите народи и држави.

Неговите биографи пишуваат дека колку што бил способен и итар толку живеел надвор од реалниот живот. Многу благородни и добронамерни планови, низа ветувања не можело да се реализираат. Веќе во втората година од владеењето за народот немало повеќе леб и повеќе пари. Во царството набрзо почнало да се сфаќа дека ветениот рај нема да дојде никогаш. Народот на улиците на Константинопол веќе не го поздравувал со истото одушевување како на почетокот.
Платеници, полициски службеници и цивилни кодоши почнале да се појавуваат насекаде за да го спречат незадоволството, опасни по живот биле дури и шепотењата меѓу поданиците. Царството навидум станувало единствено, но фактички сѐ послабо. Го разорувале однадвор војнички моќните соседи, а однатре го разјадувале честите нереди и сиромаштијата. На тоа секако треба да се додадат и цариградските озборувања и подметнувања, кои станале посилни и повлијателни како од официјалната политика така и од полициската присила.
Бесот на народот набрзо се свртел кон оној што само пред една година бил славен како најголем, најспособен, најпаметен, спасител на големото царство. Царот Андроник бил ѕверски растргнат на парчиња на улиците на својот град, од своите дотогашни приврзаници, како и од жени што чекале одмазда поради ликвидациите на нивните мажи. Најжестоки во пресметката биле токму оние што претходно царот го прогласувале за спасител, кои му искажувале заклетви за најголема верност.
Според историчарите византолози, неговата вина за социјалната беда можеби и не била толку голема за да ја доживее таа несреќна судбина. Неговата вина ја наоѓаат на друга страна, во големите неостварливи ветувања и уште поголемите очекувања, во популизмот што ги распалувал мечтаењата на поданиците, во големиот расчекор меѓу разбуденото славно минато и неславното јаве во кое требало да се преживее. Пари и леб немало, а без пари и без леб царство не бидува. Како што со Андроник згасна династијата на Комнените, а подоцна од мапата на светот го снема и Византиското Царство, некогаш најмоќната православна држава на светот за која се прикажува и ден-денес.