Одамна ја напуштив навиката што е вградена во системот според кој теоретски ако сакаш да се вратиш на основите на архитектурата, задолжително го консултираш Маркус Витрувиус. Сѐ повеќе сум убеден дека оваа славна личност е измислена (како и многу други во одобрената историја) од лукративни причини. Потребата за корените на македонската архитектура ја задоволувам со други поблиски соговорници што немаат формално архитектонско образование, но се суштината на историското. На пример барам средба со Марето од битолскиот музеј, со Трајанка од Велешкиот, со Војче Санев од скопскиот завод или со Еупалино на Пол Валери.
Овој пат појдов со намера да бидам сам (не е првпат) во Хераклеја Езерска, семеништето на Птолемејците… Прошетка од крајот на корзото, покрај некогашната шеќерана низ чикмакот. Сакав (не е првпат) да откријам кај Филиповиот театар: каде се кријат буквите К и Д од изделканиот збор МАЕОНИЈА на седиштата…
Денот спокоен, зимска фуга од сино небо и стадо бели облаци, и првиот контрапункт: пред шеќераната… МАРИЈА… судбина? Како си? Се прошири ли конечно неолитската збирка во музејот?
– Се сеќаваш ли колку се смеевме на онаа гротескна етимологија според која Битола е крстена поради: „…си бил некој Тољо и се тепал со Турците… и сите гледале сеир и му викале БИЈ ТОЉО, БИЈ ТОЉО… и така настанало името Битола“?! Туку, јас знаев дека ќе дојдеш и сакам да бидеме присутни на една свеченост, ене онде… гледаш: се бери народ пред Буковските гробишта.
Буковските гробишта се на средина на тесната улица што води кон Хераклеја. Тесната улица станува сѐ потесна… народ се прибира… народот замолкна и попот ја започна богослужбата, внимателно, канонски, кратко роднинско пријателски топло… времето студено, земјата влажна, се раздаде проскура… гробарите покрија… останавме со Марија.
– Знаеш ли кој е починатиов?
– Пишува: Будимир Костојчиновски…?
– Во 1989 година се погодив во Струга во паркот на поезијата и се запознав (попрецизно доживеав ненадеен совет меѓу 22-те бисти) со еден поет. Од другата страна на Земјината топка. Тој ми кажа нешто што стана поткрепа за мене и кристализација што ја одбрав како modus vivendi. Ме праша дали умеам да ги препознам вистинските луѓе! Тој, како пред нем прашалник објасни: ВИСТИНСКИТЕ НЕ ОСТАВААТ ЗАД СЕБЕ ни фосили, ни книги, ни релјефи со воени успеси… вистинските ја проценуваат тежината на жетвата и го напрегаат своето овоплотување до крајната граница. Тоа го прават несвесно… вистинските се секогаш во соседната одаја… или во постојаноста на мегданот… нивната дипломатија ја нема во учебник… Познаваш такви? Тие се меѓу нас иако лицата им се заборавливи и никогаш интервјуирани.Тие не предизвикуваат одговори, само препознаваат вистини, а имаат крв како нас, се расправаат, сечат подлабоко затоа што се вистински… Ние им завидуваме… ги остриме моливите за да ги заборавиме, за да им ја замаглиме присутноста како да немале ни збор за себе. ВИСТИНСКИТЕ ЛУЃЕ ИМААТ НЕЗБОР. И ГИ ПАМЕТАТ СИТЕ ЗБОРОВИ… ЗАТОА ШТО СЕ БУДНИ… ЗАТОА НЕ ИМ СЕ ПОТРЕБНИ СПОМЕНИЦИ.
За нас битолчаните ова долго име и презиме се чита: Буде! Кога поетот ми зборуваше за вистинските, јас јасно го видов Буде во став МИРНО пред МПВ генерал-мајорот Ристо Дамјановски како ја прима командата да го земе големото купиште од кристали и бронзени украси од воениот отпад во Скопје и да го состави кристалниот лустер (Буде е службено воено лице со лиценца мајстор за електрика) што го красел Офицерскиот дом во Скопје за да биде украс во Офицерскиот во Битола.
Вредната работа во војската е синџирот на командите: АКО НАДРЕДЕНИОТ ДАДЕ ЗАДАЧА, ОПРЕДЕЛЕНИОТ НЕ РАЗМИСЛУВА ДАЛИ Е СПОСОБЕН ЗА ЗАДАЧАТА ИЛИ НЕ. САМО ЈА ИЗВРШУВА! НО АКО КОМАНДАТА ДОАЃА ОД ПОЗИЦИЈАТА НА ОДГОВОРЕН ЗА МПВ, КОМАНДАТА НЕ СМЕЕ ДА ЗАВРШИ НЕУСПЕШНО!
Буде потпишува патен налог, го товари кристалниот отпад од военото складиште и, според наредбата, го истовара во свечената балска сала на Офицерскиот во Битола. Нема вистинска претстава за димензиите и обликот. Презел само 700 килограми кристален отпад, кој 10 години лежи на подот на воениот отпад во Скопје, и треба да состави лустер во рок од еден месец во Битола. Во службената постапка за реконструкција на археолошки наод чекорите се:
1. се составува комисија од експерти
2. се прибира споредбена документација
3. се патува до слични артефакти ако треба и надвор од земјата
4. се прави проект и се одобрува и определува рок
5. се ангажираат соодветен изведувач или изведувачи
За артефакт со димензии дијаметар 3 метри и височина 5 метри се обезбедува рок од една година (праксата покажува дека најчесто рокот се надминува). Буде не знае за процедурата. Не го користи ни зборот реставратор во секојдневноста.
Буде си ја дозволува слободата да побара неколку регрути. Потоа се преселува во Офицерскиот дом и ги одделува остатоците по сличност. Буде никогаш не го доживеал лустерот и нема на располагање никаква документација. За да стигне до визуализација, на располагање му е само дарбата за созерцание… МОРА ДА ГО ПРЕВЕДЕ ОД СОНИШТАТА… прави провизорна скела, која мора постојано да ја подига, да стаса до обликот, да ги поврзе прстените, да ги каблира, да најде точно место за секој кристал, да ги дотера фасонките, да отсонува режим на вклучување, да зашрафи и залеми, да дотера хоризонтали и вертикали, да избалансира, да најде систем за обесување, да провери дали сѐ се вклучува како и кога треба и да внимава секој кристал да трепери како да лебди противејќи ѝ се на гравитацијата. Додека не го исполни рокот, мајстор Буде остана буден.
Лустерот беше буден во свечената сала 40 години. Потоа веројатно исчезна назад во соништата за радост и свеченост што се темел на вистинската цивилизација. Лустерот во Битола е тема за која не се зборува. Буде ќе го пречекори прагот на соништата од денес за 40 дена. Штама.
Марија се повлече… Замина. Јас погледнав над крстот кон врвот на ридот каде што се наоѓа храмот на титанот Херакле, над него малку десно и околу 2.000 метри угоре го видов Буде кај Пелистерски очи… КАКО И СЕКОГАШ… Пробива пат низ снегот, ја отвора вратата на планинарскиот дом, носи голем ранец, се истовара во трпезаријата, пали оган, вади од ранецот: црно вино „вранец“, бел брокатен свечен чаршаф… ја поставува масата: кристални чаши за виното и сребрен прибор… ОТВОРА ЕДНО ВИНО И ВНИМАТЕЛНО ПРСКА ПО ЧАРШАФОТ… сега клучот од ламбата чкрапнува… КРИСТАЛНИОТ ЛУСТЕР ЈА ОЖИВУВА СОБАТА… БУДЕН Е И ЧЕКА, БУДЕ СЕДНУВА ДА ЗДИВНЕ… СВЕЧЕНОСТА КАКО СЕКОГАШ, ТОЈ ЈА ПОДГОТВУВА, ЗНАЕ: ВИСТИНСКИТЕ ЌЕ ДОЈДАТ ПО СНЕГОТ ИЛИ СЕ ВО СОСЕДНАТА СОБА… ВИСТИНСКИТЕ СЕ РАМНОПРАВНО РАСПРЕДЕЛЕНИ КАЈ СЕКОЈ НАРОД… САМО ТРЕБА ДА САКАШ ДА ГИ ВИДИШ…
Вангел Божиноски































