Брзиот воз за Брисел и македонскиот перон

  • Според францускиот правник, универзитетски професор и политичар Бадинтер, во деведесеттите години на минатиот век Македонија беше најподготвена да патува за Европа. Но возот тргна само од словенечкиот перон. Ние уште чекаме. Не зашто немаме билети, туку најверојатно зашто возниот ред постојано се менува, а ние никако да тргнеме. Додека ние стоиме со куфер во рака, распоредот постојано се ажурира: „регионални сенки“, „билатерални прашања“, „европска аритметика“. Во таа математика, правото на вето секогаш излегува потешко од правото на заслуга

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“, Горан Стефановски, „Тетовирани души“ (1985)

Замислете перон. Не кој било – туку македонски. Таблата вели: „Брисел – поаѓа наскоро“. Под „наскоро“ со мали букви стои: од 1991 година. Дедото купил „карта“ во деведесеттите години на минатиот век. Таткото резервирал „билет“ во 2005-та „за секој случај“. А на внукот скенираниот „тикет“ со кјуар-код (во фазата на „скрининг“) му покажува порака: „Error 404 – Europe not found“. Сцената би можело да ја режираат македонските режисери Гапо, Попов или можеби Манчевски – со долги кадри, магла и тивка македонска традиционална музика. Но за европските режисери како Бертолучи или Бергман ова би било премногу апсурдно. Таму барем возовите доаѓаат. Можеби доцнат, ама доаѓаат. Кај нас возот од Брисел не доцни – тој е во фаза на „консултации“.
Според францускиот правник, универзитетски професор и политичар Бадинтер, во деведесеттите години на минатиот век Македонија беше најподготвена да патува за Европа. Но возот тргна само од словенечкиот перон. Ние уште чекаме. Не зашто немаме билети, туку најверојатно зашто возниот ред постојано се менува, а ние никако да тргнеме. Додека ние стоиме со куфер во рака, распоредот се ажурира постојано: „регионални сенки“, „билатерални прашања“, „европска аритметика“. Во таа математика, правото на вето секогаш излегува потешко од правото на заслуга.
Во тие три децении направивме нешта што ретко која држава ги прави без да ѝ се разниша тлото под нозе. Сменивме знаме (тоа е како да ја менувате ознаката на перонот). Менуваме устав по потреба (тоа е како да ви приспособуваат распоред на возење по туѓ ќеиф). Го сменивме името, за жал, (како да прифаќате нова дестинација со истата карта)! Секоја промена ни е објаснувана како „последен услов“, последен печат, последна проверка пред поаѓање.
Но наместо свиреж на локомотива, секојпат слушавме звук на нова рампа на шините. Нашиот перон сè повеќе почна да личи на некоја модерна верзија на Кафка. Шините поставени, билетот во рака, дестинацијата испишана, а возот секогаш најавен за „наскоро“.
И секогаш кога ќе помислевме дека свирежот ќе се чуе, од разгласот стигнуваше ново известување: „Почитувани патници, поаѓањето се одложува до дополнително известување“. Возот за Брисел не доцни. Тој сè уште е на перонот – со вклучени светла, но со рачна кочница повлечена. А ние, дисциплинирани и уморни, и понатаму глумиме дека токму ова чекање е – движење.

СТАРАТА БЛУДНИЦА НА НЕУСПЕШНА ТУРНЕЈА ЗА СПАС!

Во меѓувреме, додека ние дисциплинирано чекавме со билет во рака, европскиот „брз воз“ реши да тргне на пробно патување – не кон Македонија, туку кон Индија и Јужна Америка. Со свечено соопштение, со фанфари и со зборови како „историско партнерство“, „стратешка автономија“ и „нова ера на соработка“. Возот поита да се натовари со нови пазари, нови сојузи и нова геополитичка самодоверба. Ова се случи откако САД почнаа поотворено да ја пренасочуваат својата стратегија кон Пацификот, а односите со Русија влегоа во фаза што дипломатите ја нарекуваат „длабоко замрзната“, додека реалноста ја чувствува како студена војна без официјално име.
Старата блудница стигна и во Јужна Америка, нејзините со протокол и преведувачи. Одржа говор за вредности, панел за одржливост, тркалезна маса за дигитална транзиција. Партнерите љубезно аплаудираа, се фотографираа – и продолжија да тргуваат со оној што нуди побрза испорака и пониска цена. Возот за Брисел се врати со извештај од 200 страници и со наслов „значаен напредок“. Вагоните (контејнерите) – празни. Договорот со Јужна Америка со години се најавува како „историски пробив“, па се одложува како „техничко усогласување“, па повторно се враќа на маса како „стратешки приоритет“. Партнерите љубезно слушаат, но не брзаат. Во новиот свет, никој не чека на европска дозвола за да тргува.
Отиде и во Индија! Се потпишаа декларации за стратешко партнерство. Но паралелно, Индија потпиша и со други: со САД – за продлабочена одбранбена и технолошка соработка; со Русија – за енергетски и воено-технички аранжмани;
со земјите од БРИКС – за финансиска и трговска координација надвор од западните механизми. Декларацијата е дипломатска уметност. Договорот за испорака е економска реалност. Индија учтиво слуша за „вредности“, но тргува според интерес.
Можеби одлуката за „турнеја на спасот“ на денешна Европа не е само стратегија туку и стара историска непријатност со која прво се фокусира на сѐ, а на крајот кон нас. Европа, која двапати се самоуништи во последните сто години со двете светски војни, добро знае дека Балканот не е само географија туку симболика. „Млада Босна“ не е само лекција по историја туку потсетник дека империите понекогаш паѓаат од периферијата. Гаврило Принцип останува метафора за тоа како една искра може да запали континент. Македонскиот фронт сведочи дека споредните линии знаат да станат главни сцени, а антифашизмот потсетува дека овој простор никогаш не бил фуснота, туку раскрсница на идеологии и армии. Можеби затоа приоритетот беше даден на оваа јужноамериканска и индиска турнеја на спасот! Неуспешна!
И додека Европа внимателно чекори низ сопствените сенки, открива дека светот повеќе не функционира по бриселски протокол. Регулативите не се геополитика, а декларациите не се инфраструктура. Санкциите и енергетските шокови ја разнишаа економската самодоверба, но вистинската нервоза дојде од едно поедноставно сознание – некој друг веќе гради по истата траса.
Кина не одржува семинари за добро владеење. Таа поставува шини. Преку иницијативата за новиот Пат на свилата. Пекинг тивко, трпеливо и методично ја мапира Евроазија. Додека Европа расправа за поглавја, Кина инвестира во коридори. Додека Брисел усогласува стандарди, Пекинг финансира мостови и железници. И одеднаш Балканот повеќе не е чекалница, туку премин.
Во таа нова карта, Вардарско-моравската Долина престанува да биде локална географија и станува дел од глобална маршрута – природна оска што ги спојува Егејот и Централна Европа, југот и северот, морето и континентот. Европа можеби не се плаши од Македонија, но се плаши од празни простори. А празнините во геополитиката не остануваат празни – тие се пополнуваат со туѓ капитал, туѓа инфраструктура и туѓо влијание.
Кога Патот на свилата почнува да се приближува до европските порти, Брисел одеднаш почнува да ги гледа сопствените периферии со нов интерес. Не од романтика кон проширувањето. Од инстинкт за влијание. Европа повеќе не е единствениот центар на гравитација, таа е еден од неколкуте пола во свет што се прекројува.
И токму во таа геополитичка нервоза, Балканот повторно влегува во фокусот. Не од сентимент. Не од историја. Од стратегија. Вардарската Долина отсекогаш била коридор – енергетски, транспортен, цивилизациски. Разликата е што денес Европа повеќе не може да си дозволи празнини во сопственото соседство.
А кога големите почнуваат да стравуваат од губење на влијанието, тогаш почнуваат да брзаат. Можеби затоа одеднаш се зборува за „брза лента“. Можеби затоа возот што три децении стоеше на перонот сега треба да пристигне навреме. Не затоа што ние драматично се сменивме. Туку затоа што светската мапа се смени.
А кога мапата се менува, крстопатите стануваат центри. И Вардарската Долина – повторно станува важна.

КОЈ ЌЕ ГО ПЛАТИ ЧЕКАЊЕТО?

Три децении чекање не се само календар. Тие се економија што не се случила. Демографија што се иселила. Психологија што се уморила. Додека се отвораа поглавја, се затвораа фабрики. Додека се усогласуваа регулативи, се празнеа училишта. Додека возот беше „наскоро“, младите заминуваа – без повратен билет. Кој ќе ја плати цената?
Европа? Во геополитиката нема ретроактивни извинувања. Домашната таканаречена елита? Делумно, „така одлучи Западот“ ѝ е удобен изговор. Граѓаните? Тие веќе плаќаат, со иселување и недоверба.
И сега, кога одеднаш се зборува за „брза лента“, мора да поставиме трезвено прашање: дали Европската Унија денес вреди исто како во деведесеттите години на минатиот век?
Ако светот се смени, ако центрите се поместија, ако географијата повторно стана поважна од биографијата – тогаш прашањето не е само кога ќе тргнеме. Туку, во каков воз влегуваме.
Но има нешто што не зависи од Брисел, од Пекинг или од Вашингтон.
Вардарската Долина не е дипломатска формула. Не е преговарачко поглавје. Не е геополитички проект. Таа отсекогаш била наша. Македонска.
И на крајот, можеби прашањето не е само во кој воз ќе влеземе – туку која песна ќе се пее во тој воз. Во филмот „Црно семе“, актерот Ристо Шишков прашува: „Ќе пееме… ама која песна? Нашата или вашата?“. Токму во тоа е суштината.
Македонија не е празен простор што чека туѓа музика. Оваа долина отсекогаш имала свој глас. Имала свои композитори и творци – од Славе Димитров и Трајко Прокопиев, до Тодор Скаловски, Кирил Македонски. Имала свој звук во делото на Јонче Христовски, Александар Џамбазов, Властимир Николовски. Имала свој пулс во оркестрациите на Гајдов и во фолклорот што не се учи од директива, туку од паметење.
Ние не сме тивок перон. Ние сме култура што преживеала империи. Била раскрсница, но никогаш туѓа. Била траса на армии, но секогаш дом на народ. И ќе остане наша – не затоа што некој ќе ни го признае тоа во извештај, туку затоа што географијата не се преговара, а идентитетот не се става на перон. Возовите можат да доцнат. Мапите можат да се менуваат. Центрите на моќ можат да се поместуваат. Но Вардарската Долина останува. Македонска!
Затоа, ако возот конечно тргне – ќе патуваме. Но нема да влеземе неми. Нема да ја оставиме песната на перонот. Ќе пееме. И ќе биде наша. Затоа што Вардарската Долина не е само траса. Таа е глас. Македонски.

Тони Менкиноски