Бројот 40 – симболики и вистини

Помина Спасовден, денот на Исусовото вознесување на небото, 40 дена по воскреснувањето. Бројот 40 е еден од броевите со голема симболика речиси во сите религии, од времето на фараоните во Египет до денешни дни. Поврзан е со човековиот живот од раѓањето до смртта, од бебе до старец, до заминувањето на оној свет, па дури и некое време по преселбата на небото.
Библиските пишувачи и подоцнежни толкувачи ја одбележуваат историјата на спасот датирајќи значајни настани со овој број. При потопот, познат по Ное, 40 дена и 40 ноќи врнело без прекин обилен дожд и ја поплавил земјата. Мојсеј на 40-годишна возраст бил повикан да застане на чело за да ги изведе Евреите од ропството во Египет, при што четириесет години талкале низ пустината за да стигнат да ја догледаат ветената земја. На тој пат, Мојсеј сам престојувал 40 дена на планината Синај, по што Господ му ги предал плочите со Десетте заповеди. По рамно четириесет години владееле првиот еврејски цар Саул и двајцата најпознати: Давид и син му Соломон. И пророкот Илија (денес Свети Илија) патувал во пустината четириесет дена, по што ги научил сите животни тајни и стекнал моќ да прави разни чудесија. Сите погореспомнати настани се составен дел на Стариот завет.
Во Новиот, бројот четириесет е поврзан со животот и делата на Исус. По 40 дена од раѓањето за првпат бил внесен во храмот, каде што бил препознаен како Месија (спасител). По крштевањето во реката Јордан, оди во пустината, пости и е искушуван од ѓаволот, не подлегнувајќи на неговите понуди, рамно 40 дена. (оттаму е и обичајот за божиќниот пост, кој трае 40 дена). Проповедал 40 месеци. По три дана откако беше распнат и погребан воскресна од мртвите и им се јави на своите ученици. Со нив на земјата помина 40 дена учејќи ги како да ја шират верата и да ги „спасуваат“ луѓето. Оттаму и името Спасовден, како празник секогаш 40 дена по Велигден. На четириесеттиот ден се вознел Исус на небото и „седнал на десната страна од Бога“.
Четириесетте дена се поврзани со крштевањето дете. Верската традиција од времето на Исус, со мали приспособувања е прифатена и во православната црква. Имено, четириесеттиот ден по раѓањето, свештеникот врши уцрковување (воведување во храм) на новороденото дете. Тоа е време кога по старозаветниот закон се навршувале деновите одредени за чистење на мајката и кога пресвета Богородица го вовела Христос во Храмот пред старецот Симеон. Овде е важно да се знае дека ако обредот се врши пред четириесеттиот ден по раѓањето, мајката не може да присуствува на крштевањето. Според некои суеверија, детето и мајката не би требало да го напуштаат домот до четириесеттиот ден.
Бројот на тие денови е поврзан и со обредите околу смртта на верникот. Во православието, по смртта на една личност, вообичаено е да се изврши помен, во храм или на самиот гроб. Тие денови се означени како период на скитање на душата, која го чека Страшниот суд кога се одредува дали му се отвораат вратите на рајот или го чека пеколот. Така велат обичаите, а дали е така никој не се вратил за да каже што е вистина.

Според тие верувања, по толку дена од смртта душата на покојникот го напушта телото и заминува на небото. Посмртните останки конечно се ослободиле од сѐ што било живо, или посуптилно кажано – мртвото тело се ослободило од сите души. Со ритуалната церемонија (поменот) што се врши на четириесеттиот ден се отстранува и последната забрана за жалост. Од тој ден блиските на покојниот биваат ослободени од строги обврски од тој вид, како што е на пример носењето црна облека и слично. Кај некои народи тоа е последниот ден кога жали жената – по тој ден таа станува слободна за стапување во втор брак. Интересно е што и некои научни истражувања покажуваат дека процесот на нормалното тагување, од психосоматски аспект, трае околу 40 дена.
И во животниот циклус бројот четириесет се зема како половина од животот, односно како пресвртна доба, како исполнување на една фаза и стигнување до нејзиниот врв. Завршување на еден циклус и почнување нов, но не за да се повтори истиот туку да се оствари радикална промена, да се направи премин во друг дел активности или состојба и нов живот. Писателот Меша Селимовиќ во својот култен роман „Дервишот и смртта“ го има напишано следново: „Имам четириесет години, грда доба, човекот е уште млад и има желби, а стар да ги остварува. Штета што немам десет години повеќе за староста да ме чува од побуни или десет години помалку па сѐ да ми биде сеедно“.
Според многу научни истражувања, тоа значи дека во четириесеттата година човечкиот интелект е најразвиен, човекот ја достигнува својата зрелост. Тоа го потврдуваат биографиите на многу големи умови што го промениле светот. Познато е дека Буда и Мухамед своите учења ги почнале кога биле на четириесетгодишна возраст. Едно од верувањата (суеверија) е дека не треба да се прославува четириесеттиот роденден, на мажот или на жената.
Има уште многу тајни, црковни обреди и суеверија врзани за првите четириесет дена. Како на пример толку денови се потребни за правењето мелеми, суспензии и масла и нивното лековито зреење, за стоката и растенијата, за ракијата и виното, за киселењето на зелената туршија од Крстовден до Митровден или за киселата зелка од Митровден до Свети Никола, растојанија од по четириесет дена.
Во календарот на Македонската православна црква познат е празникот на светите 40 Севастиски маченици, востановен во спомен на војници од Севастија, кои маченички загинале во 320 година зашто не сакале да се откажат од христијанската вера. Овој ден се совпаѓа црковно и со Младенци, а световно со 22 март, почетокот на пролетта.
На овој ден во Штип се одбележува народниот обичај познат под името Четрсе (четириесет на литературен македонски) кога на Исарот се искачуваат илјадници штипјани, кои фрлаат по 39 камчиња во Брегалница, за лична среќа, за среќа на блиските, а младите за „препознавање“ во сонот на идниот животен партнер, преку четириесеттото каменче, кое не се фрла, но се носи дома. Треба да се истакне, да се потенцира, дека тоа е првиот македонски обичај што е на светската листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство.
Од скоро време канонизирани, во календарот се додадени светите 40 Битолски маченици, вистински настан од македонската историја. Имено, при освојувањето на Битола, на 9 март 1385 година, турскиот аскер им ги отсекол главите на 40 монаси од тамошниот манастир.
И за крај: во Стариот завет при казнување на оние што правеле ситни деликти казната била четириесет удари со стап. Можат да му се удрат четириесет стапа, но не повеќе, за да не биде казнетиот обезличен и понижен. Било утврдено дека точно по тој број удари му доаѓа паметот на човекот. Оттаму и поговорката „четириесет стапа по туѓ грб ништо не се“.

[email protected]