Бројката 15 ги содржи токму двата броја кон кои ќе целиме во наредните години

Македонскиот национален тим како 15. во светот го заврши својот настап на СП. Многу работи се напишаа изминатите денови на таа тема, но главниот заклучок е дека впечатокот од комплетниот настап е многу подобар од бројката што стои покрај Македонија на табелата што означува пласман на селекциите од 9. до 24. место. Добре дојдовте во мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“, посветена на настапот на Македонија на светскиот шампионат, селекција против која „никому не му беше лесно“ и од која допрва ќе се „тресе“ европскиот и светскиот ракомет. Овој пат, поради обемноста на мојот пристап, колумната/анализата решив да ја напишам во две последователни продолженија. Денеска следува второто продолжение…

Впечатокот од настапот на македонската ракометна репрезентација на СП е многу подобар од редниот број на табелата за пласман (втор дел)

Кога официјалните статистики на ИХФ објавија дека македонската ракометна репрезентација го освоила 15. место и направила скок од досегашното 27. место, не можев да се оттргнам од впечатокот што го имам во мојата меморија, врзан за оваа бројка. Имено, бројот 15 означува „манифестација на хармоничност, синтеза на материјата и духот“. Добра метафора, нели? Натаму, бројот 15 исто така означува „силен проток на енергија, извор на сила и соработка“. За петнаесетката се вели дека „духовноста има водечка позиција, додека, од друга страна, можноста за изразување на индивидуалната креативност може да биде премногу отворена“. Петнаесетката се смета за број чии квалитети е тешко да се оценат, оправдаат или објаснат. На пример, во Кабалата природата на овој број подразбира – екстремна упорност! Бројот 15 вклучува „целина и хармонија“, но и „ограничувања предизвикани од неговиот конзервативизам и минато страдање“… Исклучителен опис на македонската ракометна репрезентација и освоеното 15. место, нели?

МЕЧКА – КОМПЛЕТЕН ПИВОТ, ТИНО, МАРКО И ЦАР САМОИЛ НАДОАЃААТ

Дури петмина понесе во Хрватска Лазаров, што беше (пре)многу за секој вкус. Реално, половина од нив не „помирисаа“ напад, а некои од нив беа тука во мисија да се собира искуство за тоа што следува во иднина. Милан Лазаревски-Мечка помина најмногу минути во игра, имајќи предвид дека е „комплетен“ пивот и игра во два правца. Со својот нарав и карактер ја подига(ше) зоната и командува(ше) со неа. Дуел-играта со бековите ја подигна на уште повисоко ниво, и само квалитетен тренинг и силна лига го дели од „крем де ла крем“ играчите. Пешевски одигра одличен турнир, со својот габарит од кој „не се гледа пола сала“, претставуваше проблем за секоја зона, но и проблем за Лазаров кога игра(в)ме со противник како Холандија. Пресметан ризик за суперопција во нападот и менување играч во одбрана. „Кулите близначки“ од Алкалоид, Стојковиќ и Карасманакис беа трн во око на пошироката јавност, која бараше други, поискусни, играчи, да бидат во тимот. Дали Талески и Аларов ќе беа, моментално, подобро решение, како поддршка на Лазаревски на централните позиции, ќе беа факторот Х, кој со Холандија ќе „добијат“ дуел со Стејнс или со Австрија ќе одиграа подобро на таа 7 на 6 на Пајовиќ, е тема за анализа. Но едно е сигурно, „кулите близначки“ се иднината и тоа никој не може да го оспори. Во тоа „купче“ играчи што надоаѓаат не смееме да го заборавиме Цар Самоил Ристески од Пелистер, уште еден ракометен бисер. Никола Марковски, нашиот најискусен играч во поле, извонредно ракометно поткован, спортски интелигентен, мирен и сталожен, без еуфорија извршуваше доста „валкани“ задачи во зоната. Покрај годините, неговите инертни нозе (кои ги покрива со сериозна интелигенција во играта) се негови главни „непријатели“. Во секој случај, коректно и на висина на задачата.

ГАЛЕЦ И КИЗИЌ СЕ ИДНИНАТА, СВ. НИКОЛА МИТРЕВСКИ ПОКАЖА ВИСОКО НИВО И КОНСТАНТНОСТ

За крај, позицијата што е „пола екипа“, без која ниту еден „генерал“ не оди во војна, онаа ракометна, се разбира. Позиција што исто така беше тема на дебата, пред сѐ поради „исклучувањето“ на Томовски, како голман што долги години е дел од селекцијата. И ќе биде дел од селекцијата во иднина сигурни сме, затоа што е докажан квалитет, но моментот не е добар за него. Битолскиот ракометен бисер, еден од најголемите таленти во историјата на македонскиот ракомет, го имаше своето деби на големите смотри, како момент што треба да се нотира, за по 15 години, за Иван Галевски, како еден од најдобрите европски голмани, се навраќаме назад на неговите почетоци. Галец има сѐ што треба да има еден спортист, и „глас и стас“ и дрскост (спортска се разбира) и амбиција и фокус. Факторот време не можеш да го „купиш“ и треба да го помине истото тоа, ама на гол, не на трибина. На трибина беше долго време нашиот втор (во оваа низа, не по статус во репрезентацијата) голман Марко Кизиќ, ситуација што му се закануваше дека ќе го остави во просечноста и дека нема да „намириса“ репрезентација во својата кариера. Од минатото лето е во Автокоманда, добива шанса и истата таа ја зграби. „Освежен“ е и насмеан, со елан и амбиција да биде број еден во државата. Има сѐ за да „смета“ на тоа дека уште 10 години ќе биде во црвено-жолтиот дрес. Одбрани солидно, и видлив е напредок кај него, особено во делот „подигната глава“ и самодоверба, како предуслов за успешен спортист.
И, на крајот Никола Митревски во улога на Свети Никола, улога што од Пелистер ја пренесе во репрезентацијата. Дури и мајка ми дома, преку „малите екрани“ може да забележи какво воспитано момче е Никуч. Имав колумна за големиот „битолски капиталец“, одете на мојата „Читај ракомет“ на Фејсбук и ќе ја најдете, таму е кажано сѐ, за каков спортист станува збор и, најважно, како дошол дотаму Никуч. Лазаров, иако пред некој месец, на квалификациите со Естонија и Литванија, го изостави, одејќи „без опрема на планина“, согледувајќи дека без него барем засега оваа селекција не може, оправдано го стави во списокот на патници. Имајќи го предвид фактот дека влегува во петтата деценија од животот, покрај квалитет, беа видливи константност и сигурност на голот. Немам намера да трошам повеќе зборови за тоа кој е и што значи Никуч за македонскиот ракомет.

НАПАДОТ НА СОЛИДНО НИВО, НА ОДБРАНАТА Ѝ ТРЕБА АЛТЕРНАТИВНА ЗОНА И НОВИ ЛИЦА

Да резимираме.
Нападот, кажавме неколкупати, одигра над очекувано, сегмент што по ерата на Лазаров, го потенциравме како потенцијален проблем за македонскиот национален тим. Митев е клучен во тој напад, како „ударна игла“, но и како организатор што го постави Кузмановски на вистинска позиција. Видовме каков резултат даде таа ситуација. Ротација на таа лева бековска позиција со, во иднина, играчки поискусен Павле и големиот талент Дамјан Митев, за уште посилен напад. Калајџиески треба итно во суперлигата, за да видиме колку може во сениорски ракомет, како иднина на средната бековска позиција.
Зоната, се чини има многу поголем простор за напредок. Недостигаа(т) алтернативни зони на стандардната 6-0, како дополнителен квалитет на тимот во иднина. Исто така, недостигаа(т) централни дефанзивци со искуство, кои ќе му прават друштво на Лазаревски, во ситуација кога на Маркоски му „истекува личната карта“. Ги спомнавме опциите погоре, и тие што, во моментов можат, но и тие што надоаѓаат.

СИСТЕМОТ НА ЛАЗАРОВ Е ТОЈ, ПРИСПОСОБЕТЕ СЕ ЗА ДА БИДЕТЕ „ВНАТРЕ“

Завршувам дефинитивно.
Лазаров покажа дека со многу напорна работа, верба и наметнување победнички менталитет и самодоверба, кои ги има во изобилство, успеа да направи систем што функционира (зборував за тоа во минатата колумна). Неговата иднина како селектор на Македонија е беспредметно да се става на маса и да се дискутира за неа. Таа не беше доведувана во прашање во 2022, 2023 или ‘2024 година, а не сега, па и во ситуација кога ќе има промени во врвот на РФМ. Сепак, македонските играчи, и оние што се „внатре“, тие што биле претходно, но и оние што надоаѓаат, мора да сфатат дека, системот, додека е Лазаров, е тој. Профилот на играчи и карактерот на истите тие е тој, менталниот склоп е тој. Ако сакаш да бидеш меѓу „одбраните“, мора да се приспособиш и ставиш во функција на тимот. Тимот против кој никому не му беше и во иднина нема да му биде лесно!

Честитки за успешниот настап и благодарност за тоа што ја направивте Македонија горда!

Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“

Крај