„Јас тебе војводо, ти мене сердаре… Ох, боже, што сѐ носи оваа земја.“
Резултати од гласање Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка. Присутни 110, „за“ гласале 88, „против“ гласале 22, воздржани 0…
Во нашето монистичко и федерално минато митот за Боро и Рамиз долги години беше и грижливо негуван симбол за братството и единството на народите и народностите. Во него беше многу инвестирано и тој претставуваше еден од темелите на југословенската кохезија. До скоро симпатични одблесоци на тој мит одвреме-навреме ќе сретневме и во носталгични и емотивни дискусии за тоа неповторливо време.
Гордоста, инаетот, разновидната интерпретација на фактите, сегашноста, но и историското наследство се всадени во профилот на оној голем неопределен и докрај непредвидлив гласачки корпус, кој и во овие предвремени парламентарни случувања одигра крупна улога. За психолошко-емотивните корени и проекции на оваа тема во наредните неколку реда.
Искуството од изминатото четврт столетие практикување независност во Република Македонија на економско-политички план покажа дека сите досегашни и идни партиципиенти во власта имаа и ќе имаат идентични или слични програмски определби и цели. Демократија, стопански подем, излез од сиромаштијата, повисок стандард, принципиелна надворешна политика, сѐ за доброто на граѓаните, нивната сегашност, иднина… Разликите се во нијанси, суштината е иста, практично идентична, неделива и безмалку стандардизирана. Со оглед на скромните економски перформанси на нашата млада држава и деликатниот транзициски период, сѐ е во рамките на возможното и очекуваното. Разликите се големи во сферата на „убедувањата“, како резултат на неискуство во практикување на демократијата, па и хетерогеното историско паметење и однос на силите, и балканскиот менталитет, кој веројатно е токму оној клучен сегмент со кој треба да се позанимава секоја сериозна сегашна и идна политичка платформа при исцртувањето на појдовната рамка и во планирањето и практикување политики.
И еве, одново митот за братството и единството, стариот трик од времето на југословенското минато, како да оживеа, живурка, живее и даде плод..
Но да се каже, за да не се заборави, дека една од целите на овој мит, освен „братството и единството“, беше обидот во форма на колективна амнезија и делумно и амнестија за злоделата на извесни сепаратистички вооружени групи и формации што ги вршеа врз недолжното население за време на фашистичката окупација во Втората светска војната.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2001 година им издаде 15.000 државјанства на Македонци по потекло од Албанија. Владата на СДСМ во 1994 година им издаде македонски државјанства на 150.000 Албанци по потекло од Косово, кои трајно ја променија етничката карта на Македонија. Владите со прст не мрднаа или малку, незначително направија за унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Албанија за време на нивното владеење, а со Законот за територијалната организација на локалната самоуправа и референдумот во ноември 2004 година, ја скроија и денешната судбина на Струга, Кичево, Скопје и Чашка. Но, и покрај сите кројки и прекројувања, надворешни и внатрешни притисоци, на 11-ти (декември) во фер и демократски избори победи коалицијата „За подобра Македонија“.
За потсетување…
Во декември 2016 година гласаа 454.577 гласачи за ВМРО-ДПМНЕ, кога го победи СДСМ со 17,5 илјади гласа и два пратеника повеќе, па и покрај тоа ДУИ ја испрати најголемата македонска партија, победник на тогашните избори, во долга опозиција.
Според анализите, „изненадувачки“ беше резултатот на опозицијата. Првпат во кратката неверојатна и напати бездушна македонска независна историја на контото на опозицијата, рамо до рамо, здружени „Боро и Рамиз“ прокнижија и пребројаа 454.253 гласа, од кои 70 – 100.000 беа гласови на македонските Албанци.
Речиси половина милион избирачи го дадоа својот глас за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, поради поништување на над 37.000 гласачки ливчиња, од кои 90 отсто беа гласови за ВМРО-ДПМНЕ, партијата и покрај сите притисоци и негативни кампањи, од 99,97 отсто преброени избирачки места освои 454.253 гласа, што е околу 20.000 гласа повеќе од коалицијата предводена од СДСМ или 436.790 гласа. Според првичните резултати, ВМРО-ДПМНЕ доби 51 пратеничко место, додека СДСМ 49 пратеници. Најголемите изненадувања се случија во албанскиот блок, каде што ДУИ освои 10 пратеници (86.848 гласа), потоа движењето Беса петмина пратеници (57.933 гласа), а коалицијата „Алијанса за Албанците“ тројца пратеници (35.145 глас) и ДПА двајца пратеници (31.027).
Време сегашно, резултати од избори… Во мај годинава за Коалицијата за европска иднина, предводена од СДСМ, гласаа 154.447 граѓани, односно 15,35 отсто, за коалицијата Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ 436.407 или 43,36 отсто, безмалку половина од излезените гласачи тој ден. Сите други, на чело со СДСМ, вклучувајќи ги и двете големи албански партии, не го достигнуваат процентот од 45-50 отсто, проценти што ретко се случиле во досегашната изборна плуралистичка историја. Слична е разликата и за претседателските избори, каде што кандидатката на ВМРО, Гордана Силјановска, победи со убедливо мнозинство, 88 гласа за, 22 против, воздржани 0, и донесен е законот за реорганизација во парламентот – 7.6.2024.
И, еве, одново митот за братството и единството, стариот трик од времето на југословенското минато, што се чуваше како драгоцено искуство од пролетерскиот интернационализам и партизанското минато за идните генерации како да оживеа одново и даде плод. Се повампири, ги затегна и спои лабавите струни на следбениците на традициите на НОВ и минатото, тогашноста и сегашноста, и како некогаш македонско-албанската (косовска) бригада, планирана менаџирана и платена од странските лаборатории, успешно се инсталира на „линијата на огнот“ и се вклопи во извесни изборни комбинаторики, геостратегиски цели.
Така е тоа во политиката. „Јас тебе војводо, ти мене сердаре… Ох, боже, што сѐ носи оваа земја“ – коментари на објава каде што Пандов и Таравари се со комитски и албански капи заедно.
Аљоша Симјановски