Богатство и сиромаштија

Деновиве, драг читателу, се занимавав со темата богатство и сиромаштија во Библијата, особено во Новиот завет, која заедно со апостолите ја живее и промислува и Исус, човечкиот син. Така тој се претставува за да даде на знаење дека дошол од небото за да ја сподели земната судбина со земниот човек, пред сè за човекот на сиромаштијата, а не за богатите, кои ги прекорува заканувачки за егоизмот кон сиромасите. Така, во Беседата на Гората грми: „Горко вам кои сте сите, бидејќи ќе гладувате“. И „Горко вам што се смеете сега, бидејќи ќе плачете“ (Лука 6:25). Со еден збор, Исус дава на знаење дека сиромаштијата е златото кое посебно има вредност за влез во рајот во кој богатите ќе влезат потешко отколку камилата да помине низ иглени уши. Оти, како што вели и старозаветниот Исаија, кој осум столетија порано виде дека ќе се роди голема светлина во Витлеем, Исус стана сиромав за ние да бидеме богати и оти, аналогно на тоа, тој доби рани за ние да бидеме излекувани. Прекрасни парадокси.
Бескрајна егзистенцијална тема, во случајот со Исус и небото, и со метафизички превез. Но пловејќи низ неа, мене како откровение ми се јавија две случки од детството со таква ментална моќ како сега да се отвораат реално пред очите на мојата длабока детска свест како некој вид на потиснато и долго време заборавено трансцендентално богатство. А и двете тие случки или глетки на кои јас би им го додал напред префиксот Пра, драг читателу, се поврзани имено со богатството на сиромаштијата за кое малкумина знаат нешто.
Првата случка, која понапред има карактер на мигновена слика со блесок на молња, бидејќи има откровенска моќ, како снесена од ангел се јави пред мене едно зимско утро кога штотуку ги бев ококорил очите од сонот, подавајќи ја детската глава од под волнената черга во сопчето со печка во кое ги презимувавме во сиромаштија лутите зими. Но тоа зимско утро сега беше посебно благословено и го беше исполнило со косите зраци со призрачен сребрен сјај целото сопче од подот до таванот. Тоа беше како слика од длабок сон, а таква беше и откровенската глетка која наеднаш ми го исполни погледот, како целото небо да беше вглобено во неа. На глинениот под покрај печката, која сè уште беше топла, врз шарен килим послан од мајка ми спиеја со зафрлени глави и подотворени усти, како заклани, петмина луѓе со спечено и поцрнето како ќумур лице, а покрај нив блескаа златно трубите што ги донеле со себе, а меѓу нив и еден кларинет со блескави дијамантски копчиња. Тој се шепуреше меѓу трубите, што ми се стори дека се со женска лика, како некој истопорен горд машки ерос. Но, било како било, важно е дека јас тогаш помислив како длабоко наивно дете дека тоа се свирачките инструменти, особено трубите, со кои ангелите ги будат мртвите во гробовите за воскресение. Така, а јас дури отпосле по неколку дена сфатив, драг читателу, дека тоа да ти биле Ромите што свиреле таа зимска ноќ до полноќ на свадбата на првиот селски чорбаџија, а кога завршила церемонијата, според договорот, требало да си заминат дома во нивното село на пет километри оддалеченост од Негрево. Да. Арно ама за беља фатило снежна лапавица, а патот е долг. Што ќе прават сега Ромите свирџии, го молат чорбаџијата да им даде едно парче стреа во куќата да ја поминат ноќта, но тој не попушта, вели: „Договор си е договор“. И толку. А татко ми е сведок на ова натегање, па ги зема Ромите подмишка ги води дома, мајка ми им вари чај и им постила на подот во топлото сопче, и така сите заедно со нив ја минеме во божјиот сон ноќта. Така беше тоа со оваа откровенска глетка во длабоката детска свест, која како што гледам сега, драг читателу, најубаво може и знае суровата егзистенција да ја трансцендентира како нешто божествено.

Точка. Сега одиме на случката број два, драг читателу. Таа не е глетка, туку настан. Беше тоа време на колективизација, сиромаштија до грло. Од имот имавме само едно муле, десетина овци и една крава. Сите ни беа одземени од државата, „апарат за угнетување“ како што ја дефинира неа прецизно Маркс. Ни беа одземени, но данокот, чиста метафизика, сепак течеше. Се сеќавам дека татко ми дури лежеше и неколку дена во затвор за неплатен данок, оти немаше со што и од кај да го плати. Чекавме да се опраси маторицата, па да ја потпреме малку сиромаштијата. Маториците беа поштедени од колективизацијата и сиромасите со нив преживуваа. Тоа им беше целокупниот имот. И нашиот. Маторицата ја храневме со зелје измешано со малку трици. Јас шестгодишно дете бев задолжен за зелјето, па и тој ден што се вклопува сега во нашата чудна приказна, драг читателу, ја наполнив во полето вреќата и тргнав наназад кон дома. Беше летно пладне полно со златото на сонцето легнато врз сè. И сега доаѓа главното. Преоѓајќи го џадето што ги поврзува Пехчево и Делчево, на средина од него најдов една акт-чанта. Ја подигнав од џадето. Беше за мене тешка како камен. Одвај, љубопитен, го откопчав патентот и, што ќе видам, внатре беа натискани едно до друго дебели снопчиња пари. Бев страшно збунет. Бргу-бргу ја затворив и ја ставив во вреќата со зелје за маторицата. По само десетина минути бев дома, отидов во кошарата и, на моја радост, видов дека маторицата беше опрасила седум златни прасиња, кои веќе лакомо цицаа млеко од нејзините боски.
Бев сам со таа убава глетка. Мајка ми беше на нива со сестрите, а татко ми ги пасеше селските говеда. Него со нетрпение го чекав да му ја покажам чантата. Тоа и се случи кај зајдисонце, кога тој се врати од ридовите со стоката. Мислев ќе го израдувам, кога на мое големо изненадување кога ја отворив неа и кога виде што има внатре ми рече со решителен глас како да ме кара: бргу носи ја чантата во милицијата во Пехчево, а на неговото лице препознав сенка на нејасен страв. Едноставно беше исплашен од тоа што го виде. Од парите секако. А можеше со нив да ја реши сиромаштијата и уште неколку куќи да изгради. Се разбира, јас го послушав, го префрлив ридот што го делеше Негрево од Пехчево и за дваесетина минути трчајќи ја однесов чантата во милиционерската станица. Ја зедоа, ништо не ме прашаа и никаков записник не ми дадоа, а ни мало чоколатце како награда за доблесното дело.
Ете, тоа и така се случи тој летен ден во длабокото детство, драг читателу. Двете случки што веќе ти ги раскажав силно ме вратија во него, што го доживувам во свеста повторно како откровение и како посебно богатство во сета божја сиромаштија. Така. А и денес кога се сеќавам на таквите чудни нешта душата ми ја обзема некој необјаснив сјај и притоа честопати размислувам за луѓето, ретки ама драгоцени како божји дијаманти, кои свесно се клонеле настрана од материјалното богатство како од лош порок и грев. И сè си мислам дека притоа го имале на ум она трансцендентално богатство за кое говорел Исус: небесното царство.

Она кое и не се наоѓа буквално на небото, туку во нас. Само треба да бидеме свесни за него и да го откриеме во златото на срцето. Знам дека не само Исус и апостолите туку и многу други славни луѓе го презреле или едноставно не го сакале материјалното богатство, иако некои од нив го имале или можеле во изобилство да го имаат. Таков е примерот и со Тесла, кој аскетски го поминал доцниот период од својот живот во две скромни соби во хотелот „Њујоркер“ во Њујорк, делејќи го парчето леб со гулабите на Менхетн. А можел да биде најбогатиот човек на светот само ако наплаќал, на што имал право, милијардити дел на еден киловат електрична енергија со која ја осветлил планетата. Но не го направил тоа, оти знаел дека го поседува небесното царство во себе, и парите и материјалното богатство не му биле важни. И тој како апостолите, како што ги научил Исус, ѝ ја истресол правта од сандалите на цивилизацијата што ја збогатил со генијалниот ум, а таа немала благодарност за тоа.
Потоа во тој контекст на тема богатство и сиромаштија се вглобува и Сократ, раскошен дух и егзистенцијален аскет, што шетал низ Атина со изветвена и скината туника. А тука е и Микеланџело во кого Господ истурил сè што имал од уметничките дарби и човечки доблести, а сепак тој во животот бил најаскетскиот гениј на ренесансата. Оти додека Леонардо и Рафаел, неговите конкуренти во генијалноста, се облекувале во скапоцена свила и биле постојани гости на раскошната трпеза на Медичите и папата во Рим, тој работел како роб деноноќно барајќи го со своето глето идеалниот облик на човекот и душата во огромните камени блокови, немајќи време за ручек и останувајќи со денови запустен и небањат, предавајќи ѝ се на работата како на најголем дар што му го подарил Бог на своето богообразно создание. Негов близнак по сè и во сè на тој план е и по многу нешта проколнатичкиот гениј на модерната уметност, фасцинантниот Ван Гог. Листата е подолга. Ги избираме најкарактеристичните примери.
А тука во тој контекст е и раниот англиски романтичар и визионер Вилијам Блејк, кој сметал дека единственото нешто што му дава вредност и смисла на животот и генијот се визиите, душата која не мисли во рационални системи, туку во визионерски перспективи. Генијалниот поет, сликар и мислител целиот свој живот тој го поминал во елементарна живејачка, речиси на работ од сиромаштијата, која, парадоксално, дури и длабоко ја почитувал, клонејќи се свесно од материјалното богатство како од некоја опасност за доблеста и генијот. За тоа сведочи и едно писмо на неговиот пријател Бернар Бартон упатено до еден свој роднина во кое покрај другото пишува: „Беше (Блејк, м.з.) како прастарите одлики на доблеста, и никогаш не сум очекувал дека ќе видам такво нешто на овој свет, оти тој од ништо не се плаши толку многу како од тоа да биде богат, бидејќи така би можел да го загуби своето духовно богатство“. А тоа богатство, разбирливо, биле неговите внатрешни визии како императив на постоењето на генијот на овој свет и, следствено на тоа, на човекот како генијално создание на Бог не за лакомо материјално, туку за духовно богатство, откривајќи го во себе небесното царство за кое им говори Исус на апостолите, а преку нив и на универзалниот човек во кој е слеано човештвото. Само таквиот духовен човек исполнет со визии на божественото во малото да го види големото како свој автентичен имот. Така мисли Блејк во песната „Знаменија на невиноста“: „Да се види светот во Зрно Песок, / Небото во Дивиот Цвет, / Да се држи бескрајот на дланката на раката / И Вечноста во само еден час…“

Доволно, драг читателу, за денес и за оваа наша колумна, за која ти веќе велиш дека е педагошка. Но не е во школска смисла како што мислиш ти. Не сум Макаренко ниту сум приврзаник на неговата по малку досадна педагогија, која е повеќе социјална отколку длабински психолошка. Поважна, многу поважна од применетата педагогија е трансценденталната психологија на душата, која единствено ја знае тајната за небесното царство што се наоѓа во нас, а која ја откриваат јуродивите, чистите и чесни души кои можете по дефиниција да ги најдете кај сиромасите, но многу ретко кај богатите од кои тешко бива монах и аскет. Буда е еден од ретките исклучоци. Тоа го има, како што видовме, и кај некои гении, кои, некои од нив како Блејк, според сведоштвото и на неговиот пријател, едноставно се плашеле да бидат богати само и само од страв да не го засенат или изгубат со тоа непроценливиот духовен имот што го имаат во себе, небесното царство.
А кога го велам тоа веднаш пред очите и сега ми излегува ликот на татко ми, стравот што го облеа него кога ја виде чантата со пари што ја бев нашол додека ја носев вреќата со зелје за маторицата, која тоа време единствено ја крепеше сиромаштијата на нашата семејна егзистенција. А татко ми не беше ни Блејк, ни Тесла, ни Микеланџело, ни Ван Гог, кои ги имаа своите уметнички визии и дух како печат на небесното царство во себе за кое зборува Исус. Но и тој го имаше тоа непроценливо злато на срцето, чесноста и истрајноста во сиромаштијата, да се заработи скрбно парчето леб и со него да се руча на синијата заедно со Господ. Тоа е уметноста на егзистенцијата што ја поседуваше тој, а јас не како проклетство туку како божествено богатство ја наследив од него.