Бодлеанската библиотека и македонскиот јазик

Годинава, кога одбележуваме 80 години од донесувањето на македонската азбука и правопис и печатењето на првиот македонски буквар, си споменуваме на еден настан, речиси непознат за македонската јавност. Се работи за прв македонски текст што стигнал во Одделот за меѓународниот јазик есперанто на познатата Бодлеанската библиотека на Универзитетот во Оксфорд во Обединетото Кралство и за преводот на Декларацијата на библиотеката на македонски јазик. Овој превод на македонски јазик е од особено значење бидејќи Декларацијата е најбитен детаљ од свечениот ритуал што се применува при зачленувањето во библиотеката.
Бодлеанската библиотека е основана пред пет века. Поседува фонд од 13 милиони единици и е втора во Обединетото Кралството, зад Британската библиотека (British Library). Во согласност со долгата британска традиција воспоставен е посебен свечен ритуал кога се прима нов читател. Станува збор за церемонија во која од него се бара наглас да ја прочита Декларацијата на библиотеката „Бодлеана“. Текстот на оваа Декларација за употреба на библиотеката е познат од 1412 година. На почетокот на 17 век била изведена обнова на библиотеката, а ктиторот ја оживеал традицијата на почитување на Декларацијата за користење на книжниот фонд. Во библиотеката се чува неговиот нацрт на Декларацијата на англиски и на латински јазик од 1609 година и таа денес е составен дел на Статутот на библиотеката. Особено е важно значењето што библиотеката ѝ го посветува на Декларацијата, бидејќи воспоставила збирка преводи на повеќе јазици. Таа се гордее со податокот дека Декларацијата е преведена на 78 јазици.
Библиотеката има многу одделенија, а меѓу нив е и она за есперанто. Токму јазикот есперанто околу 1980 година ги поврзал македонските есперантисти со библиотеката. Од зачуваната преписка дознаваме дека тие имале комуникација со ова одделение на Бодлеанската библиотека.
Во писмото на раководителот за прием на книжен фонд господин Џон Пусеј од 27 февруари 1986 година, упатено до македонскиот есперантист Трајко Мирчевски, се искажува благодарност за испратени книги. Се работи за три примероци од учебникот за есперанто на македонски јазик и особено за преводот на Декларацијата на Бодлеанската библиотека на македонски. Тој појаснува дека тоа се први книги на македонски јазик во нивното одделение. Со особена почит прецизира дека македонскиот превод на Декларацијата е 78. во фундусот на библиотеката и дека со него е комплетирана збирката на сите живи европски јазици. Преводот бил испишан на кирилица и на латиница, податок што е нагласен во писмото.
Во писмото се вели: „Би сакал да ја изразам благодарноста на библиотеката за преводот на македонски јазик на Декларацијата којашто новите членови, читатели, се должни да ја прочитаат наглас кога ќе бидат примени во библиотеката за првпат, како и за нејзиното толку уредно претставување напишано и на кирилица и на латиница. Ова е 78-от јазик на кој добивме превод. Верувам дека ова е последниот превод што ни беше потребен за да обезбедиме целосен опфат на живите пишани европски јазици“.
Тие, тогашните есперантисти, биле свесни дека со овој нивни гест придонесувале за подемот и популаризацијата на македонскиот јазик, а со тоа и во општиот подем на македонската култура.

За македонската култура преводот на македонски на Декларацијата и неговото депонирање во библиотеката „Бодлеана“ на Универзитетот во Оксфорд е причина за гордост, бидејќи оваа високорангирана институција го сместува македонскиот јазик како рамноправен јазик заедно со другите живи пишани европски јазици.
Македонските есперантисти членуваа во Светскиот сојуз на есперантисти, преку поранешниот Сојуз на Југославија. Тој е познат под името Универзално есперантско здружение (Universala Esperanto Asocio,УЕА) и има консултативни односи со ОН, УНЕСКО, УНИЦЕФ и со Советот на Европа, а по потреба соработува и со други меѓудржавни и меѓународни организации и конференции. Сојузот е член на Европскиот јазичен совет, заеднички форум на универзитети и јазични здруженија за подигање на свеста за јазиците и културите во и надвор од Европската Унија. Од 2011 година Универзалното есперантско здружение е придружен член на Интернационалниот центар за терминологија (Infoterm). Секоја година, уште од 1905, се одржува годишен Светски есперантски конгрес (Universala Kongreso de Esperanto) во различен град, под раководство на УЕА. За одбележување е дека на есперанто се напишани и преведени повеќе од 25.000 дела.
Глобализацијата и новите комуникациски технологии ја истиснаа потребата од заеднички вештачки јазик во говорна и пишана комуникација меѓу говорители на различни јазици. Есперанто сѐ помалку се изучува.
А, во Македонија есперантистите биле особено активни во 20 век. Првиот есперантист е Георги Малински од Куманово (1878-1952), а во Прилеп во 1927 година е основано првото есперантско друштво. По ослободувањето, здруженија на есперантисти биле основани во многу градови, обединети во Сојузот на есперантистите на Македонија. Тие организирале курсеви за есперанто, подготвиле учебници, прирачници и речник со кратка граматика, дури и „Антологија на македонската литература на есперанто“, во која биле преведени повеќе од 40 македонски писатели и поети (1991). Во Прилеп била оформена есперантска библиотека, која по бројот на книги е на второ место на Балканскиот Полуостров, а потоа и есперантски музеј. Постојат податоци дека, според есперантските обележја на 1 милион жители, Македонија била рангирана на третото место помеѓу 58 земји од пет континенти, а Прилеп бил меѓу првите пет града во светот (https://makfax.com.mk/kultura/izlozbi/izlozba-na-dokumenti-od-esperantskoto-dvizenje-vo-prilep/). Сојузот на есперантистите на Македонија бил домаќин на неколку значајни собири на есперантистите: XX Конгрес на југословенските есперантисти (1976, Прилеп), Годишно собрание на есперантистите железничари (1977, Охрид), Конференција Balkanlanda Esperanto konferenco (1989, Охрид). Есперантистот од Скопје Стојан Стојановски во 1982 година бил претседател на Југословенскиот есперантски сојуз.

Писмото со благодарност од Бодлеанската библиотека за испратениoт учебник по есперанто и преводот на Декларацијата на македонски јазик ги најдовме во оставината на Трајко Мирчевски (1918, Прилеп – 2008, Скопје). Тој е есперантист што учествувал во формирањето на Есперантското друштво во Прилеп и активно придонесувал во формирањето на Сојузот на есперантистите на Македонија. Бил член на Претседателството на Сојузот на есперантистите на Македонија и на Југославија. Мирчевски има дипломирано на Философскиот факултет во Скопје на темата „Историја на македонскиот јазик и дијалектологија“, па бил свесен што значи македонскиот јазик да биде вгнезден во Бодлеанската библиотека. Како човек со отворени хоризонти, со познавање на англискиот и на рускиот (а читал грчки, старословенски и латински јазик) знаел дека зборот, пишан или кажан, е најмасовната културна одлика на секој народ, а јазикот е неговиот столб. Подготвил македонско издание на прирачникот „Упатство и материјал за раководителите на почетнички крсеви по есперанто“ и „Есперанто – учебник по меѓународниот јазик (за почетници) во 1981 година“ во издание на Сојузот на есперантистите нa Македонија. Учествувал во подготовката на „Антологијата на македонската литература на есперанто“. Тој е преведувач на есперанто на текстот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“ од Владо Малески.
Многу активности на нашите претходни генерации остануваат непознати. Како да немаме култура на паметење. Затоа ваквите мали, а за нас големи нешта треба да излегуваат на виделина за да им дадеме потврда и на вистината и на историјата.

Бодлеанската библиотека