Отворањето на просториите на „Културен центар Иван Михайлов – Битола“, со целата скандалозност, заслужува „Блгария мерси!“. Зошто настанот е скандалозен, а заслужува „мерси“, но не заслужува „Блгария благодаря“
Неодамнешната приватна посета на Кирил Петков, премиер, и владина делегација од Бугарија, на Македонија и Битола, при отворањето на просториите на „Културен центар Иван Михайлов – Битола“, со целата скандалозност, заслужува „Блгария мерси!“. Зошто настанот е скандалозен, а заслужува „мерси“, но не заслужува „Блгария благодаря“?
Здружението „Културниот центар Иван Михајлов“, како што е службеното име, е основано во март 2019, за да го рехабилитира името на Иван Михајлов, како еден од најголемите македонски дејци. Сега не се отвори здружението, туку неговите нови простории. И здружението не го отвори ниту Бугарија, ниту Петков, туку петмина граѓани на Македонија. Првпат здружението привлече внимание во февруари 2020 година, кога организирало промоцијата на книга на Красимир Каракачанов. Мала дигресија, немојте да правите хајка против Централниот регистар за регистрацијата на здружението, не е негова работа да толкува имиња и програми, тоа е работа на правосудството.
Оттука, не може да се извлече заклучок дека е скандалозно постоењето на „Културниот центар Иван Михајлов“, постои веќе три години и никој не реагирал. Ниту дека е антибугарска реакцијата, бидејќи бугарски културни центри има и во Скопје и во Струмица, и никој не реагирал. Не е до толку скандалозно и лажното претставување на „Културниот центар Иван Михајлов“, кој во јавноста си додава и бугарски и ВМРО, а во регистрацијата го нема тоа. Или името не е испишано на македонски. Кога едно здружение, како „Културниот центар Иван Михајлов“, кое е на маргините, го посетува премиер на Бугарија со цела владина делегација, тоа го прави скандалозно. Кирил Петков и Владата на Бугарија, Иван Михајлов од отфрлена фигура го промовираа во централна бугарска владина политика и тоа е скандал и омаловажување на Македонија.
Иван Ванчо Михајлов е крајно негативна личност во историјата на Македонија, соработник на нацистите и фашистите, „гангстер и терорист“ според извештаи на ЦИА. Тоа што доживеал длабока старост во Италија потврдува дека бил соработник на повеќе служби, вклучувајќи ги и југословенските. СДСМ-ботови ќе спинуваат за тоа дека восочна фигура има во Музејот на ВМРО, без да дадат контекст дека во истиот музеј е во негативен контекст и пишува дека е одговорен за убиствата и ликвидациите на многу македонски дејци и неколку илјади Македонци.
Зошто тогаш едно скандалозно и омаловажувачко однесување заслужува „Блгария мерси“, но не заслужува „Блгария благодаря“? Во бугарскиот јазик „мерси“ се употребува во секојдневниот говор, но кога човек е длабоко благодарен се употребува „благодаря“. Ќе можевме да кажеме „благодаря“, доколку Кирил Петков отвореше простории на Бугарскиот културен центар во Струмица или во Скопје и се извинеше за злосторствата за време на Втората светска војна, заедно со Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, а веднаш потоа отвореа македонски културен центар во Благоевград и оттаму Кирил Петков објавеше дека Бугарија го повлекува ветото за ЕУ-членството на Македонија. За тоа Кирил Петков и Бугарија ќе добиеја длабок наклон и најдлабоко „благодаря“.
Наместо тоа, Кирил Петков го промовира Иван Ванчо Михајлов во централна личност на бугарската политика. Но и за тоа Кирил Петков и Бугарија заслужуваат „мерси“ од повеќе причини.
Бугарија и Кирил Петков заслужуваат „мерси“ бидејќи со изборот на Иван Ванчо Михајлов ја отфрлија „јагнешката кожа“ и се покажаа во вистинскиот лик на волк. Прагматистот, економист, западниот Кирил Петков не само што се одлучи да биде волк туку донесе и асли волци, како Каракачанов и Јотова. Со тоа демонстрира дека неговата премиерска позиција му е поважна од договор со Македонија. Појасно амин. Мерси за отрезнувањето.
„Мерси“ и дека Бугарија го избра Иван Ванчо Михајлов, а не Гоце Делчев. Бугарија уште еднаш, не знам по кој пат, на погрешната страна на историјата. Бугарија може веднаш да го присвои, посвои, слави Иван Ванчо Михајлов, кого во Македонија никој, ниту левица ниту десница, не го сака, напротив го отфрла и презира. Какво олеснување што не го избраа Гоце Делчев или друг македонски деец, сакан и почитуван во Македонија. Инаку, изборот на погрешната страна на историјата, во овој случај фашистичка, не е случајност, туку е континуитет на бугарската политика кон Македонија. За потсетување, Андреј Ковачев, видниот европратеник од Бугарија и познат антимакедонец, има проблем со славењето на 11 Октомври, Денот на востанието, кое е востание против Бугарија, но во основа е антифашистичко востание. Слободно Бугарија нека си ги посвои сите фашисти, нека нѐ остави нас со антифашистите.
„Мерси“ што Бугарија уште еднаш нѐ сплоти нас Македонците, уште еднаш ги приближи македонската левица и десница. Ние, Македонците, сме имале ретки моменти на сплотеност како за АСНОМ и за независноста на Македонија, но, и сега во услови на голема политичка поларизација, ги сплотува македонската десница и левица. „Мерси“ што со вакви здруженија Бугарија ќе помогне да се прочисти македонската десница од проблематични ликови. „Мерси“ што Бугарија го наведе Бујар Османи да каже дека Иван Ванчо Михајлов е неприфатлива личност. Уште да кажеше дека е неприфатлив како квислинг и наци-соработник, што ќе помогне во расправата за Џемо и други балисти квислинзи и фашистички соработници. Верувам не „мерси“, туку „благодаря“ ќе каже Србија, без да елаборирам за ова.
Многу повеќе сакам да дојде моментот да кажам „Блгария благодаря“, но „Блгария мерси“ за неколкуте поуки.
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
/ Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek #Добрососедство