М-р Алисија Колевска, развоен психолог / Фото: Приватна архива

Благодарните луѓе не се наивни оптимисти кои ги отфрлаат болката и тешкотиите. Тоа се љубопитни единки кои се насочени кон сѐ што е достапно за искусување, без оглед на присутните отежнувачки фактори. Тие имаат тенденција да ги редефинираат проблемите како предизвици што содржат можности за раст и со достоинство ги носат сопствените слабости и ограничувања. Освен тоа, тие се умерени и лесно им е да се перципираат себеси како дел од поголемата целина

Воглавно, благодарност искусуваме за време на неповолни или животозагрозувачки околности. Почитта кон животот доаѓа во преден план кога, на пример, сме се извлекле без повреда по сообраќајна незгода или сме се ослободиле од нашата болка. Стануваме благодарни за работите што другите ги прават и сѐ ни изгледа поинаку. Како „доброто“ да преовладува во однос на „лошото“. И покрај тоа, на ништо толку бргу не се навикнуваме во споредба со удобност во животот. Предностите или привилегиите на кои лесно наидуваме преминуваат во нешто што го земаме здраво за готово и повеќе не предизвикуваат благодарност.

Почитувањето и благодарноста се тесно поврзани. Почитувањето е когнитивно препознавање дека нешто има вредност и е во релација со сфаќањето дека тоа не е бесконечно или неисцрпно. Акo нешто е изложено на ризик да биде изгубено, се зголемува психолошката вредност што му ја припишуваме. Затоа при сериозна болест и несреќи се побудува особена благодарност. Изјавите како „Имав среќа што останав жив/а“ или „За среќа, докторот успешно интервенираше“ покажуваат дека кризата често е неопходна пред да можеме да идентификуваме што навистина е важно.

Сознанието за она што е вистински важно исто така е изразено кога сме соочени со смрт. Тоа е крајниот момент кога ги регистрираме добрите нешта и изразуваме меѓусебна благодарност.

Благодарноста е емоционална реакција при која се чувствуваме „благословено“, восприемајќи ги луѓето и работите како „дар“. Искуствата на благодарност во текот на нашиот животен пат многу повеќе зависат од нашиот однос кон животот, отколку од објективните факти.

Благодарноста се разликува од тоа „да се должи нешто“. Благодарноста не е придружена со обврска да се направи нешто за возврат и не вклучува манипулација да се стигне до услуга или да се добие нешто повеќе. Благодарноста е чисто емоционална реакција на препознавање дека има (или имало) нешто добро. Тоа донесува поттик (поткрепа) на организмот. Во таа смисла единката се фокусира на чувство на „изобилство“, наместо „недостаток“.

Преку забележувањето на добрите нешта го обновуваме нашиот поглед на свет и повторно ја откриваме вредноста на сите задоволства на кои вообичаено не сме им придавале голема важност. Не само што тоа е здрав лек против незадоволство, туку и истражувачките наоди потенцираат дека превенира и ублажува симптоми на депресија.

Благодарноста придонесува за добросостојба на физичко, социјално, лично и спиритуално ниво. Добросостојбата е оптимална кога благодарноста е распространета низ четирите димензии во кои може да се развива човековото живеење.

На физичко ниво, луѓето се изјаснуваат на пример, дека се благодарни за материјална удобност, вкусна храна, пријатно време, музика, уметност, природни убавини и пред сѐ добро здравје. Благодарните луѓе се помалку фокусирани на материјални добра, бидејќи нивниот светоглед е многу поопсежен. Тие се способни да пронаоѓаат задоволство во мали, едноставни нешта. Исто така имаат тенденција да го споделуваат она што го поседуваат. Докажано е дека ќе спиеме подобро доколку денот го завршуваме паметејќи ги работите за кои сме благодарни.

Во рамки на социјалната димензија, благодарните луѓе градат поцврсти релации, попријателски се настроени, подготвени се да им помогнат на другите и да понудат емоционална поддршка. На тој начин се развива круг на меѓусебна помош и пријателство. Благодарните луѓе исто така почесто го изразуваат препознавањето на туѓата добрина и немаат очекување дека другите треба да им направат услуга. Тие и полесно простуваат и поседуваат поголема емпатија.

На лично ниво, благодарноста придонесува луѓето да се чувствуваат одговорно за сопственото чувстви на среќа. Станувајќи свесни за своите таленти, користат и повеќе можности  да се развиваат себеси, што резултира со попозитивен ментален склоп и благонаклонета евалуацијa. Тоа пак доведува до зголемување на способноста за забележување и вреднување на убавото. Во овој поглед истражувачите говорат за „круг на благодарноста“: поединец кој е благодарен повеќе се фокусира на позитивни нешта и е поподготвен да ги запамети. А некој којшто забележува и памети позитивни нешта е благодарен. Покрај тоа, ставот на благодарност води до поголем број поводи и причини да бидеме благодарни.

Благодарните луѓе не се наивни оптимисти кои ги отфрлаат болката и тешкотиите. Тоа се љубопитни единки кои се насочени кон сѐ што е достапно за искусување, без оглед на присутните отежнувачки фактори. Тие имаат тенденција да ги редефинираат проблемите како предизвици што содржат можности за раст и со достоинство ги носат сопствените слабости и ограничувања. Освен тоа, тие се умерени и лесно им е да се перципираат себеси како дел од поголемата целина.

Сето ова доведува научниците да заклучат дека благодарност во суштина е спиритуална животна ориентација, преку која луѓето искусуваат поголема поврзаност со другите и со природата. Како резултат на тоа, чувствуваат одговорност да се однесуваат на алтруистичен и високо принципиелен начин.

Благодарноста се чини е и извор на смисла. Во студија со испитаници над седумдесет годишна возраст, утврдена е непоколеблива поврзаност помеѓу благодарноста, чувството за исполнет живот и спиритуалната трансценденција. Освен тоа, наодите откриле дека благодарноста резултира со спиритуален раст. Содржините на егото прават простор за себе-надминувачки вредности со љубовта како суштина на битисувањето.

Во однос на спиритуалната димензија, благодарноста за она што се поседува оди рака под рака со сфаќањето дека има нешто повеќе помеѓу небото и земјата од нас самите. Подлабокото чувство на благодарност опфаќа нешто повозвишено кое е достапно како непресушна ризница и во добрo и во лошo. Некои научници сметаат дека благодарноста е исклучителна форма на „трансценденцијa“ во чии рамки ги вбројуваат и меѓусебно поврзаните квалитети како надеж, спиритуалност, вреднување на убавото (во различни домени), хумор, љубов, сочувство, простување, почит и радост. Се чини дека потрагата по среќа е всушност „кратковида“ и потребно е да се насочиме кон она што радоста и благодарноста би ни го пружиле на долги патеки. За разлика од возбудата, радоста и благодарноста ја успоруваат работата на срцето и ни носат смиреност.

Малите деца ја изразуваат благодарноста мошне спонтано со нивниот говор на тело. Тие се и „целосвесни“ (со оптимален фокус сега и овде) по својата природа. Овие квалитети лесно се губат со брзиот начин на живот. Според тоа, благодарноста подразбира да одвоиме време за контемплација и рефлексија, со цел да сфатиме што некој или нешто ни значи. Вистинското препознавање на доброто придонесува за нејзино мултиплицирање во нашиот живот. Доколку се фокусираме на елементите во нашиот живот за кои сме благодарни, нашето чувство за она што е добро станува појасно. И, осознавајќи што во нас побудуваат луѓето или нештата за кои сме благодарни, ја зголемуваме веројатноста дека ќе им посветиме повеќе време.

Добросостојбата на физичко, социјално, лично и спиритуално ниво значи одржување на надеж во тешки времиња, искусување човечка резилиентност (внатрешна сила) и откривање извори на моќ кои произлегуваат и покрај или благодарение на проблематични ситуации. Благодарноста може да претставува врвен поттик кој ѝ служи на нашата добросостојба од раѓање до смрт.

Автор: М-р Алисија Колевска, развоен психолог

Денови на психологија – Комора на психолози