„СЛОБОДА ИЛИ СМРТ“ ЗА ВАРДАРСКАТА ДОЛИНА
Државите не ја губат независноста само во војни. Многу почесто ја губат кога ќе ја изгубат контролата врз својата вода, својата енергија и врз другите природни ресурси. Затоа прашањето за Вардарската Долина не е техничко прашање само за инженери или економисти, а најмалку за политичарите. Тоа е прашање за иднината на Македонија. Тоа е судбоносно прашање што треба да го интересира секој наш граѓанин. Водата што ја пиеме, струјата што ја користиме и храната што се произведува влијаат на економската и политичката стабилност и просперитет. Зашто сево ова зависи од начинот на кој управуваме со нашите ресурси. Вардар е природната артерија на Македонија, долина по која се движат луѓето, трговијата, инфраструктурата, водата и енергијата. Тој ги спојува географијата, економијата и политиката, сегашноста и иднината. Вардар е и нешто многу подлабоко. Она што за Русија е Волга, за Германија – Рајна, за Франција – Рона, за Египет – Нил, за Кина – Јангцекјанг, за САД – Мисисипи, а за Бразил – Амазон. Тоа за Македонија е Вардар: река што ги носи историјата, економијата и идентитетот на една нација.
Реката што ја носи историјата на Македонците и Македонија
Уште во најстарите слоеви на европската литература, пред речиси три илјади години, Хомер ја споменал реката што тече низ Македонија: „Аксиос (Вардар), широкотечната река, чија вода е најубава од сите што течат по земјата“, Хомер, „Илијада“, VIII век пр. н.е. Ова е едно од најстарите литературни сведоштва за просторот што низ вековите ќе стане срцето на македонската земја и македонскиот народ. Низ историјата Вардар продолжува да живее и во колективната меморија. Во фолклорните збирки на Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и браќата Миладиновци, како и во подоцнежните записи на Јован Хаџи-Василев, Кирил Пенушлиски и Блаже Ристовски, реката се споменува во стотици песни – народни и авторски. Во тие творби Вардар е пат и граница, љубов и тага, место на разделби и јуначки подвизи, но и симбол на татковината. Не случајно народната песна вели: „Ој Вардаре, македонски“, „Од Вардар до Струма земја македонска“, па дури и во поново време „Од Вардара до Триглава!?“ Во тие стихови се содржи една длабока вистина: Вардар не е само географија туку линија по која се движат историјата, паметењето и идентитетот на Македонците и Македонија, а и да не ги заборавиме гемиџиите.
Вардар не е само сведок преку песните, културата. Тој е сцена на историјата. Низ неговата долина со векови се движеле армии, трговци и народи, а токму на овој простор се судирале империите во борба за превласт.
Од Американската револуција (1776) против британскиот јарем лозунгот бил „Дајте ми слобода или дајте ми смрт“. Тоа го присвоиле и други, меѓу кои и македонските револуционери. Зашто тоа е судбоносна дилема на народите без своја слобода и самостојност. Македонските револуционери добро ја разбирале таа вистина. За нив „слобода или смрт“ не било реторика, туку судбоносен избор: и Македонија да стане политички субјект! Или ќе остане само географски поим. Денес таа дилема се појавува во поинаква форма. Државата може формално да постои, а сепак постепено да ја (из)губи суштинската контрола врз сопствените стратешки ресурси: водата, енергијата и други природни богатства. Затоа во XXI век прашањето „слобода или смрт“ не се однесува само на бојното поле. Тоа се поставува и во начинот на кој управувачите ги користат најважни природни ресурси. Вардарската Долина не е само географија. Таа е природната артерија на Македонија! Последниот стратегиски ресурс од кој зависи дали ќе остане навистина суверена, откако во 1991 г. се обнови како независна и суверена македонската држава!
Вардарската Долина – најголемиот неискористен ресурс
Реката Вардар е долга 388 километри, од кои 301 километар се наоѓаат на територијата на Република Македонија. Таа го собира најголемиот дел од површинските води во земјата и опфаќа речиси две третини од хидролошкиот систем на Македонија. Годишно низ вардарскиот слив протекуваат повеќе од 2,5-3 милијарди кубни метри слатка вода. Најголемиот дел од оваа вода ја напушта државата и се влева во Егејско Море без да ја искористиме! За подобра претстава, тоа е количество вода што е приближно споредливо со волуменот на едно големо природно езеро како Преспанско. Со други зборови, Македонија секоја година испраќа кон Егејско Море речиси едно езеро слатка вода. А, според принципите на меѓународното водно право, државите што делат една река треба да ја користат водата „правично и разумно“, без да предизвикаат значителна штета на соседите. Во пракса, тоа најчесто значи дека 10 отсто треба да ѝ пропуштиме на Грција!
Истовремено, Македонија се соочува со парадоксална ситуација: увезува електрична енергија за петстотини милиони евра, а располага со значителен неискористен воден потенцијал, иако со децении постои француската физибилити-студија за интегралниот проект „Вардарска Долина“. Системот предвидува изградба на четиринаесет хидроцентрали од Скопје до грчката граница. Со вкупна инсталирана моќност на овој систем од околу 800 мегавати.
Но значењето на овој проект не е само енергетско туку управувањето со вардарскиот слив би имало повеќекратни ефекти врз економијата и безбедноста на државата. Системот од акумулации би овозможил регулирање на водостојот на реките и значително намалување на ризикот од поплави, кои периодично предизвикуваат штети во населени места и земјоделски површини по должината на Вардарската Долина. Истовремено, акумулациите би создавале стабилни резерви на вода што можат да се користат за сигурно водоснабдување на градовите, особено во периоди на суша и климатски екстреми, кои стануваат сè почести.
Еден од најважните ефекти би бил и развојот на земјоделството. Вардарската Долина претставува една од најплодните земјоделски зони во Македонија, а системот на акумулации и канали би овозможил наводнување на десетици илјади хектари обработливо земјиште. Тоа би значело поголеми приноси, постабилно производство на храна и поголема отпорност на земјоделството на климатските промени.
Покрај тоа, ваквите водни системи често создаваат и дополнителни економски активности – од рибарство и туризам околу акумулациите, до нови инфраструктурни и индустриски инвестиции по должината на долината.
Во таа смисла, проектот „Вардарска Долина“ не е само енергетски проект. Тој претставува интегрален систем за управување со водата, земјоделството, инфраструктурата и енергијата. Тоа е стратегиски развоен проект што долгорочно може да ги зајакне економската стабилност и просперитет на Македонците и Македонија.
Во современиот свет, контролата врз водните ресурси станува сè поважен фактор на економска и политичка стабилност. Во услови на климатски промени, растежот на населението и зголемената побарувачка за храна и енергија, водата сè повеќе се смета за стратегиски ресурс, чија важност во XXI век често се споредува со значењето што нафтата го имала во XX век.
Дополнително, Вардарската Долина е и главната инфраструктурна оска на Македонија. По неа се протега паневропскиот коридор 10 – најважната транспортна врска север–југ на Балканот, која ги поврзува Централна Европа и Егејско Море.
Затоа Вардарската Долина не е само инженерски проект. Таа е концепт за управување со најголемиот природен ресурс на Македонија – ресурс што може директно да влијае врз енергетската стабилност, економскиот развој и врз долгорочниот суверенитет и просперитет на државата.
Зошто светот е заинтересиран за Вардар(ска Долина)
Интересот за Вардарската Долина не е нов. Уште во XIX век европските географи размислувале за поврзување на Дунав со Егејско Море преку природниот коридор Морава–Вардар. Или, како што би рекол најголемиот германски државник Ото фон Бизмарк: „Тој што ќе ја контролира долината на Вардар ќе биде господар на Балканот“! Зашто тоа е најкратката природна врска меѓу Централна Европа и Медитеранот. Водна и транспортна оска што со векови им го привлекувала вниманието на големите сили. Па не случајно за „Вардарска Долина“ се натпреваруваат Германија и Турција. А и Франција, која со својата физибилити-студија ја докажа оправданоста на овој грандиозен проект!
Во современиот свет, со европските транспортни политики и со евроазиските економски коридори, Вардар повторно влегува во геополитичките и геоекономските визии и стратегии.
За Кина, Вардарската Долина е потенцијален дел од нејзината опсесија за обнова на Патот на свилата преку епохалниот проект „Пат и појас“. Не е случајно тоа што Кинезите ги закупија пристаништата во Солун и Атина на 99 години!
За Европската Унија, Вардарската Долина претставува дел од најважната инфраструктурна оска на Балканот – коридорот што ја поврзува Централна Европа со Солун и Егејот. Ова е и една од причините зошто Македонија ќе влезе во ЕУ!? За да има ЕУ дел од колачот што допрва доаѓа со градењето на Вардарската Долина.
А за Турција, секој потенцијален воден коридор меѓу Дунав и Егејско Море е стратегиска закана што би го маргинализирал Босфорот.
За Грција, Вардар не е само река за наводнување на Солунското Поле за да ни продаваат пиперки, патлиџани и краставици. Најверојатно имаат скриена стратегија, нормално во соработка со „нашиве“ преку „брзата пруга“ да го оневозможат францускиот проект „Вардарска Долина“. А според меѓународното право, ние сме должни на Грците да им дадеме само десет проценти од водата на Вардар!
Секој од овие актери природно ја гледа Вардарската Долина според своите геополитички и геоекономски интереси и стратегии. Тоа е суштината на овој геостратешки простор. Ама проблем за македонските управувачи е прашањето зошто немаат смелост да му ја соопштат вистинската намера на сопствениот народ!
Битката за последниот извор на суверенитет
Историјата докажува дека судбината на една држава не мора да се одлучува само надвор од неа. Надворешните интереси секогаш ќе постојат. Тоа е природата на геополитиката и геоекономијата. Конечниот исход сепак зависи од односот на внатрешните сила на државата, од зрелоста на нејзините управувачи и институции. Голема опасност за „Вардарската Долина“ не се странските интереси. Најголемата опасност е корумпираноста на домашните управувачи, со штетните договори. Историјата на македонската транзиција нуди доволно примери како стратешки системи минуваат од државна контрола во рацете на странски корпорации или приватни монополи. Коруптивните продажби на електродистрибутивниот систем ЕВН, „Македонски телеком“, рафинеријата ОКТА, Стопанска и Тутунска банка, многубројните концесии за рудници и други природни ресурси, како и долгогодишната зависност од увоз на храна и електрична енергија се дел од погубните одлуки што ја намалија контролата на државата врз клучни економски ресурси и системи во драматичниот процес на транзицијата.
Вардарската Долина е последниот голем природен потенцијал. А Македонија може да го развива проектот „Вардарска Долина“ со стратегиски партнер.
Значи, начинот на кој ќе се развива и управува проектот „Вардарска Долина“ наскоро ќе покаже дали обновената македонска држава конечно ќе си ја одредува сопствената иднина! Или други пак ќе решаваат судбински проект.
И можеби токму затоа Вардар не е само река што тече низ Македонија. Сведок е на историјата, коридор по кој се движеле идеи и народи. Ама и потсетник дека судбината на една држава не смее да се крие во нејзините природни богатства: водата, земјата и другите ресурсите што ги има.
Од античките стихови на Хомер, преку народните песни, па сè до современата култура, Вардар останува дел од колективната меморија на Македонците и на Македонија. Како што пее и легендарната група „Леб и сол“: „Матен Вардар брзо тече, тајни носи, време влече“!
Па така, „слобода или смрт“ денес не значи бојно поле – туку дали ќе имаме мудрост и храброст да управуваме со реката што ја носи иднината на Македонија.
Тони Менкиноски
































