Никогаш не сум сакала да ги гледам работите црно и бело, зошто животното искуство покажало безброј пати дека најчесто живееме во сиви зони. Или, пак, оној што си го мислел за олицетворение на доблест ќе се преобрати и ќе те разочара – и обратно. Од литературата, се сеќаваме обично на онаа реплика од „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле: А мори, стрино, не е ѓаволот толку црн колку што го прикажуваат. Но, нештата на глобален план веќе се кристализираат до степен што се чини дека веќе не можеме да мижиме пред изборот иако тој изгледа манихејски. Мојата генерација ја има таа несреќа да не се сеќава на едно друго мрачно време на човештвото (најмрачниот момент), но да посведочи на затемнувањето и создавањето на новиот историски момент на избор. Веќе цела година зборувам и пишувам дека геноцидот во Газа е тој пресвртен момент во кој или ќе се навикнеме на незамисливите злосторства и ќе си спиеме мирно (сонувајќи го европскиот сон, кој почнаа среде Скопје да ни го продаваат со боите на украинското знаме) или ќе се соочиме со сопствената совест и ќе ги видиме изворите на злото. За жал, ние сме на погрешната страна на историјата, на страната на империјата на хаосот или на злото. А се преправаме дека спиеме само да не видиме дека сме веќе во војна, која наскоро скапо ќе ја платиме и со човечки животи. (Патем, деновиве на Јутјуб следев една дебата на безбедносни експерти и потскокнав кога за првпат во контекст на глобалните случувања беше спомната и Македонија; да, да, без Северна, само Македонија – ама како територија на која, заедно со тие на Романија и Бугарија, се подготвува наредната фаза на „победничката офанзива врз Русија“).
Двете последователни патувања во Кина (заедно со минатогодишното патување во Обединетите Арапски Емирати) ми влеаја, барем за миг, доза на оптимизам. Сфатив дека „животот на Запад“ (макар и симболично) направил под кожа да ми влезат мислите за декаденцијата, губењето на моралниот компас, алиенацијата, свртеноста само кон себичниот интерес на капиталот, милитаризмот и некрофилната и апокалиптична култура. И не само што сум станала песимист, циник, па и мизантроп, туку погрешно сум почнала да го рефлектирам тоа внатрешно чувство врз целиот свет. Во такви моменти си мислиш: ни нема спас (како на човештво), битката е загубена. Но, кога макар за миг излегов надвор од оваа визура, открив дека Западот (и Балканот со него или во негови канџи) е само мал дел на светот. А „таму“ каде што ние не сме (и нели, наводно, не припаѓаме) постои поведро небо и има сончеви денови. Тие општества бујат со надеж, живост, брз развој… Па, дури и култура на грижа за општото добро – или, поинаку кажано, барем ред и спокој. Во тој дух сакав денешната колумна да ја посветам на тукушто завршениот самит на БРИКС и неговите одлуки. Само верните западни експерти и вистиномери ќе ви кажат дека тоа бил „антизападен собир на автократии, кои се борат против сето добро што го оличува Западот“. Тоа е резимето на голем број странски дебатни емисии што ги изгледав деновиве. Но, на „другата страна на планетата“, кај глобалното мнозинство погледите се инакви. Најтемниот час поминал, веќе ја гледаат зората на новиот ден во кој нема да бидат колонии, територии за експлоатација или инженеринг во согласност со западните интереси. БРИКС (со сите негови недостатоци и слабости неизбежни во фаза на конституирање) претставува жива негација на досега доминантниот принцип ТИНА (There Is No Alternative, не постои друга алтернатива – освен западната). БРИКС ќе мине уште долг пат до внатрешна консолидација и ефикасност на глобален план, но контурите на новото глобално устројство веќе се пред нас. Критичарите велат: ама тие се толку различни системи и земји со различни интереси што нема шанси да станат важен глобален фактор! Тие не разбираат дека токму тоа и му треба на мултиполарниот свет, кому му се прекуглава униформноста и наводната западна супериорност, која се сведува на легализиран грабеж. БРИКС е одговор на таа безмилосна доминација, која себеси се позиционира над моралот и меѓународното право. И интересно е што додека Западот ги обвинува и оцрнува земјите на глобалното мнозинство за атака врз нивната безгрешност и нивниот „поредок заснован на правила“, земјите собрани околу алтернативните облици на соработка упорно, па и тврдоглаво зборуваат за ООН и за нејзината повелба, односно за почитувањето на меѓународното право. Наместо да учат (одново) што е рамноправна меѓународна соработка, дипломатија, преговори и комуникации, земјите на Западот тргнаа во казнена експедиција кон непослушните.
Најлесно им беше да му кажат отворено на Вучиќ и да не помислува да се појави во Казањ. Учеството на Саудиска Арабија мораше да го спречи „тешкаш“ како американскиот државен секретар Блинкен, кој му се тупна на посета на Ријад токму во тие денови. Ердоган беше казнет и доби јасен сигнал (освен ако не мислите дека терористичкиот напад дојде тукутака). Однесувањето на бразилскиот претседател Лула е исто така под лупа, па можеби намерно се слизна во кадата и ја блокира поканата за Венецуела. За Иран се сметаше дека ќе биде нападнат од Израел – во „самоодбрана“ како инаку, според Советот за безбедност на САД – за време на самитот, но комшиите сепак го дочекаа претседателот да се врати за да ја почнат играта на смртта. Како врв на сè, во јавноста се појави документарната репортажа на познатиот британски алтернативен медиум „Даблдаун њуз“ – ДДН (DoubleDown News – DDN) не само за злосторствата во Газа туку и за педантното документирање на самите израелски војници додека вршат дела од кои ќе ви се преврти утробата. Американски колега од мировни студии (кој отворено навива за Камала иако ги осудува случувањата во Газа!?) „гордо“ објави статија на „Гардијан“ во која се наведува дека „дури“ 2.000 израелски/еврејски интелектуалци потпишале отворено писмо со барање за итен прекин на насилствата против Палестинците. Она што беше депресивно, болно до коска и речиси несфатливо беше податокот дека огромното мнозинство Израелци не само што поддржуваат геноцид туку велат дека е „малку, треба уште посилно да се удри“. Како што заклучи новинарот на ДДН: Кога човек ти кажува каков е, верувај му. Израелците веќе една година покажаа какви се и кои се. Треба да им веруваме. Тие денес го поддржуваат она на што нивните предци биле жртви.
И така, саботниот сончев ден, предвиден за оптимистична колумна за постоење на надеж и сили за нов поправеден свет, ми се стемни кога разбрав дека во текот на ноќта (додека јас уште не можев да заспијам од морбидните сцени на документарецот на ДДН), Израел извршил нов напад врз Иран. Американците веднаш изјавија дека тоа било „морАлно“ (ем морале, кутрите тие, ем сè е во согласност со поредокот заснован на нивни правила), ем пратија нова воена опрема.
Мојот фејсбук-пријател (кого го чувствувам како брат по мисла и душа) живее во Австралија но потекнува од Итака, родниот остров на Одисеј. Неговите мисли често се ехо на моите, и обратно. Еве, од неговиот крај на „западниот свет“ до мојот одѕвонуваат неговите зборови: „Ако една цивилизација не може да го спречи геноцидот што се пренесува во живо, тогаш, во крајна линија, таа не може ни да се смета за цивилизирана“. Еден мал но значаен исчекор направен на маргините на самитот на БРИКС беше договорот за затворање на граничниот спор по мирен пат меѓу кинескиот и индискиот претседател. Тоа беше уште еден зрак на надеж дека овој меѓународен контекст допрва ќе понуди нови решенија за стари проблеми и ќе нè внесе во нова ера. Но, еве го „западниот човек“ во мене кој пак тоне во песимизам: што им значи тоа на Палестинците, Либанците, а сега можеби и Иранците? Израелците и Американците го водат орото на смртта и деструкцијата ја глорифицираат како најголемо јунаштво. Моите американски колеги (од научната и интелектуалната сфера) повторно се заглибени во навивање за помалото зло, па не само Камала туку дури и Хилари (што ја викавме Килари откако ја уништи Либија) им се гледа како олицетворение на победата врз „фашизмот на Трамп“. Како може паметни луѓе да на ја видат врската помеѓу внатрешната и надворешната морбидна политика на таа империја во пад? А притоа, сосема ги маргинализираа другите двајца извонредни кандидати (Џил Стеин и Корнел Вест). На Запад ништо ново! А на Исток/Југ? Остануваме засега во битката на старото и новото, она што Грамши го нарече време на монструми.
Простете, сакав да напишам аналитичка, строга и оптимистична колумна. (Нашиот циркус не заслужува ни колумна, само (по)милување по гривата на магарињата што го поддржаа.)
Билјана Ванковска