Дојде време повторно да бидеме сведоци на библиски слики. Ако минативе над две години го следевме погромот што се случуваше во Израел и Газа со еден стравотно разурнувачки интензитет, сега повторно сме сведоци на една „мојсеевска“ сцена, но во обратна насока. Познато е дека со само еден потег на божји мисионер и пророк од аврамските религии, Мојсеј го отвори морето за помин на еврејскиот народ од Египет преку Црвено Море, па до планината Синај. Епски, таму ги прима Десетте заповеди. Патем, станува збор за пророк, творец на Тората (поука и завет) еднакво значаен за тие аврамски религии во кои припаѓаат и христијанството, исламот и бахајството, но и голем број други религии.
Убаво е кога на измачените луѓе од регионот на Блискиот Исток ќе им се понуди можност за мир. Пред малку реков дека се изнагледавме библиски слики од страдања на живи суштества без разлика на која етничка структура или религија припаѓаат. Страдањата се еднакви за сите, стравот е ментална болест што ќе ги следи дење и ноќе сѐ до вечноста. Заборав? Кој како. Чувствителни ментални структури ќе патат цел живот. Другите можат и да заборават.
Доколку се остварат поголемиот дел од желбите и потребите на страдалните, тогаш сево ова може и да замине во заборав или сеќавање на генерациите што своите жртвувања не залудно ги ставиле на пиедесталот на човечноста и иднината. Велат времето лечи сѐ. Но времето и помни, поттикнува на грозење од некои постапки на актерите.
Повторно се навраќам во шеесеттите од минатиот век. На големите екрани, епската сага од 1956 година на големиот Сесил. Б. де Мил, лордот на Холивуд. Чарлтон Хестон како Мојсеј, Јул Бринер како фараонот Рамзес. Спектакл од библиски размери. Средба на ангел божји со Мојсеј, кој го подучува како да го поведе својот народ кон Синај. Човек не може, а да не ги спореди филмските со сегашниве библиски сцени од разорената Газа. Во истиот период, како суров историски потсетник, се дава и филмот на Ото Премингер, „Егзодус“, со Пол Њумен и Ева Мари Сент. Сценариото е на Далтон Трамбо, симпатизерот на комунистите, кој страда во ловот на вештерки на сенаторот Мекарти. Во тој филм е обработен егзодусот (брод) на Евреите на кои во 1947 година не им е дозволено да стапнат на тлото на Палестина или како веќе да ја наречеме таа тажна територија – колепката на трите религии? Споредбите се добри да посочат на големиот хендикеп на човештвото, во чија историја имаме трагични повторувања, нови жртви и омраза депонирана за во иднина. Сепак, се чини дека човекот ќе смогне сили да извлече поука од трагичните настани, кои се тешки лузни за иднината. Но дали со евентуалниот мир, кој уште стои на стаклени нозе и е сериозен потег пласиран од страна на претседателот на САД Доналд Трамп, а кој сите разумни здушно го поздравуваат, завршуваат крвавите настани што постојано го следат ова наше јаве? Светот е во трескавично исчекување…
Од една страна господинот Трамп како миротворец, од друга како бизнисмен со истенчен сензибилитет за профит. Сѐ погласно се зборува за некогаш познатото и мошне атрактивно индијанско секирче на Шошоните, Сијуксите, Чеените и Апачите, „томахавк“, кое низ годините се претвори во мошне опасно оружје. Токму такви секирчиња од дрво и тенеке (ламарина) правевме и ние децата од Дутлок Маало. Нив ги користевме филмски во борба со бледите лица, односно белците. Патем, едни бевме поцрнети и побронзени од сончање на Вардар и глумевме црвенокошци, оние што не ги фаќаше сонцето, беа бледолики. Е, тие секирчиња ќе ги плати старата дама Европа, демек да се заштити од евентуалните атаки на страшниот Илија Муромец–Громовник сличен на западниот Тор. Тој дрзок и агресивен љубовџија, кој всушност ја обожувал од дамнешни времиња, досадно и упорно атакува со дронови иако како што самиот во небесните медиуми изјавува и демантира дека тој не би го направил тоа за ниту една цел. Што се однесува, пак, до „критичната технологија“, односно дроновите, ете се појавија и на небото над Баварија, односно над Минхен. Германците како наследници на страшните Нибелунзи се закануваат дека ќе ги срушат бидејќи тие предизвикале колапс на меѓународниот аеродром во градот. А олимпискиот град од 1972 година помни непријатни мигови за време на игрите, кога од страна на осум палестински терористи потпомогнати од терористичката организација Црн септември беа киднапирани 11 израелски спортисти од Олимпиското село. Во осумнаесетчасовна пресметка со антитерористичките сили, загинати се сите спортисти, ни криви ни должни, и седуммина Палестинци, а еден по име Џамал ал Гашеи се претпоставува дека и денес живее на непозната локација до која Мосад не можел да допре. За одмазда, Израел во септември истата година удира на Сирија и Либан. Но тоа биле поскромни библиски слики од денешниве, иако и тогаш имало голем број цивилни жртви, повторно, ни криви ни должни. Уште една трагична библиска слика.
Е, сега, постои и една државна граница што е долга над 2.000 километри. Таа е наречена Дурандова линија, по името на некогашниот министер за надворешни работи на Британското Царство, сер Мортимер Дуранд. Таа линија постојано вознемирува. Нацртана е во 1893 г. за да се востанови мир помеѓу авганистанскиот емир Абдур Рахман Кан и Британска Индија, односно Британската Империја. Оттогаш до денес, нема мир на таа гранична линија. Деновиве во оружени судири изгинале над стотина луѓе и од авганистанска и од пакистанска страна. Времето ќе го каже продолжението, но факт е дека штом едно жариште згасне, ново се отвора.
Кога веќе ја спомнавме 1972 година, ние тогаш веќе во момчешки години, го окупиравме градското корзо. Корзото беше полно за време на празници и викенди. Таму се случуваа кибицерски активности. Едни шетаа низ централната улица од црквата до поштата, други висеа пред витрините на единствената самопослуга во Гостивар и упорно се надгледуваа со првите. Корзото се празнеше ако во киното „Култура“ се даваше квалитетен филм. Освен тоа, кога шеталиштето ќе се подиспразнеше, едни ќе заминеа покрај џамијата кон легендарниот ресторан „Тик-Так“. Тој угостителски објект со години го заземаше првото место по квалитетни услуги на престижната листа востановена од магазинот „Екран“. Другите од шеталиштето ќе исчезнеа во градските паркови за под ѕвездено небо да си ги искажат чувствата.
Таа година корзото го испразнија два големи филмски проекти. Легендарниот филм „Кум“ на Ф. Копола со Марлон Брандо, Ал Пачино и Џемс Кан и „Кабаре“ на Боб Фоси со Лајза Минели и Мајкл Јорк. Не остана покуса ниту домашната филмска сцена. Се случи премиерата на ТВ-филмот „Табакерата“ на Душко Наумовски по делото на Ѓорѓи Абаџиев со Ристо Шишков и Благоја Чоревски. „Валтер го брани Сараево“ беше акциониот воен филм на Х. Крвавац, кој беше еден од најгледаните бидејќи Кинезите до денешен ден ја изразуваат својата почит кон НОБ. Вообичаено „Соларис“, бисерот на научната фантастика на Андреј Тарковски, помина незабележано иако времето покажа дека е врв на седмата уметност. Познатата музичка ѕвезда Дијана Рос дебитира како актерка во мјузиклот „Дамата пее блуз“ и за таа улога добива „Оскар“.
Ова како верување дека злото и добрината, како и во секоја друга животна област, длабоко се испреплетуваат за да ни го зачинат животот. Едноставно, да не ни биде досаден и за миг да заборавиме на траурните библиски слики.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател