Состојбата на реалниот институционален легитимитет на судството од периодот помеѓу 2010 и 2013 година претставува многу легитимно прашање за Република Македонија и нејзините граѓани, кои во изминативе десетина години преживеаја силување на целокупниот правен систем за некакви политички потреби и барања од разни центри на моќ, од што не видовме никаква реална корист за граѓаните, туку само тонење на државата во една бездна на небулозни барања и испорачување на тие барања, а зад сѐ само пустош и криминал во сите сфери на општественото живеење. Највисокиот државен акт, Уставот, беше прекршуван повеќепати, што предизвика сериозна дисторзија на правниот систем, бидејќи судската власт е еден од темелите на правната држава и демократија. Во моментов, реториката е дека судската власт отсекогаш била со низок рејтинг и доверба на граѓаните од два отсто, што не е воопшто точно, иако тврдењето за два отсто доверба се повторува со таква леснотија и сигурност, што ретко кој чувствува потреба да ја провери неговата фактичка и историска генеза.
Ако се навратиме во една аналитичка реконструкција на периодот 2010–2026 година, односно пред и после сѐ, должни сме да се присетиме дека во периодот меѓу 2010 и 2013 година, судството во Република Македонија, со сите свои структурни слабости, сепак уживаше релативно стабилен јавен легитимитет. Истражувањата на јавното мислење од тој период недвосмислено, со факти и извештаи, кои се јавно достапни, покажуваат дека довербата во правосудството се движела околу 40–45 отсто, а во 2013 година се стабилизирала на околу 41 отсто. Оваа бројка е клучна не затоа што претставува идеален рејтинг туку затоа што претставува праг на институционална легитимност. Систем со ваков степен на доверба може да биде предмет на критика, реформа и подобрување. Оттука, 2013 година не е обична хронолошка точка, туку референтна година, која јасно покажува дека наративот за „долгогодишно судство со два отсто доверба“ е историски неточен.
Драстичниот пад на довербата во судството се случува во краток временски интервал во 2015 година. Тој пад не е резултат на постепена институционална ерозија, туку на акутна политичка и општествена криза. Се сеќаваме сите и сѐ уште е свежа сликата во нашата меморија за дивеењето на т.н. шарена револуција и уништувањето на државниот имот под превезот на некакви идеали за „правда и мир“. Во овој период, врз правосудството како неполитична фела и контролен механизам на системот, трета власт, се фрли политичка анатема, судството како дел од поширока конструкција означена како „заробена држава“. Во јавната сфера, преку медиуми, политички говори и селективно објавени материјали, се создаде атмосфера во која индивидуалната одговорност на поединци се претвори во колективна вина на институциите. Анкетите од тој период регистрираат драматичен пад на довербата, во некои случаи и на едноцифрени проценти. Но овој пад не се должи на една реална и точна слика, туку на режирана состојба преку невладиниот сектор финансиран од центри на моќ и јавниот наратив на одреден политички блок, со сите последици што македонското општество до ден-денес ги преживува. Посебен аспект во целиот комплот на настани е и тоа што во тој период во правосудството доаѓа и до инсталација на првите генерации судии и обвинители што доаѓаат преку Академијата на судии и обвинители, јас лично сметам дека со една историска анализа на факти во некое идно истражување со сигурност ќе се докаже дека академијата воопшто не произведе доволно стручен кадар што ќе може да се носи со бремето во тоа време, а и денес. Брзото и експресно напредување на ваквиот кадар, кој за само неколку години беше вивнат до слава во СЈО како „Чарлиеви ангели“ е аларм да се пристапи кон проблемот сериозно. Драматичниот пад на довербата не е резултат на долготрајна структурна деградација, туку на краток, но интензивен политички општествен пресинг (2014–2015). Тоа е време на масовни објави на незаконски прислушувани разговори, медиумска криминализација на цели институции, политичка делегитимација на судската власт како целина, наратив за „заробена држава“ во кој судството беше означено како централна алка. Во тој контекст се бараше формирање „надуставно“ и „независно“ тело СЈО како институција за излез од вештачки креираната криза за политичка превласт во пакет со идна промена на уставното име на државата, што уште повеќе го сруши рејтингот на судската власт. Знаеме дека Уставниот суд и Јавното обвинителство во тој период останаа глуви и неми на ваквиот развој на настаните иако институционално беа должни, во согласност со Уставот и законите, да се спротивстават на сѐ што се случуваше. Друго прашање е дали институциите имаат механизми за заштита на уставните гаранции и како целиот државен систем беше поставен преку персонални решенија да остане без гард.
Во тој контекст, довербата во судството колабираше и во одредени анкети падна на пет–десет отсто и пониско. Но овие анкети не мерат долгорочна институционална доверба, туку моментна политичка перцепција под силен емоционален и медиумски притисок. Наместо падот да се третира како исклучок, тој станува правило. Наместо како симптом на криза, тој се интерпретира како доказ за суштинска нефункционалност. На тој начин, бројката од „два отсто“ престанува да биде статистички податок и станува политички симбол – алатка со која се оправдуваат вонредни мерки, институционални интервенции и суспендирање на основни принципи на судска независност, а тоа е времето од 2015-2016 година. Во овие години, во јавниот и меѓународниот дискурс доминира јазикот на „реформи“, во кој ниската доверба станува централна дијагноза. Во извештаите на Европската комисија, довербата во судството се наведува како проблем, но често без јасна дистинкција помеѓу перцептивна недоверба и нормативна поставеност или функционална состојба на институциите, нешто што претходниот период не било забелешка. Во овој контекст се вклучува и меѓународната заедница со странска експертска поддршка и помош, како Експертскиот тим на Прибе, Ван Хауте и слично, кои дополнително го потонуваат третиот столб на државата, кој е олицетворение на судската власт. Исто така слабиот квалитет на продуцираните кадри на судии и обвинители од Академијата и полнењето на правосудните органи преку Академијата по партиски клуч, прием на генерации академци блиски до партиски функционери дополнително го руши угледот на третата власт. Дополнително политичките игри со преструктурирањата на државните институции единствено во политички цели, а не во функција на граѓаните и зајакнување на правната сигурност, како формирање на противуставното СЈО, кое за три години пропадна поради криминал и корупција, а беше формирано поради наводна нефункционалност на редовното обвинителство, кое беше институција со долгогодишен рејтинг и репутација и подоцна инсталирањето на истите тие кадри од распаднатото противуставно СЈО внатре во структурата на редовното обвинителство создадоа ниската доверба кај граѓаните.
Оттогаш до денес, еве 10-та година, препораките за реформи на странските експерти донесени преку меѓународната заедница ниту имаа ефект ниту дадоа резултати, освен што го срушија кредибилитетот на правосудниот систем за некакви внатрешни и надворешни политички цели, па поради тоа кога се реконструира во периодот 2010–2026 година со аналитичка дисциплина, станува јасно дека „два отсто судство“ не е историски факт, туку концепт создаден во одреден политички контекст и политичка цел. Гангренозниот правосуден систем сѐ уште опстојува и се поддржува за да опстане, тоа го видовме и пред некој ден кога Јавното обвинителство за организиран криминал, она нели „транспарентното“, во една нетранспарентна постапка го отфрлило предметот за незаконските бонуси на СЈО уште во август минатата година и не ја известило јавноста за тоа, иако ова со години е интерес на јавноста, па дури имаше и прогон и репресија врз обвинители што не се согласуваа со таква одлука.
Затоа, вистинското прашање не е дали судството имало проблеми – тоа е неоспорно – туку дали митологизацијата на тие проблеми не нанела поголема штета од самите слабости што требало да се надминат. Без враќање кон фактите и кон 2013 година како референтна точка, ниту една реформа не може да биде ниту правно одржлива, ниту институционално легитимна. Дури и сега непосредно пред конкурсот за нов државен јавен обвинител не може да се очекува дека кадрите „од внатре“ од истите овие институции, со секоја чест на исклучоци, фатени во периодот на беззаконие, кој трае 2016-2026 г., инфицирани со меѓусебна испреплетеност и колегијалност и истовремено комотни во своите трајни функции на обвинители и судии ќе дадат нов и подобар квалитет.
Владимир Панчевски
Авторот е кандидат за јавен обвинител и поранешен претседател на Основниот суд Скопје

































