Имам специфична болест што се лекува со одредена терапија. Еден месец се чувствував сè полошо и полошо. Кога изгубив способност да се движам, на телевизија извадија афера дека ни давале плацебо-терапија, а вистинските лекови ги шиткале некаде во странство. Тоа е, тешки времиња, војна во Украина, инфлација, луѓето мора да заработат. Така завршив во болница. Уште првата ноќ имав гаден кошмар. Путин го попречил седмото добивање датум за почеток на преговори со ЕУ. Од паника, во сон, паднав од креветот. Онака коска и кожа направен, без физичка сила во себе, не можев да се вратам назад во болничката постела. Два часа викав некој да ми помогне и… Молам? Како? Добро… добро… Извинете! Фактчекери. Ми рекоа да не ширам лажни вести. Не биле два часа, туку еден час и четириесет минути. Вистина е, се извинувам, ми се виде како два часа.
Во ред, значи викав што викав, ама никој не дојде. Некако успеав да дофатам мобилен. Се јавив во Брза помош. Ги замолив да дојдат во болницата и да ме вратат назад во креветот. Дојдоа по час и половина. Се извинија, гужва во сообраќајот, отворен е нов мол во центарот, сите брзале натаму, па не сакале да ги пропуштат. А и полиција ги застанала. Немале налепница со новото име на државата, 1.500 евра казна. Ама конечно стигнаа и ме вратија во кревет. Утредента во посета ми дојдоа синот и ќерката. Пакувајте куфери, им реков, бегајте од тука, фаќајте странство, Кина ако јас се прашувам. Син ми веќе три години е доктор по астрофизика, лесно ќе си најде работа таму. За да го школуваме, жена ми го продаде станот на нејзините родители, ама се исплатеше, син ми беше најдобар студент. И тука, тој има работа, две работи поточно. Вози такси и се занимава со астрологија. Им прави натални карти на колегите и нивните сопруги. Ми вели, тато, јас уште утре би заминал, ама важечкиот пасош државата го прогласи за неважечки, а за нови документи ми закажаа во 2027 година. Ај не паничи, му велам, што се три години(?), пет минути работа.
Се вртам кон ќерката. За тебе е лесно, ѝ велам, ти имаш нови документи. Да, има, снаодлива е ќерка ми. Таткото на нејзина другарка се познава со некој белосветски наркобос, кој веќе извадил наши документи, па преку него, мојава умница си фати врски. Ти одиш да студираш во странство, ѝ велам, најпаметно во Јужна Кореја, оти тука, ај што си натпросечно интелигентна, ама толку си убава што третина професори ќе ти бараат секс за десетка. За пари не се грижи, продолжувам, ја продадов селската куќа на моите родители, ене ги, те чекаат за да ти обезбедат иднина подалеку од тука. Ќерка ми плаче. Нема веќе пари, ми вели, платив со нив струја за два месеца. Ајде, ајде, се смеам, а не ми е до смеење, ќе се снајдеме, секогаш сме се снаоѓале. Не им кажав дека веќе имам план. Диме комшијата од трети кат, откако банката му го зеде станот, а фирмата го отпушти од работа, украде леб, го фатија, па за да не оди осум години затвор, мораше да продаде бубрег за да ги потплати обвинителот и судијата, судска реформа наречена „орган за слобода“. Ми го даде контактот што ќе ме поврзе со луѓе на кои ќе им го продадам бубрегот на црно.
Еден час откако заминаа децата, дојде медицинска сестра. А ха, го знам девојчево. Внука на мој пријател. Фаќав врски за неа да заврши географија. Што да прави пустата, скроз дунстер за географија, едно време беше прв човек за протоколи во Владата, ама алергична на знамиња, еве успеала да се вработи како медицинска сестра. Господине, ми вели, мора да ја напуштите болницата, веќе час и половина како сте мртов. Мртов(???), викнав изненадено. Да, изгледа чистачката ви ја погрешила терапијата (вистина, женичката најмногу се грижеше за мене), вие сте мртов и треба да го ослободите креветот, имаме пациенти што чекаат. Одеднаш вака умрен, почувствував некоја чудна животна енергија, па станав, се облеков и заминав. Од болница веднаш појдов во пајак-службата, оти кога ќерка ми ме донесе во болница, ѝ ја кренале колата од паркингот на болницата. Веќе ви реков, ќерка ми е многу убава, кога го прашала младиот службеник зошто ѝ ја земаат колата правилно паркирана, мангупов ѝ рекол дека многу му се допаѓа, па сака уште еднаш да ја види. Како и да е, си ја зедов колата.
Инаку, јас сум крајно совесен граѓанин. Ако сум веќе мртов, тогаш мора да си извадам умреница. Веднаш појдов во најблиската подрачна единица. Зедов бројче, 7.895, возев три километри назад за прописно да застанам во редот, каде што седум илјади осумстотини деведесет и пет мртви граѓани чекаа пред шалтер да си подигнат умреница. На ред дојдов по четири дена. Извинете господине, ми рече службеникот, немаме умреници со новото име на државата, а бидејќи јас малку изреагирав бурно, нетипично за мојата сталоженост, тој ми објасни дека нашата држава склучила тендер за изработка на нови умреници со грчка фирма, па откако овие им ги доставиле, нашиве сфатиле дека се на грчки јазик, па затоа Владата потпишала нов тендер со Бугарија за да изработат умреници на бугарски зашто нашиот државен јазик бил негов дијалект, па ќе мора да почекам две години за официјално да умрам со документ на кој стои новото име на државата.
Кога влегов во колата, сфатив дека е 8 Март, ден кога жените се качуваат по кафеански маси на кои претходно нивните пијани мажи зборувале за некои други жени. Појдов да купам цвеќе за жена ми. Осумстотини евра, ми рече цвеќарката, а кога се ококорив, таа објасни, инфлација, господине, војна во Украина. Ја продадов колата, се вратив, купив цвеќе. На таксистот му реков да ме остави на раскрсницата меѓу „Никола Тесла“ и „Бранислав Нушиќ“. Човекот ми објасни дека сега тоа е раскрсница меѓу „Хенри Кисинџер“ и „Вики Нуланд“, зашто претходните имиња ширеле албанофобија. Дома ја најдов жена ми расплакана. Балерина во пензија. Секој ден оди во парк да го шета кучето. Седнува на клупа и чита книга. Ја привеле за поседување недозволени руски влијанија. Читала роман од некојси Русјаков. Во полициска станица ѝ рекле, сè знаеме. Пред обвинител признала дека двапати играла во Баљшој театар, дека редовно за Нова година прави руска салата зашто ја сакаат децата, а како девојче имала руска бабушка. И сега, прашав вознемирено. И сега, рече, ќе ме протераат од државата како руски шпион. Ја погледнав озарен од надеж. А со себе, ја прашав, можеш да ги земеш синот со важечки документи, кои државата ги прогласи за неважечки, најубавата ќерка на светот, на која тука никаде не ѝ ја вреднуваат натпросечната интелегенција, и мртвиот сопруг, кој мора да живее затоа што не може да извади умреница? Не може, ми рече плачејќи, мене ми е забрането, ама вие мора да дадете потписи за три различни кандидати за претседател и потоа до избори да си вадите очи на социјални мрежи, затоа што донесоа закон дека тоа е нов национален спорт во државата со умрена нација на која само уште ѝ фали да си подигне умреница.