Беседа

Денес, на празникот на Свети Климент Охридски – летен, 9 август 2025
Во Охрид – вечниот македонски Свет Град и неговите седум милениуми
Во светската меморија, покрај Светото Охридско Езеро –
Едно од трите најстари езера на планетата Земја, заедно со
Тангањика и Бајкалско Езеро,
Во Античкиот Лихнид и Словенскиот Ерусалим,
Во Куќата на Уранија на МАНУ,
По деветнаесетти пат се одвива академската церемонија
На прогласувањето на добитникот на Светската награда на хуманизмот,
И тој чин зрачи по сите меридијани
Со Вечното Сонце на хуманизмот –
Што уште од првата средновековна школа на хуманизмот
Што ја основаа вечно живите светци на Охрид,
Свети Климент и Свети Наум, ученици на рамноапостолите
Солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј –
Прогласени за заштитници на Европа
Единаесет векови по нивната смрт, во 1980 година
Од папата Јован Павле Втори.
Бидејќи веруваа дека „Цивилизацијата на љубовта“ и
„Носталгијата по единството“ можат да го спасат човештвото,
За кое, во секој божји ден, со сè што се случува,
Нè обзема сомнежот дека му нема спас.
Тaa злокобна мисла, по уште позлокобната реалност,
Која однесе и носи милиони невини жртви во неврат,
Додека ги изговараме овие – честопати залудни – зборови.
Овде, во Охрид, со основањето на Охридската академија на хуманизмот
И востановувањето на Светската награда за хуманизам во 2007 година,
Водени од Светиклиментовата визија и благослов,
Македонија излезе на светската духовна сцена со
Една света и бесмртна идеја –
Дека на Охрид му прилега да биде прогласен за центар на светскиот хуманизам,
Бидејќи друг таков град што ќе го слави хуманизмот
Во време кога нуклеарните сили и тиранијата на капиталот
Се закануваат дека ќе ги уништат светот и човештвото –
Друг таков град, прогласен за центар на хуманизмот – нема!
Затоа, денес, на 9 август, на Свети Климент Охридски – летен,
Драга Светлана Мојсов, го славиме Вашето научно и хуманистичко дело,
Го славиме Вашиот животен и творечки пат –
Од Вашето раѓање во Македонија во 1947 година
До Вашата академска одисеја на Универзитетот Рокфелер во Њујорк.
И затоа, пред нашите очи денес се одвива една реална и имагинарна
Охридска визита, во која свират охридските трубадури,
За кои бесмртниот поет Бранко Миљковиќ напиша:
„Пејте, прекрасни старци, додека над нашите глави
Исчезнуваат ѕвездите како метафори.
Сè што е високо – исчезнува,
Сè што е ниско – ќе иструли.
Кога мастилото ќе созрее во крвта, сите ќе знаат дека
Исто е да се умира и да се пее!“
Затоа, денес, во Ваша чест, Светлана Мојсов, дојдени се сите големи имиња
На светскиот хуманизам да Ви ја честитаат наградата и да Ве поздрават.
Денес, Куќата на Уранија на МАНУ е полна со видливи и невидливи гости
На Вашиот животен подвиг.
Дојден е првиот добитник Даисаку Икеда – будистичкиот филозоф од Токио.
Дојден е и Маноел де Оливеира – португалскиот филмски маг,
Кој заигра оро на охридското пристаниште за да го прослави својот
Стоти роденден.
Дојден е рускиот нобеловец Александар Солженицин –
Третиот по ред добитник на Светската награда за хуманизам.
Дојден е и Рави Шанкар – музичкиот светски алхемичар од Њу Делхи.
Од Германија е дојдена и нобеловката Херта Милер.
Дојден е и Романо Проди од Болоња, Италија –
Европскиот визионер кој велеше дека Европа,
Ако не пронајде збор што се вика „љубов“
И кој ќе влезе во уставите на сите европски држави,
Никогаш нема да го реализира своето обединување.
Дојден е и Жан-Патрик Конрад од Империјал колеџот во Лондон,
Кој напиша во париски „Монд“ дека
Охридскиот хуманизам е во темелите на европската и светската историја.
Во Охрид е и светскиот легендарен режисер Питер Брук,
Со чие бесмртно слово по две илјади години тишина
Повторно беше отворен Античкиот театар во Охрид.
Дојдена е и Вида Огњеновиќ од Белград,
Која и денес верува дека драмата може да ја менува жестоката реалност.
И меѓу сета таа светска плејада, дојден е и првиот македонски добитник –
Академик Георги Старделов,
Кој во еден брилијантен есеј ја издигна
Охридската школа на хуманизмот како светски филозофски постамент
На интернационалната меморија.
На охридската визита е дојден да Ви честита и
Бугарскиот сликар со светско реноме – Светлин Русев,
Кој предложи подигнување на единствен жив Монумент на планетарно ниво,
Во кој ќе бидат внесени имињата на сите добитници досега и отсега.
И по неговото заминување во вечниот живот,
Големиот македонски скулптор Жарко Башески ја обликува таа меморијална чудесија.
Општина Охрид го одреди местото,
И да се надеваме дека ќе се најде жив човек или институција,
Која во невидените количини на милиони и милијарди
Корупција и криминал ќе ја издвојат таа бедна сума,
Со која ќе биде подигнат Живиот монумент на Охрид
Како центар на светскиот хуманизам.
И тој ќе трае во вечноста!
Свети Клименте, моли се пред Господа
Да се оствари овој чин и да трае вечно во времето,
Под услов да трае и идејата на светскиот хуманизам,
Бидејќи – не дај боже – и неа можат да ја уништат!
Драга Светлана Мојсов, на Вашето прогласување за добитник
На Светската награда за хуманизам,
Дојдени се и Вашите родители –
Вашата мајка Лилјана и Вашиот татко Лазар Мојсов –
Име што е запишано на врвот на македонската и југословенската дипломатија
И чии книги и денес ни отвораат нови хоризонти
Во погледите кон самите себеси,
Поврзани со минатото од кое соседните земји сакаат да нè лишат.
Но еден богомилски апокриф вели:
„Сегашноста е тука, иднината е непозната,
Најнепредвидливо е минатото!“
И минатото, и сегашноста, и иднината на Македонија
Се заштитени од бедемот на Светиклиментов хуманизам,
Кој е вечен и кој, со Светската награда за хуманизам,
Ќе ја краси светската цивилизација!
Драга Светлана Мојсов,
Ве прогласуваме за добитник на Светската награда на хуманизмот за 2025 година,
За Вашиот бесценет придонес во современата светска медицинска наука,
Биохемиските откритија и ендокринолошки достигнувања,
Кои Ви донесоа многу престижни награди и признанија од сите пет континенти,
Но оваа награда што Ви ја враќа Интерконтинентална Македонија
Е од длабочините на нејзиното срце и душа –
По нејзината и по Вашата судбина,
Опеана во стиховите на Кочо Рацин:
Ако куќа не направив со високи шимшир порти –
Куќа цел свет братски ми е!
Срце – порта најширока,
Срце – куќа највисока!

Беседа за прогласување на Светлана Мојсов за добитничка на Светската награда на хуманизмот за 2025 година

Свети Климент – летен, 2025, Охрид

Јордан Плевнеш