Додека глобалните тензии се креваат од Персискиот Залив до Левантот, Балканот останува на периферијата, но не и без ризици. За Македонија, членка на НАТО и сосед на Косово каде што е стационирана американската база „Бондстил“ и каде што е сместен оперативниот штаб на Косовските сили (КФОР) во југоисточно Косово, секој шок на Блискиот Исток може да се почувствува низ институциите, економијата и медиумскиот простор.
Посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е повеќе од протокол – тоа е јасен сигнал за поддршка и стратегиско зацврстување на позицијата на регионот на Западен Балкан и наедно на државата, со оглед на тоа што Балканот е регион со сложена етничка и верска мозаичност. Муслиманското население, кое изнесува околу 30 проценти во Македонија, е значајна заедница во Косово и во Босна и Херцеговина, со помал процент во Србија (без Косово) и Албанија, и е интегрален дел од општествата. Разбирањето на овој демографски контекст е клучно за процената на потенцијални хибридни закани, миграциски притисоци и социјални тензии, кои можат да се појават при глобални кризи.
ГЕОПОЛИТИЧКА ПЕРСПЕКТИВА
Македонија е стабилен остров во балканскиот дел од европскиот континент, кој истовремено е чувствителен и политички и стратешки важен. Членството во НАТО обезбедува колективна одбрана и ја позиционира земјата како стратешки партнер во глобалните тензични случувања и сценарија. Присуството на кампот Бондстил во Косово и полигонот Криволак во Македонија се одвраќачки фактори, кои создаваат не само физичка туку и симболична безбедносна мрежа и порака за присуството на западната алијанса во регионот.
Турција, како регионален играч со геополитички интереси, има улога на стабилизатор. Нејзината дипломатија и разузнавачка соработка обезбедуваат дополнителна сигурност и отпорност на какви било можни закани и предизвици. Слично, Европската Унија е посветена на одржување на стабилноста и безбедноста преку дипломатски, економски и логистички мерки и ангажмани. И Србија, која мудро балансира меѓу Исток и Запад, во вакво сценарио се обидува да одржи неутрална надворешна политика.
МОЖНИ СЦЕНАРИЈА
Првото сценарио, кое евентуално би се случило, е ограничената и контролирана ескалација, во случај војната во Иран да ескалира и да земе замав пошироко од Блискиот Исток. Сепак, и покрај тоа што неодамна беше нападната британската суверена база „РАФ Акротири“ во Кипар, на околу 1.300 километри воздушна линија од скопскиот аеродром, кој е управуван од турска компанија, можните ефекти би биле минимални. Но треба да се има предвид и тоа дека од аеродромот во Софија, соседна Бугарија, полетуваат американски борбени авиони, а Софија е само на 174 километри воздушна линија од Скопје. Македонија веќе ја чувствува зголемената безбедносна координација, поради што во неделата во организација на претседателката проф. Гордана Сиљановска се состана Советот за безбедност на државата, кој ги разгледуваше безбедносните прашања, аспектите и можните импликации врз државата, како што се бегалската криза, енергетската криза, засилувањето на институциите, разузнавањето, кибер-безбедноста, логистиката и друго, а кои се поврзани со војната на Блискиот Исток. Инаку, државата редовно е вклучена во НАТО-вежби и мониторинг на медиумските и кибер-заканите.
Што се однесува до муслиманските заедници, тие остануваат интегриран и стабилен дел од општеството без какви било дополнителни притисоци, поради што ризикот од ескалација на кризата е минимален и покрај тоа што Западен Балкан има значителна муслиманска популација, во кој во Албанија има околу 55-60 отсто муслимани, во Косово 90-95 отсто, во БиХ околу 50 отсто, во Македонија околу 30 отсто, во Црна Гора околу 20 отсто. На ниво на целиот Балкански Полуостров, муслиманите сочинуваат приближно 15-20 проценти од вкупната популација, при што концентрацијата е најголема во западниот и југозападниот дел. Ако имаме предвид дека Иран е исламско-шиитска држава, огромното мнозинство муслимани на Балканот се сунити – од 95 до 98 проценти, популацијата на шиитите на Балканот е многу мал, веројатно под еден-два процента од вкупниот број муслимани, тоа уште повеќе ја потврдува довербата на Алијансата во поддршката на активностите што ги спроведува од балканските простори. Но треба да имаме на ум дека прашањето околу Иран не е од верска природа, туку има безбедносно-геополитичка заднина.
Второто сценарио би ги опфатило регионалните ефекти. Како што напоменав, поширока ескалација на Блискиот Исток може да предизвика миграциски бранови преку балканската маршрута, ако се има предвид дека повеќепати низ историјата сме биле домаќини на голем број бегалци. Не се исклучени и појавите на зголемени хибридни закани, дезинформации и економски притисоци. Присуството на НАТО и американската база во Косово ја намалуваат веројатноста за директна воена закана, но ризикот од индиректни последици е умерен. Муслиманските заедници би можело индиректно да бидат опфатени преку медиуми или пропаганда, што ја нагласува важноста на институционалната интеграција.
Третото сценарио би ја опфатило глобалната поларизација, што подразбира дека антагонизмите меѓу САД и Иран ќе бидат почувствувани на Балканот преку економски и кибер-притисоци, политички поларизирани медиумски кампањи и можен притисок врз институциите. Интегрираните муслимански заедници, кои учествуваат во локалните и државни институции, ја зацврстуваат социјалната отпорност и го намалуваат ризикот од етничка нестабилност.
И последно, најлошото сценарио би било поширока регионална дестабилизација. Тоа би предизвикало масовни миграции, хибридни закани и економски притисоци. Но, и во вакво сценарио, класичната воена закана многу малку е веројатна поради безбедноста и стабилноста, која ни е загарантирана од страна на НАТО и присуството на партнери како што се САД, Велика Британија, Германија и други држави на Европската Унија. Муслиманските заедници и во вакво сценарио остануваат стабилни и интегрирани во општеството, кое придонесува за социјална кохезија.
ИНСТИТУЦИОНАЛЕН КАПАЦИТЕТ И РАНЛИВОСТ
Македонија има сериозен капацитет да издржи краткорочни потреси со оглед на тоа дека членството во НАТО, соработката со Турција и ЕУ и партнерствата со соседите обезбедуваат механизми за отпорност. Сепак, би можела да се случи ранливост поради внатрешнополитичката поларизација, евентуалните медиумски и социјални дезинформации, економската и енергетската зависност, временската проекција за наредните шест-12 месеци, што укажува на критичен период од четири до девет месеци, ако се има предвид говорот на американскиот претседател Трамп, во кој тој проектираше околу четири седмици за окончување на милитантното лидерство во Иран. Во меѓувреме, регионот би бил под евентуални хибридни закана и миграциски притисоци, со што би била ставена на тест стабилноста на Западен Балкан.
Стратегиските проекции би вклучувале засилување на разузнавањето, кибер-безбедноста и логистиката. Комуникациската стратегија би била опфатена во спречување на ширењето дезинформации, со оглед на тоа што во изминатата деценија, Македонија се соочи со значителни предизвици поврзани со манипулација и мешање со странски информации. Финансиската и енергетската поддршка би ги активирале диверзификацијата и складирањето ресурси. Истовремено, неопходна е редовната координација со НАТО, Турција и со ЕУ преку дипломатски и разузнавачки канали. А мониторингот на балканската маршрута за мигранти би се одвивал истовремено и строго мониторирано, како и контролата на хибридите закани.
Од сето наведено, Македонија го заслужува епитетот на стабилен остров во турбулентниот океан на глобални премрежиња и конфликти. Посетата на генералниот секретар на НАТО е јасен сигнал за поддршка и стратешко присуство на САД и НАТО во регионот и ја минимизира веројатноста за директна безбедносна опасност и закана. Главните предизвици се индиректните хибридни закани, миграциите и внатрешната политичка фрагментација. Постоењето сложена етничка и верска мозаичност, вклучувајќи ги муслиманските заедници, претставува интегриран елемент на стабилност и отпорност кон сите можни провокации. Подготвеноста и координацијата со меѓународните партнери остануваат клучни за одржување на стабилноста.
Македонија е стабилен остров во турбулентниот океан на глобални конфликти – но дури и островите мора да се подготват за брановите што доаѓаат.
Д-р Маја Гуштерова































