Балканизација и/или европеизација

Оваа колумна е инспирирана од изјави на две личности, кои не можат да бидат поразлични и подалеку една од друга во секоја смисла на зборот (од потеклото, позицијата, идеолошките ставови и моќта): претседателката на Македонија и Виџеј Прашад, познат индиски автор и левичарски активист. Првата е како свештеница на култот на ЕУ, а вториот – еден од најистакнатите хуманисти и марксисти.
Ќе почнам од вториот. Го следам со години и му се восхитувам на храброста и енергијата со кои се бори против сите зла што нè навјасале како човештво и за она за што мнозина или молчат или тивко соучествуваат. Кога пред неколку месеци ме покани да се придружам на една глобална иницијатива со име „НЕ за студена војна“ бев искрено почестена. Во потесниот совет сме 15 луѓе од сите континенти, се среќаваме онлајн секоја недела и разговараме за сите драматични настани и потоа се обидуваме во еден забеган свет да артикулираме мировни идеи. Секој од нас е, секако, и индивидуално активен таму каде што може. Но она што нè обединува е содржано во следниов став изразен во Јавна изјава потпишана од стотици и стотици луѓе низ светот: „Забележуваме сè поагресивни изјави и акции од страна на Владата на САД во однос на Кина. Овие постапки претставуваат закана за светскиот мир и пречка за човештвото успешно да се справи со крајно сериозните заеднички предизвици со кои се соочува, како што се климатските промени, контролата на пандемиите, расната дискриминација и економскиот развој. Затоа сметаме дека каква било нова студена војна би била целосно спротивна на интересите на човештвото. Наместо тоа, стоиме во поддршка на максимална глобална соработка со цел да се справиме со огромните предизвици со кои се соочуваме како вид“.
Се разбира, настаните што се наметнуваат како ургентни сè повеќе наведуваат кон ангажмани што се оддалечуваат (барем навидум) од основната идеја и мисија. На пример, распарчувањето на Сирија беше последната капка крв и очај што ја преполни чашата што се прелеваше од Газа и Либан. Виџеј е меѓу оние јавни интелектуалци што се неуморни во време на оваа најголема криза на човештвото и најчесто се согласувам со секој негов збор. Но во настапите што се однесуваат на Сирија неколкупати го употреби зборот „балканизација“, што ме натера да потскокнам од столчето. Секое споменување на таа кованица ме погодува во срце, на еден не само непријатен туку дури и навредлив начин. Му го кажав тоа, но немавме време да ја дебатираме подлабоката причина. Потоа сфатив дека мнозина (па дури и луѓе со македонско потекло) почнале да го вртат тој збор како најсоодветен да го опише крвавиот распад на Сирија (и истовременото прецртување на границите на регионот на Блискиот Исток).

Тоа ме натера на некој начин да се навратам на зборовите на Марија Тодорова („Замислувајќи го Балканот“): „’Балканизацијата‘ не само што почна да означува парцелизација на големи и одржливи политички единици туку стана и синоним за враќање кон племенското, заостанатото, примитивното, варварското. Во својата најнова хипостаза, особено во американската академска средина, таа е целосно деконтекстуализирана и парадигматски поврзана со низа проблеми. Фактот дека Балканот се опишува како ’Другиот‘ на Европа не бара посебен доказ. Она што се нагласува за Балканот е дека неговите жители не се грижат да се усогласат со стандардите на однесување што се воспоставени како вредносни од и за цивилизираниот свет. Како и секоја генерализација, така и оваа се заснова на редукционизам, но редукционизмот и стереотипизирањето на Балканот се од таков степен и интензитет што дискурсот заслужува и бара посебна анализа“. Накусо, Балканот служи (за жал, сега слушаме дека и натаму е тоа факт) за складирање негативни карактеристики наспроти кои е конструирана позитивната и самобендисана слика на „Европеецот“ и „Западот“.
„Балканизацијата“ на Сирија, како и таа на Балканот (по распадот на големите империи што го владееле со векови), не е ни резултат ни вина на нејзините жители, туку на надворешните сили. Но веќе добро знаеме дека ние, „локалците“ сме виновни за сите неуспеси да нè направат пристојни и цивилизирани (!?) луѓе/народи, а дека тие „западните мисионери“ секогаш доаѓаат со цивилизирачка мисија. Сега ја „цивилизираат“ распарчената Сирија со сликање и ракување со човек што од џихадист и кољач на ИСИС го облекоа во западно одело и му ја потскратија брадата, а и биографијата на Википедија веќе му е разубавена. Ете, тоа не го разбираат дури и нашите пријатели од глобалниот југ, кога не сакајќи употребуваат збор скован на и од Западот, а кој сè уште ни виси над главите и нè демонизира.
Нашите „прозападни свештеници“ само што не ни дале камшици сами да се камшикуваме секогаш кога ЕУ нема да биде задоволна од нашето право да бидеме Балканци (или, не дај Боже, Македонци во тој контекст). Таквите стереотипи живеат насекаде низ регионот, дури и во Грција – земја што одамна е во НАТО и ЕУ. На пример, во популарната грчка ТВ-серија „Маестро“ напати ќе чуете како главните ликови (од разни социјални слоеви), реферирајќи на ЕУ, ќе речат „ова е шанса да станеме Европејци“ (дејствието се одвива од кризата 2015 година до денес). Проблемот е што толку ни е набиен тој комплекс на инфериорност што веќе не сакаме да сме она што сме и што треба да бидеме, па сакаме да се „венчаме“ со ЕУ (таа алузија не е врзана само за Заев, туку буквално за сета политичка „елита“). Да станеме не-Балканци, туку нешто подобро од тоа… Нормално, во таа ЕУ-форија сите мижат пред темните петна на колонијална Европа чие богатство, убава архитектура, економска и политичка моќ се должат на векови колонизирање, геноцид и експлоатација на сите послаби од нив.

И да се вратам на претседателката и нејзината поетски кажана желба за Македонија во 2025 година (несвесна дека кога посакуваш нешто, тоа веднаш значи дека сето наведено го нема – вклучувајќи и демократија, благосостојба, развој, мир). Во интервју за национална телевизија буквално посака Македонија да станела „европска држава“ (по што следуваше познатиот рефрен за Копенхашките критериуми и многу фрази што како да излегле од устата на Урсула, а не од шеф на македонска држава плус и професорка). Во нејзиниот досегашен мандат веќе никој нема сомнеж дека е голем верник и следбеничка на ЕУ-идеологијата, па затоа и среде Генералното собрание на ООН зборуваше за „недовршената европска симфонија“, наместо за опасноста од нуклеарен судир или за Газа (патем, Зоран Милановиќ, старо/новиот претседател на Хрватска, без оглед што мислите за него лично, беше и остана единствениот што имаше храброст во кампања да зборува за геноцидот во Газа).
Останува нејасно од каде таквото слепило, кое во случајов може да се опише и како „ноќно слепило“ – затоа што над Европа е падната ноќ, ама сите глумат дека ги грее сонцето на „европските вредности“. Денешната ЕУ се тетерави, со влади што паѓаат како домино или како победници и претенденти се јавуваат ликови од крајната десница (видете ја Австрија, земјата што ни го смисли називот „Западен Балкан“ што е двојна стереотипизација и навреда за сите нас во овој специјален кафез за нецивилизираните Балканци). Или да зборуваме за поништувањето на претседателските избори во Романија (идеја што еден бивши ЕУ-комесар ја предлага и за Германија ако не победат „нивните“). Бајката за ЕУ завршува како дистопија, ама за хипнотизираните балкански (божем горди) лидери тоа е процес што не го гледаат или не сакаат да го видат. Со Трамп или без него, ЕУ месечари кон сопствениот распад. Или треба да речам, кон „балканизација“.

Што можеме да си посакаме во 2025 година? Прво и основно, да се ослободиме од комплексите што ни ги вградиле како невидлив чип, па и старо и младо сонува да не биде она што автентично е. Да се ослободиме од срамот од тоа што сме дел на еден регион што мина низ ужасни периоди, кои, во голема мера, се нивен, европски/западен/американски грев, а не наш. Треба ли да потсетам дека ЦИА имаше планови за „балканизација“ на СФРЈ, СССР, а сега веќе работи не само на Блискиот Исток туку и на Кина (со веќе не толку суптилните тврдења за наводен геноцид во Шјингџијанг, додека Ујгурите се веќе во врвот на ордата што го разорува прекрасното сириско општество)? Империјализмот чука на голема врата, ама за тоа во некоја наредна пригода. Засега, ќе го замолам Виџеј да размисли пред да спомне „балканизација“, а претседателката можеби ќе престане да биде европска сирена, бидејќи бродот и онака самата го нарече „Титаник“ уште пред многу години, кога пишуваше научни трудови. Можеби немаме многу нешта со кои можеме да се гордееме, ама пак не можеме нивната вина и стереотипи да си ги вградуваме во умот како да се чиста вистина, а не колонијалистички наратив за дисциплинирање на поданиците.