Пред десетина години во Скопје дојде комплетна телевизиска екипа, со силна современа техника, во рамките на својот регионален информативен циклус насловен „Балкан експрес“, и реализира програма директно од нашиот главен град, во која бев поканет и одговорив на темата „Медиуми регионални предизвици и зафати“. Тој забревтан медиумски воз протатни и низ Софија, Тирана, Букурешт, Приштина и на еден елегантен драматуршки концепт виртуелно обедини и покажа содржини од целиот Балкан, места, споменици, артефакти од славното отоманско минато. Убав пример на презентација на сопственото минато, сегашност, иднина, токму во време кога главните битки се водат во етерот и кога секој се обидува да изгради „концесија на небото“, што е цел и елементарна стратегија на секоја сериозна држава. Она што не минало низ медиумскиот продукциски хоризонт – не постои, тврдат и упорно нѐ потсетуваат теоретичарите
Според некои медиумски авторитети, како „сулејманизација“ и повторна отоманизација на Балканот е протолкувана силната наклонетост на гледалиштето кон турските серии, продукциски коректен програмски импорт, синхронизиран, присутен на неколку домашни ТВ-канали. Дури извикуваат „Турците доаѓаат“, „исламизација“… процеси за кои не сме ни свесни.
Масмедиумските симулации што секојдневно забрзано ја празнат стварноста, особено нашата македонска – од информативно-репродукциски содржини, остава неверојатно голем и празен простор во етерот. Неколку години странските играни серии и ентертејнмент се продукции што го пополнуваат тој дел на медиумски обзор испразнет од содржина. Во медиумските напредни средини, во „битката“ што се одвива од самиот почеток на појавата на телевизијата, тој моќен прозорец кон светот е извор што секојдневно го храни нашето спознание и зона во која секојдневно се движиме. Етерот треба да се штити со сопствена произведена програма, предупредуваат дузина медиумски душогрижници.
Ако во минатото од турската кинематографија сме навикнале да очекуваме интересни социјални пресеци, емигрантски сурови приказни, копродукции со силен етнобелег, филмови што освојуваа фестивалски престижни награди, признанија, кон крајот на минатиот век и на почетокот на овој во турската кинематографија нешто силно се менува. Филмските и телевизиските продукции брзо ги капираат потенцијалот и интересот на гледалиштето за сопствена продукција, огледало и пресек на една епоха што ја обележила цивилизацијата со својот грандиозен опсег. Турските серии на раскошен начин прераскажуваат дел од богатата и фасцинантна отоманска историја, но и приказни од современото живеење.
Да, тоа се сериите што го освоија и пленија гледалиштето последниве неколку години. Продукции, серии што на еден раскошен начин прераскажуваат дел од богатата и фасцинантна отоманска историја, која е зачувана во турските тефтери и архиви, но и приказни од современото живеење. По повод овој ненадеен медиумски пробив, се појавија анализи и коментари во „Вашингтон пост“ и во други угледни весници и списанија. Се огласија со голем број анализи социолози, естетичари, па и политичките аналитичари, кои во турските серии детектираа и препознаа скриена политичка агенда. Се огласи и контроверзниот и харизматичен турски лидер Ердоган, кој иако не се согласува со многу од прикажанато и покажаното, нема ништо против овој забревтан турски продукциски Балкан експрес. Сето наведено и уште долга низа асоцијации и дискурси се палетата од реакции и доживувања, иако станува збор за фикција создадена врз историски факти и современост; што се разбира во духот на жанрот, според потребите на драмскиот тек, може слободно да се интерпретираат, идеализираат, дотеруваат…
Пред десетина години во Скопје дојде комплетна телевизиска екипа, со силна современа техника, во рамките на својот регионален информативен циклус насловен „Балкан експрес“, и реализира програма директно од нашиот главен град, во која бев поканет и одговорив на темата „Медиуми регионални предизвици и зафати“. Тој забревтан медиумски воз протатни и низ Софија, Тирана, Букурешт, Приштина и на еден елегантен драматуршки концепт виртуелно обедини и покажа содржини од целиот Балкан, места, споменици, артефакти од славното отоманско минато. Убав пример на презентација на сопственото минато, сегашност, иднина, токму во време кога главните битки се водат во етерот и кога секој се обидува да изгради „концесија на небото“, што е цел и елементарна стратегија на секоја сериозна држава. Она што не минало низ медиумскиот продукциски хоризонт – не постои, тврдат и упорно нѐ потсетуваат теоретичарите.
А што се однесува до стравот од религиска и културна индоктринација, исламизација…, еве еден интересен пример од минатото. Во времето на Југославија, Црногорската радио-телевизија била обвинувана дека повремено на својата фреквенција вклучува одредени италијански ТВ-канали. На тоа се огласил претставник во сојузното собрание. „Ние во Црна Гора, не повремено, туку редовно дваесет години гледаме италијански програми. И не грижете се, ниеден Црногорец не станал католик!“, рекол тој.
И за крај ќе парафразирам дел од напис на почитуваниот покоен колумнист, пријател и сосед Димитар Мирчев: Ако пак тоа што му го нуди на регионот е мир во земјата, регионот и во светот, развој, инвестиции, трговија, ТВ-сулејманизацијата, солзите и воздишките не се никаков проблем, туку само поттик да се зафатиме за работа и да создадеме и понекоја наша играна серија – како „Преспав“, „Дајте музика“… убав показ и вистинска насока.