До 2025 г., 800 милиони луѓе ќе треба да се справуваат со недостиг од вода. Според Светската здравствена организација, најмалку две милијарди луѓе зависат од извори на вода за пиење што се контаминирани. Екстремното време многу влијае врз достапноста и квалитетот на ресурсите на свежа вода, предизвикувајќи природни катастрофи како што се суши и поплави. Експертите велат дека непредвидливото напојување со вода ги става во ризик социоекономскиот напредок и општествената добросостојба.
Индустријата ќе биде засегната еднакво. Во согласност со извештајот на Обединетите нации, 78 отсто од работните места во светот зависат од вода. Впрочем, 19 отсто од глобалната потрошувачка на свежа вода им се припишува на индустријата и енергијата. Бројката се зголемува до неверојатни 45 отсто во Европа. Преку Рамковната директива за води, Европската комисија одреди правила за да се сопре опаѓањето на статусот на водните ресурси во ЕУ, насочувајќи се кон намалување на загадувањето и осигурување дека има доволно вода за да се поддржат човечките потреби и дивиот свет.
Иако ефикасноста на користењето на водата континуирано се подобрува, сепак има загриженост за тоа како да се услужат сѐ поголемите потреби на популацијата и индустријата, наспроти климатските промени и намалените ресурси. Се проценува дека до 2050 г., глобалната побарувачка за вода ќе се зголеми за 20 отсто до 30 отсто. Недоволното финансирање може да спречи многу земји да ги направат многу потребните напредоци. Според податоците од 20 земји и територии во развој, ОН укажуваат на јаз во финансирањето од 61 отсто за постигнување на целите за вода и санитација.
Во многу области, ризиците од недостиг од вода можат значително да се намалат преку одржливо управување со водата и приспособувања на инфраструктурата со надградба на постојните системи и решавање на предизвиците што ги носат појавувачките загадувачи. Истите цели се применливи и за Западен Балкан, што треба да ги прошири достапноста на водата и санитарните услуги во согласност со стандардите на ЕУ и климатските размислувања. Кај повеќето земји, покриеноста со вода сѐ уште е значително мала со висок степен на неповратна вода (до 70 отсто) и фрагментирани услуги со неколку оператори. Загадување што честопати ги поминува границите, како и лошо управуваното земјоделско земјиште, разнообразноста на производството на храна и повисоката побарувачка на обновлива енергија може да доведе до прекумерна експлоатација и недостиг.
Понатамошната изградба на капацитети, продолженото подобрување на националната легислатива и стратегии за вода значително би ги зголемиле квалитетот и ефикасноста на услугите, би помогнале во заштита на водните ресурси и би ја зголемиле нивната климатска отпорност како последица на глобалното затоплување. Ние би поддржале повеќе партнерства за прекугранични проекти за вода што би можеле значително да придонесат за зголемена заштита на животната средина и пристапност на водните патишта во внатрешноста на земјите. Повисоката ефикасност и правилното управување со постојните ресурси исто така ќе придонесат за климатско ублажување и приспособување.
Како банка на ЕУ, Европската инвестициска банка (ЕИБ) е еден од најголемите заемодавачи на водниот сектор. Од изградба или надградба на инфраструктурата за санитација и пивка вода до намалување на ризиците од поплави, спречување ерозија и ревитализација на водотеците, заемодавањето на банката за одржливата сина економија достигна 6,7 милијарди евра помеѓу 2018 г. и 2022 г. на глобално ниво.
Во Западен Балкан, ЕИБ глобално, разгранокот на ЕИБ за активности надвор од Европа, продолжува да дејствува како клучен партнер за обезбедување техничка и финансиска поддршка за подобрување на безбедноста на водата и одржливо управување на постојните ресурси. Само до 2022 г., банката обезбеди 120 милиони евра за водни проекти во земјата во соработка со Владата на Северна Македонија и делегацијата на ЕУ. Средствата носат 50 милиони евра за воведување засилено снабдување со вода и услуги за отпадни води во 80 општини, како и најголемиот грант на ЕУ од вкупно 70 милиони евра за изградба на фабрика за третман на отпадни води во Скопје. Овие проекти треба да ѝ помогнат на земјата да го зголеми процентот на безбедно третирани домашни отпадни води (од тековните 5 отсто според Одржливите развојни цели на ОН), покриеноста со санитарни услуги (12 отсто), како и квалитетот на водата, управувањето и ефикасноста.
Водата е живот. И секој еден од нас има одговорност да ги штити нашите водни ресурси за да се заштитат животот, екосистемите и одржливиот развој на тековните и идните генерации. ЕУ, билатералните донатори и другите развојни партнери даваат многу значајна поддршка за да се помогнат централната и локалната власт за модернизирање на водниот сектор. Ќе бидат потребни продолжена соработка и добро координирани дејства за да се направи разлика во земјата. Во Европската инвестициска банка целосно сме мобилизирани да го одиграме нашиот дел, заедно со нашите македонски колеги и партнерите на земјата.
Бјорн Габриел
Авторот е претставник на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Македонија